Колумна на Маринела Бошкоски-Менаџер за човечки ресурси во Telelink Infra Services Macedonia
Секоја компанија ги има но ретко кој ги разбира – визија и мисија, обично напишани со голема внимателност и кога се правилно дефинирани можат да играат клучна улога во успехот на една компанија.
Што е визија?
Визијата на компанијата претставува нејзината долгорочна амбиција, нешто што се стреми да постигне компанијата. Таа е ѕвезда- водилка што дава насока на сите вработени. Добро дефинирана визија не само што инспирира, туку и мотивира тимови да работат со страст и посветеност. Кога компанијата има јасна визија, секој вработен може да ја препознае својата улога во градењето на заедничкиот успех.
Што е мисија?
Мисијата е поконкретна и опишува што прави компанијата за да ја оствари својата визија. Добра мисија им дава на вработените јасна слика за тоа како нивната работа придонесува за остварување на поголемата цел.
Зошто се потребни?
Иако визијата и мисијата звучат инспиративно, нивното вистинско влијание зависи од тоа колку се интегрирани во секојдневното работење.
Компаниите кои навистина ги користат како водич успеваат да создадат мотивирачка средина, подобра организациска култура и поголема продуктивност кај вработените.
Реалноста ….
Визија и мисија = Корпоративни бајки што никој не ги чита
Визијата ги претставува големите соништа на компанијата
Таа е како мотивациски постер – изгледа убаво, но ретко кој го сфаќа сериозно. Најчесто содржи зборови како „иновативни решенија“, „лидери во индустријата“ „континуирано подобрување “…
Никој во компанијата нема поим што точно значи тоа. Ако случајно прашате некој вработен за визијата, ќе ве погледне како да сте побарале да ја рецитира химната на Монголија.
Мисијата е бизнис план во поетска форма
Иако е помалку амбициозна од визијата, таа е подеднакво замаглена во маглата на корпоративниот јазик. Наместо директно да каже „Ние продаваме телефони и од тоа заработуваме“, компанијата ќе напише: „Посветени сме на обезбедување врвно корисничко искуство преку врвни комуникациски решенија“.
….И збор – два за компаниските вредности, кои најчесто се – Интегритет, Тимска работа, Иновативност, Флексибилност …
Ако се наоѓате во компанија каде што:
Интегритетот НЕ значи – не крадеме (пред камери),
Тимската работа НЕ значи – работиме двајца , ама заслугата е на тројца ,
Иновативноста НЕ значи – ги сменивме боите на Ексел Табелите и
Флексибилноста НЕ значи – ќе работите од дома , ама за викенд
… значи дека сте на вистинското место .
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.