Моето искуство како консултант за регрутација

од 24HR

Пишува Јулијана Миновска, HR Директор на The HeadHunter во Македонија

Работејќи долги години како консултант за регрутација и headhunting кој разговара со десетици луѓе секоја недела, мојата работа е да пронајдам кандидати кои одговараат на достапните позиции и профили.

Не сакам да го трошам времето на кандидатот спојувајќи го со работна позиција за која нема да биде заинтересиран. Ниту пак сакам да го трошам времето на клиентот со тоа што ќе му испратам кандидат кој не е соодветен за позицијата или воопшто не е заинтересиран за неа.

Понекогаш, тоа е една од причините зошто консултантите за регрутација имаат лоша репутација. На состаноците со клиентите, премногу често слушам од нив дека им биле испратени кандидати кои не се ниту блиску до тоа што се бара за позицијата или нивната корпоративна култура. Ова ме збунува и ме тера да се запрашам: дали и консултантите за регрутација сакаат да си го трошат своето време?

Конкуренцијата во индустријата за регрутација е многу агресивна. Ние како регрутери и консултанти за headhunting треба да внимаваме на нашата репутација правејќи ги работите поинаку. Треба да престанеме да размислуваме за краткорочните подобрувања и, наместо тоа, да се фокусираме на обезбедување долгорочна вредност за кандидатите и клиентите, инвестирајќи и градејќи релации базирани на доверба и транспарентност.

Првиот телефонски повик е најважен

Првиот телефонски повик со кандидатот е веројатно најважниот повик во целиот процес. Сакам да дознаам колку што можам повеќе – на крајот на краиштата, колку повеќе информации имам, толку поголеми се шансите да ја ставам таа индивидуа на вистинската позиција, во вистинската компанија.

Иницијалниот повик е исто така шанса да се процени дали кандидатот е заинтересиран и посветен на процесот. Ова помага да се ограничат шансите за какви било „неуспеси“ – како што е кандидатот да се откаже – и гарантира дека одржуваме одлични односи со нашите клиенти.

Кога станува збор за прашања, прашувам работи како:

  • Како би се опишале себеси?
  • Каде се наоѓате?
  • Што сакате да постигнете во вашата кариера?
  • Зошто сакате да ја напуштите вашата работа?
  • Што е тоа што го барате на новата позиција?
  • Како изгледа вашата совршена работа?
  • Кои се вашите најсилни страни?
  • Што е тоа што му го давате на тимот?
  • Што е тоа со што најмногу се гордеете во вашата кариера?

Клучот е во вистинските прашања

Очигледно, секоја позиција е уникатна и клентите бараат различни квалитети и вештини кај кандидатите за да одговараат на нивната култура. Затоа, ќе поставам и прилагодени прашања за да извлечам одредени информации кои клиентот и јас сакаме да ги знаеме за кандидатот.

Поставувањето на многу прашања им оди во прилог на сите – кандидатот, клиентот и мене. Можам точно да проценам дали карактеристиките на кандидатот се соодветни за компанијата и за возврат, да утврдам дали компанијата може да му го понуди на кандидатот она што тој го бара во блиска иднина. Колку повеќе сум информирана, толку подобро можам да ја завршам работата.

Прашањата што ги поставувам, исто така, ги охрабруваат кандидатите да размислат малку подлабоко за нивната работна позиција. Ги прашувам зошто заминуваат за да ги натерам да размислат за тоа што не им се допаѓа на нивната моментална позиција, со цел да не завршат на истото работно место со истите карактеристики. Прашувам и што е тоа што го бараат кај работодавачот – во однос на вредностите, можностите за развој, културата и бенефициите – за да бидам сигурна дека понеделничкото утро ќе го очекуваат со нетрпение, а не со страв. Конечно, им помагам да ги откријат најважните индивидуални фактори кои влијаат на тоа да се чувствуваат среќни и исполнети на работното место.

Ние поминуваме повеќе време на работа отколку дома со семејствата, па затоа е важно да имаме работни места што ги сакаме. Кандидатите треба да се совпаднат со работни позиции кои ќе ги задоволат сите нивни барања за успех, додека клиентите треба да бидат поврзани со кандидати кои имаат соодветни вештини и искуство, но истовремено одговараат на културата на компанијата. Како регрутер, мојата улога и должност е да направам тоа да се случи.

 

0 коментар
9

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...