5 меки вештини кои „вредат злато“ на денешното работно место

од 24HR

Тие гарантираат успешен кандидат на која било позиција!

На кандидатите освен што им се потребни обуки, знаење и технички вештини, тие исто така мора да бидат способни да решаваат проблеми, да комуницираат и да најдат заеднички јазик со своите колеги за да можат да успеат на своето работно место. Овие нематеријални квалитети кои се фокусираат на начинот на однесување, личните карактеристики и когнитивните способности на луѓето во моментов се поважни од кога било претходно.

Според Deloitte, 90% од организациите ги редизајнираат своите работни места во т.н „хибридни позиции“ за кои постои голема побарувачка. Тие улоги всушност прават фузија помеѓу техичките и меките вештини во области како што се комуникација, услуги и колаборација. Едно истражување кое беше презентирано на Светскиот економски форум откри дека една третина од вештините (35%) кои денес се сметаат за важни ќе се променат во рок од пет години, а меките вештини на работното место ќе станат уште поважни.

Имајќи ја предвид моменталната состојба со пандемијата на Ковид-19 и неизвесноста за работните места на вработените ширум светот, голем број од луѓето токму сега размислуваат да направат транзиција во кариерата. Па, дали постојат некои вештини кои одредени кандидати за работа ќе ги стават во подобра положба во однос на другите? Според Indeed, треба да обрнете посебно внимание на кандидатите кои ги поседуваат овие 5 меки вештини:

Емпатија

Иако многумина не ја гледаат како значајна за работното место, емпатијата е една од најважните меки вештини кои им се потребни на луѓето не само во приватниот живот, туку и на работа. Емпатијата ви помага да читате луѓе и различни ситуации, соодветно да се прилагодувате, да изградите доверба и да се поврзете поефикасно. Исто така, таа е добра за бизнисот бидејќи компаниската култура која поттикнува емпатија привлекува лица со повисоко ниво на ангажираност.

Кога менаџерите практикуваат емпатија, компаниите исто така имаат подобри стапки на задржување и повисок морал кај вработените. Најважно од сè, емпатијата е клучна основа за разновидна и инклузивна работна култура.

Емоционална интелигенција

Како една од најважните лидерски вештини, емоционалната интелигенција (позната како EQ) е способност да се согледаат и да се управува со сопствените емоции со цел да се градат добри меѓучовечки односи. Таа влијае на тоа колку добро вработените комуницираат едни со други, како и на начинот на кој тие управуваат со стресот и конфликтите. Високиот коефициент на емоционална интелигенција е во корелација со високите перформанси и зголеменото задоволство од работата.

Емоционална контрола

Емоционалната контрола е сет на вештини кои се тесно поврзани со EQ, како што е способноста за регулирање на сопствените емоции и како тие се прикажуваат (или не се прикажуваат). Професионалците со високо ниво на емоционална контрола можат да управуваат со сопствениот стрес и да останат продуктивни под притисок, па затоа многу менаџери ја ценат оваа вештина на секое ниво во организацијата.

Така, доколку некој кандидат остави впечаток на лесно раздразлива, фрустрирана или разочарана личност кога некоја работна задача ќе тргне во погрешен правец, не би сакале тој кандидат да го имате во вашиот тим.

Комуникациски вештини

Добрата комуникација не значи само добро изразување, туку и внимателно слушање и набљудување. Кандидатите не само што треба да имаат добра артикулација, туку тие исто така треба да можат да „видат“ подалеку од кажаниот збор и да забележуваат невообичаено однесување и патерни. Вработените со добри комуникациски вештини можат да ги ублажат проблемите пред да се претворат во криза, поттикнувајќи колаборативни решенија тогаш кога се најпотребни. 

Самосвесност

Ова е мајката на сите меки вештини. Без самосвесноста, прилично е тешко да се развијат другите вештини кои можеби и недостасуваат на личноста. Оние со високо ниво на самосвесност обрнуваат внимание на тоа како се однесуваат во различни ситуации, се заинтересирани и отворени за фидбек и ги знаат своите недостатоци. Тие се секогаш заинтересирани да учат и растат и се доволно свесни за да знаат кога го прават тоа, а кога не.

Како да ги препознаете?

Кандидатите, особено помладите, не се секогаш свесни за сопствените меки вештини (или не знаат како да ги артикулираат). Но, тимовите одговорни за вработување можат да научат многу за своите кандидати додека трае процесот на аплицирање и интервју.

На пример, кога кандидатот навремено ја завршува својата апликација или задача и истата му ја проследува на регрутерот, тоа е знак за точност и одличен начин на комуникација.

Кандидатите кои им даваат признание на своите поранешни соработници покажуваат дека пред вас стојат луѓе со интегритет, а оние кои одржуваат контакт со очите оддаваат чувство на самодоверба. Се разбира, треба да имате предвид дека интервјвуто за работа е стрес за голем број кандидати така што тоа може да сокрие некои од подобрите нивни квалитети. Затоа, потребно е вашите податоци и впечатоци да доаѓаат од повеќе различни извори.

За вистински да ги процените меките вештини, не се потпирајте само на себе. Постои цела низа од дигитални и ситуациони алатки кои можете да ги користите. Спроведувајте бихејвиорални интервјуа користејќи ја STAR методата (ситуација, задача, акција и резултат) барајќи од кандидатите да ви кажат пример за тоа како се справувале во различни сценарија. Исто така, можете да ги контактирате препораките на кандидатот за подобар увид во нивните меки вештини на работното место.

Како дигитална алатка се користи и снимање на видео интервју кое најдобро ги лови емоционалните нијанси на кандидатите, а прегледувањето на видеото може да открие и многу други работи за нив. Во светот се користат и најразлични проценки врз база на виртуелна реалност (VR) кои ги нурнуваат кандидатите во симулиран свет на работата за која аплицираат. Ова им помага на компаниите да се издвојат од конкурентите и да понудат одлично кандидатско искуство.

Пронаоѓањето на вистинскиот микс на меки вештини бара од регрутерите да се придржуваат кон мерлив пристап. Со успешен скрининг на овие пет вештини на работното место, може да бидете во голема мера сигурни дека вашите кандидати ќе доживеат успех на која било позиција во компанијата.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...