HR е мостот што ги поврзува вработените и менаџментот

од 24HR

HR интервју со Соња Алексиќ, директор на секторот за човечки ресурси во Тинекс МТ

„Да се живее не значи да се постои, туку љуби и создава“ е мислата која ја води и мотивира нашата денешна соговорничка во рубриката „Љубов кон HR“. Соња Алексиќ е дипломиран правник и магистер по човечки ресурси со 15 годишно искуство во областа на човечките ресурси. Мајка, љубител на поп-рок музика, планини и природа, белетристика и психологија. Во хороскоп вага, во подзнак лав, верува во карма, но пред сè во личен труд, заложба и пожртвуваност.

Сега, откако ја запознавме Соња како личност, да ја запознаеме и како професионалец. Што ве натера да се вљубите во HR-от како професија?

Можноста да ги доближите размислувањата и барањата на вработените до сопствениците од една страна, воедно да ги реализирате целите на сопствениците (генералните директори) преку продуктивни и мотивирани вработени од друга страна.

Секој од нас има свои јаки страни, таленти, способности и вештини. Токму ЧР е тој кој треба да ги согледа овие работи и искористи на вистински начин кон реализирање на успех на индивидуално и компаниско поле. Проценката на вработените, пронаоѓање на нивното вистинско место и креирање на исполнет вработен е она што мене најмногу ми се допаѓа и исполнува кај оваа професија.

ЧР е своевиден мост кој ги доближува едните и другите, креира синергија, им помага на луѓето да ги разберат целите имајќи групен и индивидуален пристап кон вработените, откривајќи ги нивните јаки и слаби страни, таленти, способности и вештини во насока на исполнување на работните задачи и одговорности.

Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?

Мое првенче беше Златна Рака М, семеен бизнис, каде имав можност се што учев/студирав/се обучував да применувам директно во пракса, започнувајќи со административно-правните работи, а потоа навлегувајќи и во делот на перформанс и наградување – тоа беше далечната 2006 кога во Македонија многу малку се зборуваше за ЧР.

Потоа следна компанија со која потпишав соработка беше Семос Едукација каде се развивав во делот на регрутација, преговарачки вештини и мотивација на вработените што беше повеќе од потребно во ИТ светот, а во зародиш во другите компании. Во тој период ја завршив и академијата за човечки ресурси на CS Global која беше своевиден спој на теорија и пракса и како почетник ми беше од голема полза.

Следниот предизвик ми беше Никоб обезбедување каде веќе имаше Сектор за човечки ресурси за чиј менаџер бев поставена. Во тој период компанијата броеше од 900-1000 вработени, сега се повеќе, и беше вистинска можност за еден млад човек да работи, учи и имплементира процеси и стандарди од областа на ЧР, земајќи го во предвид и фактот дека компанијата беше  отворена  за нови размислувања и сваќања, како и следење на актуелните состојби и потреби на модерниот менаџмент. Се инвестираше многу во тренинг, развојни програми, разни типови на обуки и едукации за вработените.

Во Никоб воведувавме мерење на перформанс, евалуации, креиравме систем за награди, програми за мотивација итн. Тука веќе почнав сè подлабоко да навлегувам во сите процеси на ЧР и активно да ги имплементирам во работењето.

Следниот чекор во кариерата ми беше во Куманово, тоа се повеќе компании на исти сопственици од областа на производство, градежна компанија и авто индустрија, по број на вработени околу 1500. Таму го креирав секторот за човечки ресурси од процеси до вработување и обучување на персонал за таа намена и постепено почнав да ги имплементирам процесите.

Сега сум веќе 2,5 години директор на секторот за човечки ресурси во Тинекс МТ, лидер на пазарот во малопродажба со 1400 вработени. Во нашето семејство освен добро познатиот ланец на маркети се и брендовите Тинекс Космо, Ту Го, Тинекс Хоме, Дејли, три трговски центри и игротека, еден развиен систем кој функционира успешно на пазарот веќе над 25 години, а секоја година се унапредува и развива. Човечки ресурси како посебен сектор е релативно нов и со соочува со бројни предизвици но и можности за развој и напредок. Веќе воведовме систем на менторство, интерен тренинг центар со интерни обучувачи, креираме системи за наградување, развиваме логистички центар и активно работиме со вработените.

Секогаш е потешко да се воведуваат новитети во веќе постоечки и разработен систем со стекнати навики отколку во start up кога сè се воспоставува од почеток, но токму затоа и предизвикот е голем – треба да се внимава секоја промена да оди постепено, побавно со период за прифаќање и адаптација како би била соодветно прифатена и применета и не би создала отпор и контра ефект.

Кое е вашето најголемо достигнување во областа на човечките ресурси?

Имам повеќе достигнувања кои ми се драги, пред сè поради фактот што во повеќето компании сум ги воспоставувала секторите за човечки ресурси, но како најдрагоцено би го издвоила стартувањето и пуштањето во употреба на фабриката Квалитет Пром – авто индустрија која е во соработка со ДММ Кавадарци.

Во многу краток период од 3 месеци се изрегрутираа 1000 апликанти од кои 850 целосно се обучија и започнаа со работа во фабриката. Целиот процес на подготовка и отпочување со работа на start up e предизвик сам по себе, но на ваков тип на фабрика е уште по значаен за оние кои ја познаваат предцизноста и педантноста во автомобилската индустрија. По стартувањето на производствениот процес дојде најтешкиот дел: воведување на работен ред и дисциплина, германски стандарди на производство и функционирање во едно мало Табановце и сето тоа за краток временски период што резултираше со одлични оценки на аудит.

На сегашното работно место посебно се гордеам со тренинг центарот и интерната мини академија за обука на вработените преку пренос на знаење и интерното know-how.

Што ќе им порачате на сите кои размислуваат да започнат кариера во областа на HR?

Да се анализираат себеси, дали се добри слушатели и дали се склони кон обвинување? – Доколку знаат да сослушаат и да не се излетуваат со обвинувања, доколку имаат способност и трпение да навлезат во суштината на проблемите и аналитички и објективно да предложат решение, доколку знаат да балансираат помеѓу две спротивставени страни без да завземаат страна и доколку можат да ја гледаат големата слика и крајната цел тогаш нека не се двоумат.

Но во ЧР не е само менаџерската позиција, туку има повеќе позиции од административни до стратешки каде со помош на кариерни советници секој може да се пронајде себеси согласно своите капацитети и поле на интерес. Професијата е веќе актуелна и потребна, сè повеќе компаниите стануваат свесни за тоа и предвидуваат ваков сектор, поле и материјал за работа ќе има.

За крај, што мислите за порталот 24HR?

Порталот 24HR е вистинско освежување на пазарот, одамна ни требаше вакво нешто, за размена на идеи, меѓусебни искуства, запознавање на колегите од фелата кои во меѓувреме се намножија. Во принцип јас сум секогаш отворена за нови идеи и свежина. Ја поздравувам идеата и Ве поддржувам.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...