Пишува Татјана Јанева, независен HR консултант кој од Дубаи им помага на компаниите да остварат конкурентска предност преку усогласување на стратегијата со луѓето и културата.
Даниел Голман во својата книга „Емоционална интелигенција: Зошто може да биде повеќе од IQ“, тврди дека емоционалната интелигенција може да биде исто толку важна, ако не и повеќе, во предвидување на успехот во животот. Овие емоционални компетенции, тврди тој, исто така играат особено важна улога и на работното место.
Емоционалната интелигенција не е толку мерлива како коефициентот на интелигенција (IQ) па затоа, традиционално, IQ носи поголема тежина.
Емоционалната интелигенција (EQ) е капацитет за разбирање и управување со вашите емоции и може да се смета како способности на поединецот да биде:
Самосвесен: опфаќајќи го нашето знаење за себе и способноста да се препознаеме и разбереме себеси, нашите однесувања и нашите емоции.
Самоуправуван и саморегулиран: опфаќајќи ја нашата способност да ги контролираме нашите емоции, а потоа и нашите одговори.
Самомотивиран: опфаќајќи ги нашите внатрешни ресурси да бидеме водени, да перформираме, да дејствуваме и да ги постигнуваме целите.
Емпатичен: опфаќајќи ја нашата способност да ги разбереме и да сочуствуваме со другите, да ги разбереме нивните емоции за потоа да се однесуваме кон нив поефективно.
Релационен: опфаќајќи ја нашата способност да градиме и одржуваме врски и мрежа на луѓе, да бидеме лидери, да управуваме со конфликти и да работиме со другите.
Работата, животот и кариерата можат да бидат сериозно засегнати од EQ. Работните места се релациони средини. Обично, тие се сад во кој се измешани различни карактери, вештини, јаки страни и емоции, а меѓу сите нив се наоѓа целта на бизнисот.
Со глобализацијата, емоционалната интелигенција е поважна од кога и да било претходно бидејќи тимовите се крос-културни и глобални, зголемувајќи ја комплексноста на интеракциите на емоциите и начинот на нивно искажување. Во суштина, EQ на работните места се сведува на разбирање, изразување и менаџирање, одржување на добри односи и решавање на проблеми под притисок.
Голман посочи дека иако традиционалната интелигенција е квалитет поврзан со успехот во лидерството, самото тоа не е доволно. Луѓето кои се успешни на работа не се само паметни – тие исто така имаат и високо количество на емоционална интелигенција.
Вработените со повисоко ниво на EQ обично подобро и поефикасно се справуваат на работното место. EQ им овозможува да градат и водат успешни тимови, да бидат агилни и одговорни кога тоа ќе биде потребно. Затоа, тие се успешни.
EQ е широко призната како вредна вештина која помага во подобрување на комуникацијата, управувањето, решавањето на проблеми и односите во рамките на работното место. Постојат бројни лекции што треба да се преземат од емоционалната психологија со цел да се подобри ефикасноста и да се поттикнат поголеми емоционални компетенции за подобрување на перформансите во работата и успехот во кариерата.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.