Без мотивирани вработени ниедна компанија не би била успешна

од 24HR

Интервју со Драган Димитров – Виш соработник за човечки ресурси во Агенцијата за лекови и медицински средства.

Во приватниот живот Драган е татко и сопруг. По природа е дружељубив, ведар и насмеан лик кој секогаш своето слободно време го поминува со семејството и пријателите. Исто така има неколку хобија како што се играње видео игри, слушање музика и гледање научно фантастични филмови.

На професионален план е магистер по правни науки, кој веќе 5 години е дел од одделот за човечки ресурси во Агенцијата за лекови и медицински средства. Секогаш се стреми да го надогради своето знаење во делот на менаџирање со човечки ресурси преку различни академии, обуки, вебинари.

Што ве натера да се вљубите во HR како професија?

Искрено да кажам не беше љубов на прв поглед како професија. Поради потребата некој да ги извршува работните задачи во одделот за човечки ресурси, на еден начин ми беше наметнато да почнам да работам и во тој дел. Додека ги извршував работните задачи, сфатив дека HR е широка и динамична професија полна со предизвици и иновации, каде што вистинскиот професионалец треба секогаш да се надоградува, да ги следи трендовите, да се грижи за вработените и да помогне во градење на културата внатре во организацијата. Има и еден клучен момент, а тоа е кога вработениот со насмевка ќе го заврши разговорот со вас. Така љубовта се роди да работам како HR професионалец, и од тогаш целосно се пренасочив и почнав да се надоградувам во HR професијата.

Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?

Додека бев на правни студии, почнав да работам во адвокатска канцеларија како практикант. Почнав да учам за адвокатурата и за граѓанското право како е во пракса, и да размислувам за својата иднина. По неколку месечна пракса во сплет на околности се вклучив во семејниот бизнис каде што работев се до дипломирањето на факултет. Потоа како правник  се вработив во Агенцијата за лекови и медицински средства во одделот за правни и општи работи каде што работев една година. Како што споменав погоре додека работев во одделот за правни и општи работи дополнително почнав да работам и во одделот за човечки ресурси. И така од 2016-та година целосно се пренасочив кон човечките ресурси, се доквалифицирав и надградив во тој дел преку различни академии, обуки и семинари.

Вашето најголемо HR достигнување?

Не можам да одвојам најголемо HR достигнување. Самата HR професија се базира на тимско размислување и работење, односно во процесите освен што учествуваат вработените од HR одделот, учествуваат и вработените од другите оддели. Затоа би кажал секое достигнување не е индивидуално туку е тимско достигнување.

Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во HR?

HR професијата е динамична, иновативна и полна со предизвици меѓутоа и радосни моменти. Секогаш треба да бидете во чекор со трендовите, да внесувате нови практики  со цел постојано да се надоградувате. Самиот збор Human во називот на професијата, се подразбира дека се работи за луѓето односно за вработените во една организација. Потребно е да имате неколку основни карактеристики како љубов, трпение и емпатија спрема вработените. Ваша цел е да ги слушнете и разберете потребите на вработените и да бидете мост помеѓу вработените и менаџментот. Без мотивирани вработени ниедна компанија не би била успешна. From people to people.

Што мислите за порталот 24HR?

Дефинитивно кај нас недостасуваше портал како 24HR. Секогаш има интересни статии, колумни каде што може многу да се научи. Би можел да кажам дека е интернет катче за споделување на знаења-искуства-практики во HR професијата и запознавање со HR заедницата кај нас. Одлична идеја со успешна реализација.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...