11 чекори за успешно составување на кратка биографија кои ќе ви помогнат да ја добиете работата која ја сакате

од 24HR

Колумна на Изабела Шкоф-GCDF сертифицирана кариерна советничка

Успешно подготвената кратка биографија ве носи еден чекор поблиску до вашата работа од соништата. Доколку не сте сигурни како да почнете да ја пишувате истата, вие сте на вистинското место.

 1. Детално разгледајте го огласот за работа.

 Пред да почнете со пополнување на вашата професионална кратка биографија важно е темелно да го разгледате огласот за работната позиција за која аплицирате и да го споредите со вештините кои ги поседувате. Доколку не исполнувате ниту еден од условите наведени во огласот, подобро е да ја насочите вашата енергија на аплицирање на посоодветна работна позиција и да не го трошите залудно вашето и времето на регрутерот кој ја чита вашата кратка биографија.

 2. Одберете содветен формат.

 Регрутерите се задржуваат помалку од 15 секунди на едно CV пред да одлучат дали да продолжат да го разгледуваат или да го стават во купчето на одбиени кандидати. Затоа е важно да одберете формат кој ќе ги содржи главните информации кои ќе ве истакнат како посакуван кандидат. Европас платформата ви нуди одлична можност да креирате CV и истата ви нуди корисни совети за тоа како да ги истакнете вашите вештини. Доколку аплицирате за позиција во креативна професија, добро би било да имате сопствен дизајн на професионалната биографија што ќе ја истакне вашата креативност.

 3. Фокусирајте се на најважните елементи.

 Кога пишувате професионална биографија, она што е најважно е да се фокусирате на вашето досегашно релевантно работно искуство за позицијата за која аплицирате, образование, вештини кои сте ги стекнале а би биле корисни на позицијата за која аплицирате, обуки и тренинзи кои сте ги посетувале поврзани со вашата работна позиција, јазиците кои ги познавате и колку добро ги познавате, дури и вашето вашето хоби.

 4. Внимавајте на должината.

 Верувајте дека никој нема да ја прочита вашата кратка биографија која содржи 10 страни.Токму затоа треба да се стремите истата да биде кратка, односно за почетник истата не би требало да е подолга од две страни со користење на фонт со стандардна големина, додека пак за искусен кандидат тоа би биле околу три страни.

 5. Бидете јасни и прецизни.

Користете пократки реченици и стремете се да ги прикажете главните информации поврзани со вашето работно искуство, обуки, тренинзи и слично. Корисно би било и да вклучите информации поврзани со резултатите кои сте ги постигнале на претходната работна позиција. На пример, доколку работите во продажба, наведете колку сте ја зголемиле продажбата на конкретниот производ или услуга од моментот кога сте почнале да работите на конкретната позиција.

 6. Потенцирајте кои се вашите јаки страни.

 Работната позиција која ја посакувате доаѓа со одредени вештини кои треба да ги поседувате. Презентирајте ги истите на логичен и јасен начин и истакнете ги вашите јаки страни. На пример, доколку наведете дека имате силни презентациски вештини, наведете како сте ги стекнале истите. Можеби сте биле член на дебатен клуб или на претходната работна позиција сте имале прилика често да ги презентирате вашите согледувања, па тоа значително ги подобрило вашите презентациски вештини.

 7. Не вклучувајте работни искуства кои не се поврзани со позицијата за која аплицирате.

 Доколку аплицирате за работна позиција во продажба, вашите претходни искуства во продажба и оние каде сте ги развивале вашите преговарачки вештини се клучни, но можеби не е најдобра идеја да ја вклучите позицијата која нема никаква врска со продажба како на пример летна работа во сервисен центар.

 8. Ставете препораи од претходни работодавачи и соработници.

 Лицата со кои сте соработувале, сте ги менторирале или ви биле надредени најдобро можат да сведочат за вашите силни страни и колку успешни сте биле на претходната работна позиција. Побарајте препорака од нив и имајте листа со нивните информации за контакт. Можеби нивната одлична препорака ќе биде токму причината зошто вие ќе отскокнете од листата на потенцијални кандидати кога барате нова работа.

 9. Испратете мотивационо писмо заедно со вашата кратка биографија.

 Со испраќање на мотивационото писмо можете да објасните зошто токму вие сте вистинскиот кандидат за таа работа, да истакнете како вашите јаки страни би помогнале во работата на компанијата во која би сакале да работите, но исто така и да објасните зошто сте одлучиле да аплицирате токму кај нив.

 10. Проверете ја вашата кратка биографија пред да ја испратите.

 Кога испраќате кратка биографија, важно е истата да нема никакви печатни и правописни грешки. Со цел да се претставите во вистинско светло, добро би било да му дадете на некој близок да ја прочита истата и да ви посочи доколку сте направиле некаква грешка.

 11. Разговарајте со кариерен советник

 Доколку се соочувате со потешкотии при процесот на барање работа, разговорот со кариерен советник може да ви помогне да си ги расчистите вашите приоритети, да јa подобрите вашата лична биографија, да се подготвите за интервју и да ја добиете целата поддршка која вие е потребна за наоѓање на работата која ја сакате.

 Чести грешки кои се прават при пишување на професионална биографија

 ● Пишуватедека познавате неколку сродни јазици (како на пример српски, хрватски и босански). Во оваа ситуација најдобро е да наведете еден јазик и да бидете прецизни во поглед на тоа колку добро го познавате јазикот низ призмата на следните категории: слушање, читање, вербална интеракција, вербална продукија и пишување. Овие категории најдобро се изразуваат низ заедничката референта рамка за јазици каде познавањето на јазикот во различните категории е во следните нивоа А1, А2, B1, B2, C1 и C2, каде А1 e најниското ниво, a C2 e највисокот ниво на познавање на јазикот.

 ● Пишувате дека добро го познавате Microsoft Office пакетот, меѓутоа вие добро ги владеете само Word и Power Point. Microsoft Excel e алатка во Office пакетот која е неопходна за извршување на голем број пресметки и доколку не ја владеете добро,не ја пишувајте во вашатa професионална биографија зошто можеби токму тоа и се бара на конкретната позиција.

 ● Го пишувате секое образование со кое сте се стекнале. Професионалната биографија треба да го прикаже највисокиот степен на образование со кој сте се стекнале. Доколку тоа е факултетско образование, го пишувате само тоа, а не ги пишувате претходните образовни степени. Исклучок на ова правило е доколку аплицирате на позиција за која вештините кои сте ги стекнале во претходниот степен на образование се неопходни на работната позиција за која аплицирате. На пример сте завршиле средно медицинско образование, потоа сте студирале на факултет за дизајн, а аплицирате за медицинска сестра. Во тој случај е неопходно да го наведете средното образование.

 ● Ги пишувате сите работни позиции од моментот кога сте почнале со работа.Иако е важно да го наведете вашето претходно работно искуство, не е потребно да ги наведете сите работни позиции од последните 20 години. Фокусирајте се на најзначајните работни искуства, а особено внимание обрнете на работите искуства кои го покажуваат вашето искуство и вештини за конктретната работна позиција.Доколку имате подолго работно искуство, задржете се на последните 10 до 15 години.

 ● Не пишувате колку долго сте останале на работната позиција и кои биле вашите главни задолженија.Важно е да наведете колку долго сте работеле на одредена работна позиција со цел регрутерот кој ја разгледува вашата професионална биографија да види дека вие сте кандидат кој е лојален накомпанијата во која работи и има јасна листа на приоритети во секојдневното работење.

● Негинаведете вашите информации за контакт.Целта на вашата професионална биографија е да го уверите регрутерот во вашите способности и да бидете повикани на интервју. За таа цел е неопходно да ги наведете вашите лични податоци од кои најважните се целосно име и презиме,телефон и мејл за контакт, линкот до вашиот личен веб сајт или портфолио доколку го имате, како и линкот до вашата професионална социјална платформа како LinkedIn.

 ● Не внимавате на правописот и граматиката при пишување на вашата професионална биографија. Многу е важно да ја проверите вашата професонална биографија пред да ја испратите и истата да не содржи правописни и граматички грешки.

За авторот:

Изабела Шкоф е магистер инженер архитект, сертифициран советник за кариера според интернационалната методологија GCDF, тренер за работа со млади за развој на вештини за вработливост и основни животни вештини со Афлатоун методологијата, и личност која смета дека никогаш не е доцна за да се направи промена.
Како кариерен советник работи со тимови и поединци и им пружа поддршка при процес на вработување, планирање на кариера и кариерни транзиции, но работи и со наставници со цел имплементирање на кариерното советување во образованието.Од 2022 година е и Еврогајденс амбасадорка и како резултат на тоа работи на промовирање на кариерното советување на национално и европско ниво, организира работилници на теми поврзани со кариерно советување и моментално подготвува публикација за имплементирање на кариерното советување во основно образование.Забележувајќи ја потребата од рана детекција на талентите на децата, го продолжува своето образование на Педагошки факултет „Св. Климент Охридски – Скопје“ на катедрата за предучилишно воспитание. Во следниот период сака да работи на истражувања за тоа како кариерното советување би можело да се имплементира кај децата од најрана возраст се цел детектирање на нивните таленти.
Телефон: 076 477 404
Мail: hristovskaizabela@gmail.com

LinkedIn account: https://www.linkedin.com/in/izabela-hristovska-shkof/

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...