Work-life balance потреба или уште еден мит?

од 24HR

Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Work-life balance, или, рамнотежа помеѓу работата и животот. Погрешно од самиот почеток, нели. Работата не е живот? Животот не е работа? Треба ли да гледаме на животот како нешто што се случува само надвор од работното место? Во она што го нарекуваме слободно време? Колку несреќен концепт. Се надевам, и надминат.

Животот е целина. Еден, единствен. И ти си таков, еден, единствен. Истиот Ти се буди со аларм наутро, брза да го среди домот, децата, себеси, да и остави храна на мачката, да го прошета кучето, да им го исчисти кафезот на папагалите, да ги нахрани рипчињата во аквариумот. Истиот Ти чека ред во најблиската пекара, вдишувајќи ги мирисите на потпечен сусам кој испарува од гевреците, на мрсниот бурек, на пирошката со кашкавал, за да го земе своето парче пита со праз, како убедување дека денот ќе биде таков – мирисен, топол, убав.. Истиот Ти во гужвите во јавниот сообраќај. На состанокот закажан во девет (кому ли му текнало да го закаже толку рано!). Ти на телефон, кога треба да го ислушаш нервозниот клиент. Ти во погон. Ти на компјутер. Ти зад машината. Ти на пауза, додека го пиеш полека своето кафе. Ти, кога денот ќе те подземе и веќе не знаеш дали е 12 часот или дошло време за заминување. Ти на пат кон дома. Во маркет. Ти со соседите во лифтот. Ти и ручекот кој треба да се загрее, салатата што треба да се исецка, чиниите што треба да се измијат. Ти во парк. Ти на театар. Ти на концерт. Ти во теретана. Ти пред ТВ, следејќи што се случува во светот (и лутејќи се на сето тоа, истовремено). Ти, чаша вино и неколку пријатели. Ти, конечно во кревет, каде те чека омилената перница. Или несоницата, сеедно. Во кој момент од денот си бил без себе? Кога си можел да кажеш дека тоа не си ти, дека оној Ти си го оставил некаде, на некое посреќно место, каде те чека да завршиш со обврските и да продолжите да си бидете заедно, среќни?

Нема такво место, драги мои. Си се носиме себеси секаде, цел ден сме си ние. И тоа е така убаво и страшно. Зошто страшно? Затоа што секој миг се брои. Животот е неразделива целина. Ако не си задоволен на работното место, тоа незадоволство ќе си го однесеш дома. Ако си несреќен во врската, бракот, семејството, тоа ќе се почувствува во твојата работа. Не постои математичка поделба на денот, легендарното 8 часа работа, 8 часа одмор, 8 часа слободно време. Затоа што сме луѓе. Затоа што немаме резервна душа, немаме две тела, немаме едно срце за на работа, друго за со семејството, трето за часовите поминати сам со себе.

Сум имала моменти во животот кога ни Р од рамнотежа сум немала. Растргната меѓу малечкото што не престанува да кашла, иако го испило сирупчето, меѓу големото што се вратило со модринка под окото (настаната во караница со тоа немирното дете што сите ги малтретира), меѓу проблемите дома, парите што никако да се развлечат доволно за да потраат до крајот на месецот, работата ми била место каде што сум наоѓала некаков мир. Друг свет, други луѓе, други разговори. Луѓе што те гледаат поинаку од оние дома. Некогаш едвај сум чекала да дојде понеделник и пак да се вратам на работа (не ме распнувајте де!).

Во други пак, работата била толку важна (нов проект, нов претпоставен, нов софтвер, нови извештаји, нова работна задача) што сум била целосно преокупирана со тоа – ќе успеам ли да го направам, ќе биде ли квалитетно завршено, ќе оди ли се според планот, ќе бидат ли задоволни клиентите/претпоставените/колегите.. Сум се будела и заспивала со тие мисли.

И, не било ли исправно? Не знам. Знам само дека во тој момент било единствено можно, барем за мене, барем за оваа Јас. И едното и другото било живот.

И, не се само тие два дела од животот.

Не заборавај на твоето тело – ти треба движење, сонце, природа, ти треба здрава храна, одмор, сон..

Не заборавај на интелектуалниот дел – да прочиташ убава книга, да ислушаш добар поткаст, да гледаш документарец за тоа што ти е важно.

Никако немој да заборавиш на емотивниот – да бидеш виден, слушнат, разбран, да се почувствуваш прифатен, почитуван, сакан. Да љубиш

Спиритуалниот дел – без оглед дали си верник или атеист, душата сака време за себе. Оддели малку време во кое ќе бидеш сам со себе, со своите мисли и чувства. Прашај се како си. Каде си. Добар ли си. И, сакај се малку повеќе.

Сакам да кажам, без оглед на сите тие силни залагања за рамнотежа, животот си тече. Не го собира во дефиниции.

Времето поминато на работното место треба да биде нешто што ќе те направи задоволен од себе. Твојата работа има смисла. Придонесуваш за реализирање на целите на твојот оддел, компанија. Произведуваш производ/услуга кој е потребен на пазарот. Работиш во дејност која значи подобра информираност на илијадници луѓе. Или, работиш во област која директно влијае врз квалитетот на животот на сите. Или, накратко, ти си важен дел од ова општество и без твојата работа ништо не би било исто. Јасно?

Тие осум (некогаш и повеќе) часа во денот се исто, твои. Направи ги да бидат убави. Учи во нив. Расти. Здобивај се со нови искуства, избори се со предизвиците, научи нова вештина, помогни на колега, иако не е твоја работа. Секое нешто што ќе го доживееш на работното место, утре ќе биде дел од тебе, од пакетот наречен Ти. По него ќе те почитуваат, според него ќе те плаќаат, ради него ќе ти нудат подобри работни позиции.

На останатиот дел од денот не гледај како на траење. Не е битно колку време ќе поминеш со некого, тоа што се брои е колку квалитетно е поминато тоа време. Биди присутен во се што правиш. Кога трчаш, пушти си го омилениот албум на слушалки и трчај. Кога возиш, гледај ги облаците, небото, дрвјата покрај патот (сте забележале ли како се менуваат боите? Се е црвено, златно, портокалово, зелено.. Уживајте во есента). Кога си играш со детето, дозволи си да бидеш дете. Играј си, цртај, рецитирај песнички, лепи стикери во боенката. Кога си со родителите, слушај ги што зборуваат, гушни ги. Затоа што си човек, не машина програмирана на третинки, осминки или не знам какви делови од денот.

Свесно анализирај го својот живот. Сите делови што не носат задоволство, бараат промена. Затоа што животот е целина, една, неделлива.

Уживајте во секој миг од него!

За авторот:

Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...