Постои разлика помеѓу лоша работа и токсично работно место. Токсичната работна средина може сериозно да влијае на вашето физичко и ментално здравје, дури и до тој степен да ви го загрози животот.
Не мора да работите со тешки машини, опасни материи или во екстремни временски услови за вашата работа да биде опасна по живот. Така смета Џефри Фејфер, професор по организациско однесување на Факултетот за бизнис на Стенфорд, кој го поврзува стресот на работното место со 120.000 смртни случаи годишно во САД.
Кога работите во токсична средина, секојдневно се соочувате со обесхрабрувачки и предизвикувачки ситуации. Ако треба да се справите со само еден штетен соработник или шеф, вашите денови на работа може нема да бидат толку очајни. Но, кога се соочувате со константно стресна и понижувачка ситуација на работа, време е да преземете нешто.
Лошо или токсично работно место – како да знаеме?
Постојат неколку основни фактори кои придонесуваат лошото работно место да стане токсично, односно работна средина која е отровна и потенцијално опасна за менталното и физичкото здравје на вработените.
Проблеми во комуникација
Првиот знак за нефункционално и токсично работно место е постоење на значителни проблеми во комуникацијата, и тоа на повеќе нивоа: помеѓу вработените, помеѓу вработените и надредените, помеѓу секторите, па дури и со клиентите.
Ова е претежно ситуација кога вработените дознаваат за одлуките само откако истите ќе бидат имплементирани. Индиректната комуникација (испраќањето пораки преку други), сокривањето на информации и размена на погрешни информации се другите варијации на нефункционалните механизми за комуникација.
Зошто комуникацијата е толку клучна за една организација да биде здрава? Бидејќи без ефективна комуникација исполнувањето на заедничките организациски цели е практично невозможнно. И ова е уште потешко кога членовите на тимот работат од далечина или во хибридно работно окружување.
Правилата не важат за сите
Недоследноста во следењето на политиките и процедурите на компанијата е уште еден знак за токсично работно место. Во некои компании, ова се случува поради фактот што политиките не се запишуваат (често во помалите бизниси). Во други ситуации, компаниите имаат правилник за однесување но само на хартија и никој не се придржува до него поради отсуство на одговорност.
Кога не се следат политиките и процедурите на компанијата, следува хаос, недоследност и лош квалитет. Вработените го завршуваат својот работен ден мразејќи ја својата работа, а клиентите го чувствуваат тоа.
Постојат еден или повеќе токсични шефови
Не е јасно дали токсичните шефови создаваат токсични работни места или токсичните работни места креираат токсични шефови – и во двата случаи, овие работи одат рака под рака. Карактеристична особина за токсичните лидери е нивниот цинизам. Тие сметаат дека се најдобри и поталентирани од кој било друг и како резултат на тоа заслужуваат посебен третман – тие веруваат дека правилата важат за другите, а не за нив.
Токсичните шефови со другите се однесуваат на арогантен начин, веруваат дека се заслужни за туѓите успеси и ги манипулираат другите (и информациите) за да бидат сигурни дека ќе биде по нивно.
Иако овие луѓе може да изгледаат „успешни“ некое време, на подолг рок нивните ставови и постапки ги стигнуваат. Довербата и тимската работа се влошува во нивната област на влијание, добрите вработени си одат и во најлош случај е нарушена репутацијата за организацијата.
Важно е да се напомене дека токсичните лидери не мора секогаш да бидат на врвот во организацијата; честопати тие се јавуваат во управувањето на средно ниво, па дури и во првите редови.
Негативна енергија насекаде
Токсичното работно место е испреплетено со негативна енергија која произлегува од лошиот начин на комуникација. Негодувањата и поплаките на вработените се секојдневие – тие имаат причина за жалење во секое време.
Потоа се појавуваат сарказмот и цинизмот, што демонстрира растечки недостаток на доверба во управувањето и сето тоа води кон ниско ниво на задоволство. Согорувањето и меѓусебните обвинувања се широко распространети во организацијата и честопати се одразуваат како недостаток на одговорност.
На крајот, вработените почнуваат да се повлекуваат и да не комуницираат едни со други или ја напуштаат организацијата.
Работата влијае негативно на вашето здравје
Кога работното место е токсично, тоа е по дефиниција нездраво и штетно за сите што работат таму. Поединци кои работат во токсични работни средини (особено на подолг временски период) почнуваат да забележуваат проблеми и во сопственото здравје. Ова може да вклучува физички симптоми како што се неможност за спиење, покачена тежина или појава на медицински проблеми.
Емоционално, стануваме повеќе обесхрабрени што може да доведе до депресија. За некои луѓе (кои се пораздразливи) токсичноста може да доведе до проблеми во управување со сопствениот гнев. Други доживуваат вознемиреност и општо чувство на страв при самата помисла на зборот „работа“. Овие симптоми подоцна можат да доведат до зголемена употреба на алкохол, лекови на рецепт и нелегални супстанци.
За крај, знаете дека вашата работа влијае негативно на вас кога вашите пријатели и семејство почнуваат да дофрлаат коментари за тоа „како сте се промениле“, „сте под стрес“ или „можеби треба да разговарате со некого“. А кога е засегнато нашето однесување, време е да застанеме и сериозно да размислиме што се случува.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.