Во денешниот динамичен корпоративен свет, каде што „ДА“ е зборот што често ги отвора вратите кон успехот, сè поголем предизвик станува способноста да кажеме „НЕ“. Одлуката да поставиме граници помеѓу работата и приватниот живот не е само прашање на лична удобност, туку и клучен фактор за долгорочен успех, ментално здравје и одржлива кариера.
Како стигнавме до тука?
Пред само неколку децении, балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот не беше тема што се дискутираше во деловниот свет. Професионалниот ангажман беше доминантно машка територија, каде што очекувањата беа јасни – работата на прво место, семејството на второ. Жените, од друга страна, или немаа работни обврски или имаа занимања што не бараа значителни „жртви“.
Но, од 80-тите години па наваму, сè се менува. Жените освојуваат сѐ повеќе лидерски позиции, семејствата сè почесто функционираат со двајца вработени родители, а работната средина станува комплексна и бара пофлексибилни начини на функционирање. Денес, концептот на „работа од девет до пет“ во многу индустрии е заменета со „секогаш достапни“, а технологијата ја избриша границата помеѓу работното место и домот.
Зошто ни е тешко да поставиме граници?
Во корпоративната култура, прифаќањето на нови задачи и предизвици е начин на кој се гради кариера, што од друга страна значи и зголемена материјална компензација за трудот. Во зачараниот круг да се обезбеди материјална сигурност за себе и семејството се жртвува и страда приватниот живот. Успешните професионалци најчесто се луѓе кои велат „ДА“ – „ДА“ на дополнителна работа, „ДА“ на остварување во кратки рокови, „ДА“ на барањата на клиентите, итн.
Но, што се случува кога секој прифатен ангажман нè оддалечува од нашите лични приоритети? Кога премногу „ДА“ води до хроничен стрес, замор и чувство на неповратна изгубеност во професионалниот вртлог?
Важноста на правилното „НЕ“
Кажувањето „НЕ“ не значи откажување од професионален напредок – напротив, тоа е знак на зрело управување со сопствените приоритети. Постојат ситуации во кои „НЕ“ е од суштинско значење за да останеме продуктивни, мотивирани и задоволни од работата.
Еве неколку клучни прашања што можеме да си ги поставиме:
- Дали оваа обврска е усогласена со моите професионални и лични цели? – Ако одговорот е НЕ, можеби не вреди да инвестираме енергија во неа.
- Каков е ефектот на оваа одлука врз моето ментално здравје и семејниот живот? – Ако цената на „ДА“ е преголема, вреди да размислиме за алтернатива.
- Имам ли кредибилитет во компанијата за да побарам флексибилност? – Компаниите сè почесто нудат можности за подобар баланс, но тоа најчесто е резервирано за оние што ги докажале своите способности.
- Каква е работната култура во мојата компанија? – Не сите организации нудат исти можности за балансирање на работата и приватниот живот. Ако вашата не го прави тоа, можеби е време за нова професионална средина.
Реалноста на современиот работен баланс
Идеалниот баланс „50:50“ помеѓу работа и приватен живот во повеќето случаи е само теорија. Наместо тоа, треба да се стремиме кон индивидуален модел кој најдобро одговара на нашите потреби и амбиции. Некои ќе дадат приоритет на кариерата и ќе се помират со помалку слободно време или пак сосема успешно ќе жонглираат меѓу професионалните и приватните обврски. Други ќе ја ценат семејната динамика и ќе ја приспособат својата професионална ангажираност. Други пак, ќе изберат дружба со пријателите наместо завршување на приватни обврски или „работа после работа“ до доцна во ноќта.
Без разлика која стратегија ќе ја одбереме, важно е да го чуваме она што нè прави вистински задоволни. Долгорочниот успех не се мери само во професионални достигнувања, туку и во способноста да ги задржиме работата и личниот живот во здрав ритам и одржлив баланс.
Кажете „ДА“ на балансот
Крајната цел не е да кажуваме „НЕ“ на секоја нова можност, туку да научиме кога тоа е неопходно за да ги заштитиме сопствените вредности. Вистинскиот предизвик е во проценката – што вреди да се прифати, а што би можело да не одведе во состојба на прегорување.
На крајот на денот, клучната одлука е во нас – дали ќе живееме живот во кој сме само „достапни за работата“ или живот во кој ќе бидеме присутни и задоволни во секој негов сегмент.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.