Придонесот кон развој на луѓето е тоа што ме движи напред

од 24HR

Интервју со Македонка Димковска, HR Менаџер во Symphony Digital.

24HR и во новата година продолжува да ги споделува инспиративните HR приказни на луѓето од македонската HR заедница. Првиот понеделник од 2021 и го посветуваме на Македонка Димковска – HR Менаџер во Symphony Digital – која во рубриката Љубов кон HR ни раскажа за својата љубов кон човечките ресурси, кариерните почетоци и своите најголеми достигнувања.

Која е Македонка Димковска?

Book loving, fantasy realm admirer 🙂 Или човек кој сака да биде реален и објективен кога станува збор професионалниот аспект, а авантурист и талкач по други универзуми кога станува збор приватниот аспект.

По вокација сум психолог, кој неколку години работи во областа на индустриска-организациска психологија. Убавината во истата ја гледам преку диверзитетот и преплетувањето на повеќе аспекти во еден: човекот и неговото функционирање како единка во една поголема заедница, самата организација како еден организам со сопствена култура, сензибилитет, вредности, и бизнисот како трет аспект. Неизмерен извор на постојано учење и балансирање.

Во приватен живот сум девојка која сака да талка по реални и нереални универзуми. Дали е тоа Европа, Азија, или некој од световите на Warcraft, Star Wars, Marvel, all the wizarding worlds или некоја од оние на Толкин, не е важно.

Што ве натера да се вљубите во HR како професија?

Тешко е да дадам еден и едноставен одговор, но ќе се обидам да поедноставам. Многу често на луѓето со кои работам им го поставувам прашањето што ве мотивира, што ве движи напред. Ќе пробам да ви го дадам мојот одговор на истото прашање, зошто она што ме мотивира е истото она зошто сум овде.

Она што ме движи напред е можноста да донесеш огромна вредност, да можеш да придонесеш за развојот на луѓето со кои работиш и од ден во ден да ги гледаш промените и растењето на различни нивоа кои се одвиваат кај секој од нив. Истото носи и развој на целата огранизација во која функционирате. А истото значи и мое растење, учење од секого по нешто, од нивното искуство, од начинот на функционирање, и секако експертско растење. Можноста за различен пристап, агилноста, постојаните промени се работи кои ми се во исто време и предизвик и мотивација за постигнување.

Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?

Мојата кариера во оваа насока започна комплетно случајно. Откако дипломирав на катедрата за Психологија, одлучив да се развивам во насока на клиничка психологија и започнав со стажирање во една од психијатриските болници кај нас.

По скоро година, се појави програма за практиканство во една од агенциите за вработување во Скопје – Вработување.ком (потоа Вработување Консалтинг), каде што ми се допадна идејата и ентузијазмот за развивање на консалтинг услуги кои се однесуваат на еден огромен и широк аспект, и применета психологија во организации. Почнав со пракса и таму останав 3 години, кои веројатно беа најинтензивните години до сега и кои направија огромен импакт на се она што продолжив да го работам. HR-oт не ми беше љубов на прв поглед, но како ми се отвараа се повеќе нови перспективи, така се повеќе се приврзував за она што го работев. Можеби кратко време, но често велам дека доста зипувано искуство стекнав таму. Имав прекрасен ментор, кој доста систематски и стратешки пристапи на мојот развој, и ми отвори интересни процеси и перспективи.

Наредната авантура ми почна конкретно во еден сектор, каде што сум веќе 3 години. Се посветив на ИТ секторот, кој е доста брз, променлив, динамичен, агилен, и малку поразличен по mindset и од организациски аспект од она на кое претходно бев насочена. Во двете ИТ компании во кои работев, односно сеуште работам, влегов во момент кога беа во фаза на оформување. Првата компанија, Xessable, е компанија која секогаш ќе ми остане драга заради луѓето во неа.

Моето сегашно работно место е Symphony Digital, каде работам како HR Manager во нашиот развоен центар во Скопје.

Кое е најголемото HR достигнување на Македонка?

Не би можела да издвојам кое е моето најголемо достигнување, а не верувам ни дека со многу повеќе години работа и искуство од сега би можела да го направам истото. Кај нас, достигнувањата не се лесно мерливи, а резултатите од работата се гледаат после долго време. Не е се во тоа колку нови вработени имате и колкава е ретенцијата или атрицијата во компанијата во која работите.

Нашите најголеми достигнувања се во суштината позади истото, односно во тоа како ги препознаваме причините за задоволство на вработените и што правиме во однос на истото, колку компаниите имаат пораснато како резултат на растење на вработените во истите, какви можности отвораме и како ги препознаваме и утилизираме потенцијали и капацитетите на нашите тимови, како ја движиме и имплементираме стратегијата со сите наши stakeholder-и, како се позиционираме.. Па така, наместо за достигнувања, би зборувала повеќе за вредноста која ја носиме во компаниите и начинот на кој ги препознаваме потребите или клучните точки на кои треба да се фокусираме, како го поддржуваме бизнисот и одговараме на потребите на истиот, колку сме флексибилни и респонсивни во препознавање на потенцијалите, ризиците и развојните можности на поединечно, тимско и организациско ниво.

Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?

Go for whatever makes you happy!

Независно за која професија ќе се одлучите, бидете перзистентни, користете што е можно повеќе извори на знаење, експертиза и информации , бидете објективни и преиспитувајте се што знаете до моментот. Пробувајте, грешете и учете од истото.

Научете се да гледате каде носите вредност и кои се вашите најголеми снаги како личност, и утилизирајте ги вашите потенцијали на најдобар можен начин. Не се замрзнувајте, не застанувајте, не се грижете дека нешто не е доволно добро. Активно слушајте и не дозволувајте ништо да ги промени вашите основни вредности.

Што мислите за порталот 24HR?

Секогаш им се радувам на ваквите локални иницијативи. Во нашата земја имаме огромни капацитети, знаење и искуство во однос на различни области од она што го работиме.

Она што можеме сите да го направиме заедно е да го подобриме процесот на размена на знаења и искуства, да се посветиме на развој на нови потенцијали, и да отвориме теми кои секогаш вешто ги избегнуваме за дискусии. Верувам декаа преку овие иницијативи, како 24HR допираме малку повеќе до оние идни генерации, до оние кои се наши колеги и до сите оние кои се заинтересирани за HR-от а работат во некоја друга гранка.

0 коментар
2

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...