HR-от го носи „човечкото“ во секојдневието на вработените

од 24HR

Интервју со Драгана Делова – Talent Specialist во Adeva

Драгана Делова е наш дописник и голем поддржувач на 24HR. На професионално поле таа е голем вљубеник во својата професија, а она што највеќе ја исполнува е комуникацијата со луѓето и запознавањето на потребите, желбите и амбициите на вработените – што е во сржта на самата ЧР професија. Во моментов работи како Talent Specialist во Adeva каде е инволвирана во целокупниот процес на регрутација на таленти од целиот свет, а ова е нејзината HR приказна која ќе ја прочитате само на 24HR.

Во ЧР светот сте повеќе од 6 години. Кажете ни која е Драгана Делова?

Драгана е пред се професионалец и вљубеник во работата. Она што ја води низ секојдневието е вербата дека секој предизвик е само лекција која треба да се научи и употреби во животот.

Своето слободно време го поминува правејќи го она што во моментот ја исполнува со позитива и релаксира. Некогаш тоа е со добра книга или филм, но најчесто е на кејот на Вардар каде трча и ужива во друштвото на „трчачите“ od Nike Running Club. Професионално, она што ја исполнува веќе години наназад е комуникацијата со луѓето, запознавањето на потребите, желбите и амбициите на вработените, кандидатите, менаџерите 🙂 А, посебно е задоволството, кога има удел во остварувањето на тие амбиции и цели.

Како настана фузијата помеѓу Драгана и човечките ресурси? Што е тоа што ве натера да се вљубите во HR како професија?

Не би рекла дека нешто ме натера. Требаше можеби време да разберам дека тоа што го работам, покрај кариерното, е огромно задоволство за мене и како личност. Она што ме привлече во оваа професија е “the human touch”. Секојдневието не тера да се однесуваме како роботи, целите кои си ги поставуваме некогаш се преголеми, пренапорни и најчесто не оддалечуваат од суштината. Ние, кои работиме на ваков или онаков начин во ЧР, го носиме „човечкото“ во секојдневието на вработените. Тоа е објаснувањето за мојата вљубеност 🙂

Кажете ни нешто повеќе за вашите почетоци. Кога за прв пат се сретнавте со HR-от и како изгледа вашата кариерна патека?

За прв пат со Човечки Ресурси како оддел, се сретнав додека работев на брод. Таму бев околу 9 години, а последните 2 работев на позиција слична на HR координатор. Тука ми се пружи шанса да се запознаам со основите и истите да ги учам од професионалци кои доаѓаа од целиот свет. Кога се вратив во Македонија, не бев ни свесна дека во нашите компании постои оддел за ЧР, тоа често ми го дефинираа како „Кадрово“, што искрено не знаев што значи 🙂

Она што ме израдува кога се вратив, беше фактот дека сепак нешто се променило, дека постојат компании кои го разбираат концептот на ЧР. Последните четири години во Македонија работам како дел од ЧР и среќна сум што и покрај тоа што сè уште учам, придонесувам во напредокот на ЧР во Македонија.

Кое е вашето најголемо HR достигнување?

Мислам дека моето најголемо HR достигнување сè уште не е достигнато 🙂 Она што ми се допаѓа во сферата на Човечките ресурси е тоа што секојдневно трпи промени, во сите гранки. Пример за тоа е турбулентноста на минатата (2020) година која ги покажа размерите кои можат да ги опфатат човечките ресурси и тоа што ние го работиме. Дали е во делот на регрутација, организација на работната околина, културата во организацијата, минатата година, сè беше ставено на тест. Некои организации потфрлија на тестот, а некои излегоа како победници.

Затоа, кога би морала да одговорам, во моментов, како најголемо достигување ќе го сметам она што го научив во 2020 🙂

Што би им порачала Драгана на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?

Би им препорачала, најпрво да разберат дека кога работат во ЧР, на прво место не е кариерата и личниот напредок. Не е работно место, со кое можат да се истакнуваат како единки. Би им препорачала, доколку се пронајдат во сферата, да пробаат на најдобар начин да бидат карика помеѓу работодавачите и вработените, а притоа да не се изгубат во процесот. Работиме со луѓе и на прво место секогаш треба да ја ставиме човечноста.

За крај, што мислите за порталот 24HR?

24HR е портал кој дефинитивно ни требаше. Како на сите кои работат во HR, така и на сите компании и организации кои добија шанса да разберат малку повеќе за тоа што го работиме. Мислам дека е одличен начин, преку колумните да споделиме искуства и мислења за процесите и препреките со кои се соочуваме.

Да, постојат многу онлајн туторијали, колумни и начини да се имплементира она што го нуди светот, но 24HR прави сублимација и го адаптира сето тоа, да биде искористливо во Македонија.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...