После долгогодишно проучување, Google користи неколку едноставни прашања за да ги идентификува најдобрите лидери во компанијата.
Големите компании се изградени од големи лидери. Затоа, способноста да се идентификуваат и привлечат талентирани луѓе е скоро толку важна како и способноста за развој на талентирани луѓе.
Но, бидејќи лидерството е повеќе уметност отколку наука, како може објективно да процениме дали некој е добар лидер?
Тоа е одлично прашање, имајќи го предвид фактот дека на еден Google му требаше значително време и напор за да го пронајде одговорот.
Google, како една од најголемите аналитички компании во светот најпрво успеа да ги идентификува клучните однесувања на најдобрите менаџери, а потоа, започна да ги прашува членовите на нивните тимови да оценат неколку изјави на скала од 1 (целосно се согласувам) до 5 (целосно не се согласувам).
Еве ги изјавите кои Google ги користи за оценување на лидерските способности на менаџерите:
- Мојот менаџер ми дава активни повратни информации кои ми помагаат да ги подобрам своите перформанси.
- Мојот менаџер не „микроменаџира“ (не се впушта во детали кои треба да се препуштат на пониските нивоа).
- Мојот менаџер покажува внимание за мене како личност.
- Дејствијата на мојот менаџер покажуваат дека тој/таа ја цени перспективата која му ја давам на тимот, дури и ако е различна од неговата/нејзината.
- Мојот менаџер го одржува тимот фокусиран на нашите приоритетни резултати/испораки.
- Мојот менаџер редовно споделува релевантни информации кои ги добива од својот претпоставен.
- Мојот менаџер има дискутирано со мене за развојот на мојата кариера во изминатите шест месеци.
- Мојот менаџер комуницира јасни цели за нашиот тим.
- Мојот менаџер поседува техничка експертиза неопходна за ефикасно да ме менаџира.
- Би го препорачал мојот менаџер на другите вработени во Google.
- Задоволен/на сум со перформансот на мојот менаџер.
Потоа, од вработените Google бара да дадат одговор на две прашања:
- Што е тоа што би му порачале на вашиот менаџер да продолжи и натаму да го прави?
- Што би промениле кај вашиот менаџер?
Забележете дека само едно прашање (број 9) бара од вработените да ги оценат техничките вештини на својот менаџер.
Најдобрите менаџери се оние кои им помагаат на своите тимови да успеат. Евалуацијата на Google не троши време за проценка на техничките знаења, вештини и искуството на менаџерот. Сите, освен едно прашање, се фокусираат на меките вештини: комуникација, фидбек, коучинг, тимска работа, почит и внимание.
Google знае дека добрите лидери воспоставуваат стандарди и насоки, а потоа им даваат целосна автономија на своите вработени да работат на начинот на кој најдобро знаат.
Добрите лидери им овозможуваат на своите вработени да го претворат зборот „морам“ во „сакам“ затоа што тоа ја претвора работата во нешто многу позначајно: надворешен израз на уникатните вештини, таленти и искуства на секоја личност.
Направете го тоа и можете да изградите одличен тим.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.