Значењето на Growth Mindset концептот во организациите

од 24HR

Колумна на Mарија Сиљановска – претставник за човечки ресурси во Телеперформанс Скопје.

Како претставник за човечки ресурси во компанија со над 300 вработени можам да кажам дека работата со луѓе и грижата за нивна мотивација, благосостојба и задржување е постојан предизвик.

Growth Mindset е познат како концепт според коj вештините, способностите и прилагодливоста можат да бидат подобрени а нивното континуирано подобрување во рамките на  организациите е една повисока цел. Конкретно, примената на овој концепт во организациска смисла значи градење на таква култура во која сите вработени се гледаат како потенцијал, се поттикнати на развој на нивните вештини, а нивниот напредок е секогаш признат и награден.

Овој концепт едноставно би го опишала како способност за прилагодување кон промени и желба за континуирано учење. Growth Mindset вработен е оној кој секоја можност за напредок и учење ја гледа како предизвик, можност да се стане подобар, да се подобрат вештините и да се излезе надвор од зоната на комфор. Спротивно на тоа е концептот на fixed mindset – верување дека талентот е вроден, одбивност кон промени, состојба во која вработениот се плаши да научи и проба нешто ново од страв од неуспех. Со тоа се оневозможува процесот за негов кариерен напредок.

Како негувањето на Growth Mindset културата помага во развојот на една организација? Овој коцепт е од непроценлива вредност во однос на правење на промени и раст на организациите, особено во однос на подобрување на менаџментот на перформансите на вработените. Вработените со ваков mindset се секогаш отворени за давање и примање конструктивен фидбек, што е клучен сегмент за менаџирање на нивниот перформанс, без оглед на позицијата на која се наоѓаат. Според одредени истражувања докажано е дека човечкиот мозок реагира многу поразлично на фидбек во зависност од состојбата на fixed или Growth Mindset. Колку што вработените се поотворени за давање и примање фидбек, толку подобро можат да ги осознаат и прифатат областите во кои треба да се надоградуваат. Од друга страна, Growth Mindset менаџерите се способни правилно да ги измерат перформансите на своите вработени а потоа соодветно и да го поттикнат нивниот напредок и учење.

Исто така овој принцип е доста важен во однос на градењето на тимска култура во организацијата и функционирањето на тимовите. Оваа култура развива повисоко ниво на доверба, соработка и зајакнување на тимовите. Водејќи се од овој концепт, вработените кои работат во тимови го споделуваат своето знаење и стратегии. Growth Mindset вработените своите колеги не ги гледаат како конкуренција која треба да се победи, туку како предизвик за учење  нешто ново од нив и соработка во остварување на заедничките цели а со тоа и целите на организацијата.

Способноста на организациите за регрутација на вработени кои го негуваат и применуваат принципот на Growth Mindset е многу важна, но уште поважно е негово негување во рамките на самата организација кај веќе постоечките вработени.

Целта на секоја организација е градење и одржување на оваа култура на прилагодливост, отвореност, давање и примање констуруктивна критика и создавање на што поагилни вработени кои ќе се соочат со сите нови предизвици на современото работење. За тоа секако е потребна стратегија, континуирана интеракција со вработените, вложување во нивно дообучување, негување на нивните soft skills и со тоа негување на Growth Mindset духот.

За авторот:

Марија Силјановска е претставник за човечки ресурси во Телеперформанс Скопје. Огромната љубов и пасија кон работата со луѓе е она што ме поттикна со дополнителна доедукација да ја продолжам мојата кариера во оваа област, иако по образование сум дипломиран правник. Тимот за човечки ресурси е мостот помеѓу компанијата и вработените, па сметам дека оваа професија е доста одговорна и динамична, а во исто време и исполнувачка.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...