Работата од дома носи нови предизвици за HR-от

од 24HR

Карантинот и пандемијата на Ковид-19 принуди голем број вработени да работат од дома, па така се поставува прашањето дали работењето од дома ќе стане новото нормално и каков ќе биде ефектот од тоа врз човечките ресурси?

Иако рестриктивните мерки во поголемиот број земји попуштија, бројот на заразени од Ковид-19 не се намалува. Токму затоа, повеќето компании и натаму им сугерираат на своите вработени да продолжат да работат од дома.

Пред Ковид-19, само мал дел од вработените во високоразвиените земји имаа можност да работат од дома. На пример, во Велика Британија само 5% од вработените уживаа во овој бенефит. Но, нивниот процент се очекува значително да се зголеми како што пристигнуваат најавите од сè повеќе големи компании кои сакаат флексибилниот начин на работа да го воведат како вообичаена практика.

Но, не сите компании ја поддржуваат оваа идеја. Дел од нив сè уште се „за“ канцелариска работа, но пред да ги вратат вработените на своите работни места, неопходно е да бидат сигурни дека се превземени сите практики и процедури за да се гарантира здравјето и безбедноста на луѓето.

Од друга страна, вработените кои сакаат да продолжат да работат од дома на постојана основа, треба да бидат охрабрени да го направат тоа. Работодавците треба на секое вакво барање да му пристапат на разумен начин и да го одбијат само доколку постои вистинска деловна причина за тоа, како на пример оптоварување со дополнителни трошоци, негативен ефект врз задоволување на побарувањата од клиентите и штетно влијание врз перформансите.

На сето ова, треба да се има во предвид искуството од изминатите неколку месеци кога се виде дека флексибилните работни аранжмани не се никаков проблем за задоволување на потребите на клиентите и остварување на целите на бизнисот.

На повидок се нови HR предизвици

Флексибилното работно време стекна голема популарност во изминатиот период со тоа што луѓето сфатија дека работата од дома може да биде подеднакво ефикасна како работата во канцеларија. Во иднина, сè повеќе вработени и организации ќе доживеат ваква „ренесанса“, а тоа дефинитивно ќе се одрази врз функционирањето на човечките ресурси.

Компаниите и натаму ќе ги имаат истите задолженија кон своите вработени, без оглед на тоа дали нивната работа ќе ја извршуваат во канцеларија или дома, со тоа што доколку се прифати втората опција, самите задолженија ќе треба да се извршуваат од далечина.

Главното прашање за човечките ресурси ќе биде токму спроведувањето на овие задолженија за кои компаниите имаат обврска кон своите вработени, а се однесуваат на нивното здравје и безбедност. Ова значи дека човечките ресурси ќе бидат вклучени во далечинско проценување на ризикот по здравјето и безбедноста на вработените, како и во воспоставување на процедури што ќе им обезбедат на вработените непречена работа од дома и зачувување на нивното ментално здравје. Тие, исто така, ќе треба да бидат сигурни дека постои можност да се направат разумни прилагодувања со цел да им се излезе во пресрет на вработените со инвалидитет.

Најдобар начин за одделите за човечки ресурси да ги исполнат овие задолженија е да обезбедат постојан контакт со вработените со цел сите прашања и предизвици кои ќе се најдат по пат да се решаваат на отворен начин во моментот кога ќе настанат.

Покрај исполнувањето на нивните вообичаени одговорности, одделите за човечки ресурси ќе имаат дополнителни обврски во врска со вработените кои работат од далечина. На пример, дел од прашањата кои ќе треба да се решат се: како да се регулираат полисите за осигурување на вработените кои работат од дома, како да се компензираат дополнителните трошоци кои произлегуваат од работата од дома и многу други прашања на кои досега не им се даваше приоритет. Во „новото нормално“ одделенијата за човечки ресурси треба да работат на воспоставување на соодветна политика која ќе ги регулира ваквите прашања.

Крајната цел на одделенијата за човечки ресурси е да се стремат кон создавање на култура која ќе биде инклузивна за оние кои работат од далечина.

Веројатно е дека работата од дома (барем делумно) ќе стане нормална појава во периодот што следува додека светот се справува со пандемијата на коронавирусот. Дали тоа ќе биде долготрајна промена, ќе се утврди само со текот на времето.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...