Какви вештини треба да поседува лидерот за да им помогне на вработените да растат?

од 24HR

Колумна на Милан Савов основач на SmartClick 

Како лидер, многу често се прашувам: што навистина значи да бидеш лидер? Лидерството не е само да дадеш насоки на тимот или да поставиш цели. Лидерство е многу повеќе од авторитет. Лидерството е способност да создадеш услови за раст и развој — како на компанијата, така и на луѓето што се дел од неа.

Кога станува збор за тоа какви вештини треба да ги има лидерот за да им помогне на вработените да растат, една од клучните е емпатијата. Лидерот треба да има способност да ги разбере потребите и амбициите на членовите на тимот и да ги поддржи во нивниот личен и професионален развој. Комуникацијата исто така е клучна — лидерот треба јасно да ги пренесува целите, визијата и задачите, но исто така да биде и добар слушател на мислењата и проблемите на вработените.

Мотивацијата е уште една важна вештина, бидејќи лидерот треба да го поттикне тимот да ги постигнува своите цели преку позитивен пристап и наградување на напорите. Стратешкото размислување исто така игра голема улога, бидејќи лидерот треба да може да предвиди иднината и да донесе одлуки кои ќе му помогнат на тимот да расте и да напредува.

Конечно, флексибилноста е клучна — лидерот треба да биде способен да се прилагоди на нови ситуации и промени, при што ќе прилагоди стратегии за да ги задоволи потребите на тимот.

Кога лидерот ги има овие вештини, тој создава средина која им овозможува на вработените да се развиваат и напредуваат во своите кариери. И колку повеќе се развива лидерот, толку повеќе ќе расте и тимот.

Лидерот како катализатор на растот на тимот

Вистинскиот лидер има една голема моќ — моќта да ги види потенцијалот и амбицијата кај своите луѓе. Но не е доволно само да ги препознаеш овие карактеристики. За да бидеш вистински лидер, треба да им дадеш гориво на своите луѓе да се развиваат, да им покажеш дека веруваш во нив и да ги поттикнеш да се осмелат да сонуваат и да целат се повисоко.

Тоа не е така лесно како што звучи. Мене лично ми требаа години искуство да стигнат до тој момент – да го препознам и да го ослободам потенцијалот на оние со кои работам. Многу пати сум бил свесен за нивната амбиција, но не сум бил сигурен како да ги поттикнам да излезат од својата комфорна зона и да станат најдобрата верзија на себе.

Но кога почнав подобро да ги слушам и навистина да се обидам да ги разберам што сакаат да кажат, кога почнав да ги охрабрувам и да згрешат, да научат лекција од грешката и да учат исто така и од туѓите грешки, тогаш тие почнаа да растат. Така, од моменти на несигурност и страв, стигнавме до важни победи и прогреси кои ги менуваа нивните перспективи. Тие не само што почнаа да постигнуваат своите цели, туку почнаа да ги надминуваат и нивните сопствени очекувања.

Нивните успеси се најголемото признание за мене. Тоа е она што го прави лидерството вистински вредно. Не станува збор само за тоа што јас како лидер постигнувам. Се работи за тоа што тие го постигнуваат како резултат на вербата и инвестицијата која ја вложувам во нив. Кога ќе видиш дека тие растат, учат и се развиваат како личности и професионалци, тоа е најголемиот успех за еден лидер. Тоа не е само нивен успех, туку и твој. Тоа е заеднички раст, кој се создава со вистинската поддршка и мотивација.

Така, лидерството го гледам како начин да им помогнам на луѓето да си ги постигнат личните цели, за да може да постигнуваат и компаниски цели и да одиме на повисоко ниво. Лидерот мора да знае кога да притисне и кога да ослободи, кога да води и кога да дозволи на другите да водат. И кога на крајот ќе го видиш успехот на тимот, знаеш дека твојата улога како лидер не е само да ги насочуваш, туку и да ги поттикнеш на нивниот личен пат кон успехот.

Како визијата ја гради иднината на компанијата?

Знаете, без јасна визија, луѓето не можат да ја најдат својата цел во она што го прават. Ако лидерот не може да ја пренесе визијата на компанијата на начин кој ќе биде разбирлив и инспиративен, вработените ќе се чувствуваат како да прават нешто без смисла. И јас сум поминал низ тој период. Се сеќавам кога тимот не знаеше јасно како нивната работа се вклопува во поголемата слика. Не беше лесно да се создаде таква визија. Тогаш сфатив дека тоа е моја задача, да ја креирам таа визија и да ја споделам со луѓето на начин да ако се пронајдат и се почувствуваат како дел од неа – можеме да работиме заедно кон и се стремиме кон нешто поголемо.

Доколку имаш јасна, инспиративна визија, ќе привлечеш луѓе кои веруваат во неа, кои ќе ги ставиш да работат за истата цел. Јасно кажано, визијата е она што ги обединува луѓето и ги мотивира да бидат најдобри во тоа што го прават. Без тим, без заедничка цел, и најголемиот бизнис не би постоел.

Лични, внатрешни конфликти кои влијаат на растот во тимот

Некогаш имаме сигнали да препознаеме дека некој човек во тимот има некаков личен конфликт т.е. нешто го мачи, и најлесно е да премолчиме, но тоа само создава

дополнителни проблеми во иднина. Вистински лидер веднаш реагира и разговара директно и се обидува да им помогне на луѓето да го надминат проблемот.

Понекогаш, тоа што се случува надвор од работата, има поголемо влијание отколку што мислиме. Не само што може да влијае на нивната работна ефикасност, туку и на нивната способност да се поврзат со тимот, да бидат креативни и да донесуваат одлуки. Вработените кои се под стрес или се соочуваат со тешки лични ситуации, можат да се чувствуваат депресивни или изолирани, што ја намалува нивната способност да бидат ефективни и мотивирани на работа.

Кога лидерите ги препознаваат овие знаци, можат да обезбедат поддршка и разбирање, и тоа често има трансформативен ефект. Понекогаш, само еден искрен разговор или понудена помош може да ги отвори вратата за да го надминат овој период и да се вратат на вистинскиот пат.

Важно е да создадеме средина каде што вработените ќе чувствуваат дека можат да споделат не само професионални проблеми, туку и лични предизвици, без страв од осуда. Кога тие чувствуваат дека имаат поддршка од нивниот лидер и колеги, тие се многу поангажирани и мотивирани да продолжат да растат и да се развиваат, и тоа не само во работата, туку и во нивниот личен живот.

Личните конфликти не треба да се игнорираат, бидејќи тие директно влијаат на тимската динамика и раст. Кога тимот ќе добие поддршка да ги надмине овие предизвици, можат да се вратат посилни, поефективни и повеќе вложени во своето работење.

Фидбек кој гради лидерство

Една од најголемите лекции што ја научив како лидер е дека фидбекот не е нешто што треба да не плаши. На почетокот, бев свесен дека давање искрен фидбек може да има ризик – се плашев дека тоа може да го разниша тимот или да предизвика несогласувања. Но како што растев како лидер, разбрав дека токму фидбекот е основа за вистински раст, не само на индивидуите, туку и на целиот тим. Отворената комуникација за тоа што функционира, а што не, му овозможува на секој член на тимот да се подобри и да напредува.

Кога започнав да давам искрен фидбек, сфатив дека тоа не значи да критикувам или да обвинувам. Напротив, фидбекот треба да биде конструктивен и да има јасен фокус на тоа како можеме да се подобриме, и со тоа да корегираме нечие однесување, а не да нападнеме нечиј идентитет. Дали тоа е како комуницираме, како се однесуваме во тимот или како ја извршуваме задачата — целиот процес треба да биде насочен кон раст и развој, не кон осуда.

Со текот на времето, изградивме култура на отворен и искрен фидбек во нашата компанија. Во нашето опкружување, секој член на тимот, вклучувајќи и мене, добива

редовен фидбек. Така, ја охрабруваме секоја личност да се осмели да даде своје мислење и да изрази своја гледишта, без страв од осуда.

Но, ова не значи дека секогаш е лесно. Понекогаш, фидбекот може да биде тежок за примање, но вистинскиот лидер знае како да го постави и да го претстави на начин кој ќе им помогне на вработените да го видат како алатка за раст, а не како напад. Фидбекот и треба да биде тежок т.е. да ти создаде внатрешен немир .. но тука е моментот за тој што прима фидбек – дали ќе го прима како поклон и ќе работи на тоа, или ќе го одбие и ќе си продолжи по старо.

Нема простор за навреда или лутење — фидбекот е само начин да го подобриме нашето однесување и резултати, да растеме како професионалци и како тим.

Како што тимот расте, така и фидбекот станува дел од секојдневието, нормален и важен процес што не само што помага во развојот на секој поединец, туку ја поттикнува и целокупната продуктивност и атмосфера во организацијата. Како лидер, ова е моја обврска и моја привилегија – да им помогнам на моите вработени да ги увидат своите силни страни и области за подобрување, со што ќе направат чекор напред во своето професионално патување.

Токму преку искреното давање и примање фидбек, како и вложувањето во личниот раст и развој на тимот, создадовме култура која не само што ги поттикнува резултатите, туку и изградбата на взаемно доверување и почитување, што ја прави нашата компанија посебна.

Инвестирање во себе како лидер

За да бидеш добар лидер, мораш да инвестираш во себе. За да можеш да водиш, мораш да растеш. Последниве неколку години вложив многу време, енергија и пари во моето лично и професионално развивање. Беше важно да вложам во себе, бидејќи единствено така можам да им помогнам на другите да растат. Преку индивидуални coaching сесии, NLP обуки, mastermind групи и многу други активности, научив како да се развивам како лидер. Овие инвестиции ми овозможија да ги водам моите луѓе во вистинска насока, но и да бидеме успешни како тим.

Секој ден се инспирирам од најдобрите во бизнисот: Tony Robbins, Dan Lok, Chris Do, и Alex Hormozi, како и многу други кои ми помогнале да го продлабочено моето знаење и да ги надминам бариерите што ги поставував сам за себе.

Лидерот не е само водач на други, туку и на себе.

Денес знам дека не можеш да создадеш лидери, ако самиот не си лидер. Ако не вложуваш во себе, ако не растеш и ако не ги поместуваш своите граници, како може да очекуваш дека твоите луѓе ќе го направат тоа? Без раст нема напредок. Без лидерство нема тим.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...