Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија
Тој здодевен HR и нивните глупави прашања! Како да може, во половина час интервју, да открие дали сум доволно добар за позицијата! И, откаде тој/таа има способност да ме проценува мене, кој има сосем поинакво образование и работно искуство од него/неа? Лекар сум јас, алооо! не некое административно работниче без искуство! Па и она “каде се гледаш за пет години1?” Јас утре не знам каде ќе бидам, не пак за пет години!
Познато? Не нѐ сакаат баш многу, нели. Ем никако да сфатат што тоа луѓето во Човечки ресурси работат, ем пак, на крај, од нивната проценка им зависи вработувањето, напредувањето во кариерата, можностите за развој и тн. Ексик, како да нѐ сакаат…
Па, добро, ние ги сакаме нив. И, ќе ги вложиме сите напори, во тоа кратко прво интервју, кога само прашањата ти се алат со кој можеш да разбереш кој седи спроти тебе и колку тој/таа одговара на потребите на компанијата, има ли амбиции за напредување, сака ли да учи, какви се неговите ставови, одговараат ли истите со вредностите на компанијата, како би се вклопил/а во веќе постојниот тим, колку време ќе биде потребно за обука како би бил целосно подготвен/а за работните задачи кои ќе треба да ги извршува, да сфатиме ќе си се допаднеме ли или не, ќе ни трае ли љубовта долго или, сепак, не, ќе си веруваме ли, или не… Лесно, нели.
Да почнеме од почеток. Постојат различни типови на интервјуа за вработување, во зависност од тоа кој ги прави и со каква цел се прават. Праксата познава еден-на-еден интервјуа, панел интервјуа, групни интервјуа, интервјуа на видео-повик, телефонски интервјуа, интервјуа за време на ручек, работно интервју, стрес интервју и тн., но, во оваа прилика, би сакала да ја потенцирам разликата меѓу две од нив – Behavioral interview (бихејвиорално интервју), т.е. интервју во кое регрутерот проценува какви се ставовите, реакциите, вредностите на кандидатот, какво е неговото искуство во справувањето на одредени ситуации во минатото, како тој би се вклопил во тимот за кој аплицира, кои се неговите планови и амбиции за иднината, и, Competency-based interview (интервју за компетентност), кое вообичаено го води личност од одделот каде кандидатот ќе работи (често одговорното лице на одделот), кој има за цел да го процени кандидатот од аспект на стручноста, работното искуство, знаењето за одредени процеси.
Во пракса, овие две интервјуа можат да се спојат во едно, па кандидатот да биде интервјуиран истовремено од две личности, од кои, во истата итуација која ќе се бара да ја опише кандидатот (на пример, справување во одреден предизвик на претходното работно место) едната ќе внимава на некакви воспоставени шеми на однесување, а другата, на стручноста која кандидатот ја има за справување со предизвикот.
Сакам да кажам, не, драги мои лекари, вашата стручност нема да ја проценува некаков регрутер од човечки ресурси, без грижа 😊
Да се вратиме на прашањата. Често се коментираат по социјалните мрежи прашањата што кандидатите ги добиваат на интервју за вработување, и, мора да признаам, не секогаш во позитивен контекст. Постојат и некакви легендарни прашања кои, како што вели легендата, биле поставени на интервју во Мајкрософт, Икеа, Гугл или не знам веќе каде, од типот Колку сијалици има во просторијава?, Колку мобилни телефони се во употреба моментално во градов?, Ако се родиш како животно, кое животно би бил? или Кој си ти, Бетмен или Робин? и, морам да признаам, моето омилено Sell me this pen (Продај ми го пенкалово). Нејсе.
Она што секој кој организира интервјуа треба да го знае се, забранетите прашања, т.е. прашањата кои никако не смеат да бидат поставени. Списокот варира во зависност од земјата и законите што важат во неа, но, воглавно, сѐ се сведува на прашањата поврзани со приватниот живот на кандидатот и можностите за некаков тип на дискриминација врз основа на него. Тука спаѓаат прашања од типот: Дали сте во брак/сериозна врска? Имате ли деца? Планирате ли да имате деца? На која раса припаѓаат вашите родители? Колку години имате? Дали имате некакви здравствени проблеми/ограничувања? Сте биле ли уапсен/а? Какви е вашата верска определба? и тн. Значи, ова НЕ се прашува. Точка.
Следни се прашањата кои се поставуваат, а всушност, нема никаква полза од нив, но, ете, сите ги прашуваат, па е некако вообичаено. Овде спаѓаат прашањата од типот на:
- Кажете ми нешто за себе (премногу отворено прашање, без насоки за што кандидатот треба да зборува. Бидете поконкретни).
- Или, Која е вашата најголема слабост? (Се очекува кандидатот да покаже доза на самокритичност, но, најчесто се користи од страна на кандидатите да истакнат некоја особина што као, ја имаат, а работодавачот би ја ценел, како: Премногу сум прецизен во тоа што го работам / Премногу се грижам за работата, Премногу се вложувам во процесот и сакам секој од членовите на тимот да е еднакво успшешен бла бла бла…)
- Која е ваша најсилна страна? (Повторно, дава можност за кандидатот да каже тоа што регрутерот сака да го чуе, без некаква вистинска вредност за интервјуто)
- Зошто треба да ве вработиме баш вас? (Арогантно прашање кое се труди да покаже дека, ете, имаме ние многу кандидати, па зошто баш тебе би те одбрале, што може негативно да влијае на кандидатот)
- Како вашето досегашно искуство е поврзано со оваа работна позиција? (Ако тој што го води интервјуто не го знае одговорот на ова прашање, тогаш, зошто го повикал кандидатот на интервју? Ако го знае, зошто губи време?) и тн.
- Зошто сакате да работите за нас? (Она што сака регрутерот да чуе е колку кандидатот истражувал и научил за компанијата, она што кандидатот сака да одговори е: Затоа што ми требаат пари!, а одговара: Затоа што сте прекрасна компанија во која ќе можам да ги покажам мноите знаења и способности, да придонесам за понатамошен раст на компанијата, а воедно да ги остварам моите кариерни планови. Досадноооооо)
- И она, од почетокот на текстот: Каде се гледате за пет години?
Следната група прашања се оние кои има смисла да се постават и кои, реално, носат некаква вредност во интервјуирањето. Некои од нив:
- Зошто ја избравте оваа професија?
- Што очекувате од компанијата за да бидете задоволни и исполнети на работното место?
- Кои видови одлуки ви се најлесни за донесување, а кои ви се најтешки?
- Наведете пример за време кога сте се соочиле со етичка дилема на работа. Како се справивте со тоа?
- Како ги прифаќате промените во последен момент?
- Ако знаевте дека вашиот претпоставен 100% греши за нешто, како би се справиле со тоа?
- Како би пренеле и спровеле непопуларна одлука?
- Дали е подобро да се биде совршен по цена да се доцни, или добар и на време?
- Дали некогаш сте нашле грешка во сопствената работа? Како се случи тоа, и што презедовте? и тн.
Во некоја следна прилика за прашањата кои кандидатот може да ги постави на компанијата.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.