Не работете во слободно време. Сериозно.

од 24HR

Работењето во слободно време предизвикува конфликт помеѓу личните и професионалните цели, што во крајна линија резултира со пад на внатрешната мотивација за работа.

Начинот како и кога работиме фундаментално се менува. Податоците од истражувањето на American Time спроведено во 2018 година укажуваат на тоа дека 30% од вработените со полно работно време работат и за време на викенди и празници, па така, дури и кога луѓето официјално се на одмор, тоа не значи дека престануваат со работа.

Покрај тоа, неодамнешната глобална промена кон далечинско работење како резултат на кризата поради Ковид-19 може дополнително да ја влоши ситуацијата бидејќи формалните граници што ја делат работата од слободното време стануваат уште позаматени, со тоа што вработените може да се чувствуваат конфликтно во врска со тоа кога е – и кога не е – време за работа.

Многу луѓе претпоставуваат дека флексибилноста сами да си го одредуваме работното време ќе ја зголеми нашата мотивација. Можноста самостојно да си поставиме свој распоред треба да нè поттикне да ги координираме нашите работни денови за да ја зголемиме продуктивноста на работа, што би сугерирарло дека луѓето можат да бидат помотивирани кога работат за време на викендите и празниците.

Освен тоа, истражувањата покажуваат дека кога се држите себеси зафатени (спротивно од тоа да не правите ништо) може да ве натера да се чувствувате продуктивни, а со тоа и да ја направите вашата работа позначајна, сугерирајќи дека работењето во време кога другите одмораат всушност може да ја поттикне мотивацијата.

Сепак, едно истражување на професорите Лаура М. Жиурж и Катлин Воли објавено во Harvard Business Review го покажува спротивното. Работењето за викенди и празници го поткопува еден од најважните фактори што одредува дали луѓето ќе опстанат во својата работа, а тоа е внатрешната мотивација. Според нив, луѓето се чувствуваат мотивирани одвнатре кога се занимаваат со активности за кои сметаат дека се интересни, пријатни и значајни. Нивните податоци покажуваат дека работењето во слободно време создава внатрешен конфликт помеѓу личните и професионалните цели, што ги тера луѓето помалку да уживаат во својата работа. Дури и самите автори, кои еден дел од ова истражување го спроведувале за време на викендите и празниците, го почувствувале ова, но велат дека решение сепак постои, а тоа е: реафирмирање на слободното време како „работно време“ може да им помогне на луѓето да ја задржат внатрешната мотивација за својата работа.

Како влијае работата во текот на слободното време врз нашата внатрешна мотивација?

За да одговорат на ова прашање, авторите анализираат податоци од национално репрезентативен примерок во кој се вклучени 1.298 вработени во САД. Во истражувањето, вработените посочиле дали работеле неколку денови за време на викенд или работеле само од понеделник до петок. Во оваа база на податоци, внатрешната мотивација е измерена преку тврдења како што се: „работата што ја работам е значајна за мене“ и „мојата работа ми дозволува да ги искористам своите вештини и способности“.

Авторите на истражувањето откриле дека во просек, луѓето кои работат за време на викенд имаат помала внатрешна мотивација за работа. Со оглед на постоечката корелација, можно е да има и други фактори кои може да влијаат на внатрешната мотивација на луѓето, како што е на пример, работењето на пониска позиција. Но, дури и кога се контролираат одредени фактори како приходите на домаќинството, степенот на образование, неделното работно време и генералното задоволство од животот, врската помеѓу работното време и внатрешната мотивација е константна.

За понатамошно испитување на врската помеѓу работното време и внатрешната мотивација, направени се четири дополнителни експерименти на возрасни лица кои работат за време на викендот и на студенти кои студираат за време на училишни празници. Сите експерименти покажале дека работењето во слободно време ја намалува внатрешната мотивација на луѓето за нивната работа.

Зошто работата во слободно време ја поткопува внатрешната мотивација?

Одговорот се крие во причината зошто многумина мислат дека понеделник е „вистинскиот“ почеток на неделата. Вообичаено, луѓето го категоризираат своето време како време за работа и слободно време. Кога се занимаваат со работа во период кој е категоризиран како слободно време, тие доживуваат конфликт помеѓу своите очекувања и самата реалност, и како резултат на тоа, нивната работа станува помалку значајна.

Што да направите ако треба да работите за време на слободно време?

За жал, за поголемиот број професии, повремената работа за време на викендите и празниците е неизбежна. Па, што може да направите за да останете мотивирани кога треба да работите во слободно време? Во истражувањето, авторите откриваат интервентна стратегија која им помогнала на студентите кои учат за време на пролетниот распуст и на вработените кои работат во сабота да ја задржат својата внатрешна мотивација преку реафирмирање на слободното време како време за работа.

Тие во една студија анализирале две групи на вработени кои морале да работат во сабота. На едната група ѝ кажале дека луѓето обично ги користат викендите за да ги завршат недовршените работи или да напредуваат во својата работа, а на другата дека луѓето обично ги користат викендите за да се опуштат и да се одморат од работа. Крајните резултати покажале дека и покрај тоа што двете групи работеле за време на одмор, првата група се чувствувала позаинтересирано и пофокусирано на своите цели токму поради тоа што на слободното време гледа како на време за работа (наспроти време за одмор).

Дали работењето во слободно време ја поткопува целата работна мотивација?

Треба да се напомене дека внатрешната мотивација не е единствениот вид на мотивација што ги инспирира луѓето да работат. Луѓето, исто така, работат заради надворешна мотивација (т.е. да заработат плата, да ги издржат своите семејства и сл.). И додека работењето за време на одмор има негативен ефект врз внатрешната мотивација за работа, во текот на своите анализи, авторите не откриле докази дека тоа ја засега надворешната мотивација на луѓето.

Ова значи дека конфликтот помеѓу личните и професионалните цели кој произлегува од работењето за време на викенди и празници иако ги поткопува нашите намери да најдеме значајност во нашата работа, тоа не ја менува вредноста на тоа да се заработи плата или да се има сигурно работно место. Како и да е, едно друго истражување на Катлин Воли и Ејлет Фишбах покажува дека без внатрешна мотивација, надворешната мотивација во најголемиот број случаеви не е доволна да ги задржи луѓето мотивирани и да ги натера да ја извршуваат својата работа во најдобро светло.

 

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...