9 важни карактеристики кои секој Професионалец за Обуки & Развој треба да ги поседува за да биде успешен

од 24HR

Димитрија Ристевски-Специјалист за обуки и развој во Tigo Finance

1. СТРАСТ ЗА КОНТИНУИРАН РАЗВОЈ

Најважното. Пред се’, страст за личен раст и развој. Како инаку би се влијаело на другите доколку не по сопствен пример? А потоа, страст за пренесување на таа енергија, да се “заразат” колку што е можно повеќе луѓе со идеологијата дека без континуирано учење нема раст.

2. ВИЗИЈА

Способност да се види иднината доколку се преземат или не се преземат одредени чекори. Способност да се види потенцијалот кај секој поединец или тим и да се насочат чекор по чекор кон остварување на повисоката верзија од себеси.

3. СПОСОБНОСТ ЗА КРЕИРАЊЕ КВАЛИТЕТНИ МЕЃУЧОВЕЧКИ ОДНОСИ

Многу ретко успехот на човекот задолжен за обуки & развој ќе зависи само од него / неа. Ќе треба да соработува со вработените, со менаџерите, со надворешни соработници… Буквално во секој ден од работењето.

4. ЉУБОПИТНОСТ & СПОСОБНОСТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ

Обуките и развојот на вработените може да се одвиваат на мал милион начини. Човек треба да е во тек со најновите трендови, да знае кој пристап кога функционира, да ги најде соодветните обуки и предавачи и да може да ги спроведе, сето тоа со ресурсите кои ги има на располагање.

5. ОРГАНИЗАЦИСКИ ВЕШТИНИ

Без оглед дали станува збор за спроведување на една обука, или пак, креирање на подолгорочна стратегија, без беспрекорна организација, истите се осудени на неуспех. Секој најмал детал треба да се предвиди и соодветно да се испланира и организира, а сите детали собрани и одлично организирани ја прават реализацијата ефективна.

6. ХАРИЗМА & ВЕШТИНИ ЗА ЈАВНО ГОВОРЕЊЕ

Харизмата не се учи, човек или ја има или ја нема. Додека останатите презентациски вештини се учат и се тренираат. Со секое излагање пред мал или поголем број луѓе се стекнува искуство и секое наредно јавно говорење ќе биде само подобро и подобро од претходното.

7. АНАЛИТИЧКА СПОСОБНОСТ

Се’ е мерливо, така и обуките, перформансите и развојот на вработените. Континуирано се мерат резултите со соодветни метрики и врз основа на тие податоци се носат поквалитетни одлуки за како се’ да биде подобро наредниот пат. 

8. АМБАСАДОР НА ПРОМЕНИ

Промените предизвикуваат стрес, освен ако не се сфатат како неизбежно делче од мозаикот на успехот. А во оваа професија, промените се константни. За истите да предизвикаат позитивни резултати потребен е лидер кој знае како истите да ги спроведе. 

9. ПОБЕДНИЧКИ СТАВ

Само победниците знаат дека една птица не ја прави пролетта. Само победниците знаат дека долгорочниот успех е збир на многу “падни – стани” моменти. Победниците се упорни, трпеливи, конзистентни. Само така ќе се оствари долгорочната стратегија и ќе се поминат сите предизвици.

За авторот:

Димитрија Ристевски од Скопје, 37 години. Страствен вљубеник во планините и работата со луѓе. 12 години работно искуство: градење тимови, организација на обуки (лидерство, мотивација, меки вештини, HR процеси, личен раст и развој и сл.) и тим билдинг активности, коучинг, Човечки ресурси. Искуство во HR – последни 3 години: Ресорт Маврово и Ле Гранд Казина; во моментот вработен во Тиго Фајнанс како Специјалист за обуки и развој. Хоби: планинарење, кампинг, читање книги. 

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...