Добрата компаниска култура е магнет за добри вработени

од 24HR

Пишува Елена Огненовска – специјалист за човечки ресурси

Компаниската култура претставува збир на заеднички верувања, вредности и принципи. Компаниската култура е она што ги задржува вработените во една организација, збир од вредности преку кои вработените разбираат кои активности се сметаат за прифатливи и кои се неприфатливи во рамките на една компанија. Таа е двигателот на секојдневните однесувања и начинот на донесување на одлуки на вработените, таа ги насочува нивните акции кон постигнување на организациските цели.

Идеалната компаниска култура е онаа која ги става луѓето на прво место, па според ова не се работи само за поседување на најдобра маса за фудбал, за бесплатно членство во теретана, за забавите или садовите со овошје. Многу поважно од тоа е како компанијата го вреднува интелектуалниот придонес кој секој вработен може да го даде, флексибилноста, разбирањето, едукацијата која може да ја понуди работодавецот, како и желбата на работодавецот да инвестира во своите вработени.

Компаниската култура е лицето на компанијата. Таа е онаа која им кажува на потенцијалните кандидати кои сме и за што се залагаме. Преку тоа што ќе им кажеме на луѓето за нашите вредности им помагаме да одлучат дали сакаат да ја испратат својата биографија или не.

Од друга страна пак, кога сакаме да станеме дел од некоја компанија ние секогаш разгледуваме за неа, се обидуваме нешто повеќе да дознаеме и да научиме. Преку компаниската култура ние полесно можеме да одлучиме дали добро ќе се вклопиме во рамките на една организација или не. Ако во една компанија владеат многу процедури и правила и формалниот начин е единствен начин на комуникација тоа за одредени кандидати може да биде и не така привлечно. Постојат луѓе кои едноставно не функционираат во средини каде владеат многу правила и процедури, а тоа им создава и дополнителен стрес во нивното работење. Од друга страна пак, има луѓе кои не сакаат опуштена атмосфера и повеќе им годат правилата, процедурите и формалниот начин на комунукација. Сето ова влијае на нашата одлука дали сакаме или не да бидеме дел од една компанија.

Работното место не треба да биде место што предизвикува страв и стрес кај луѓето. Вработените треба да уживаат во секојдневното работење и соработката со нивните колеги, предизвиците и работната атмосферата. Културата е таа која што треба да го ублажува стресот на работното место и да го поттикнува ентузијазмот на вработените.

Дел од елементите кои сочинуваат една компаниска култура се мисијата, визијата и основните вредности.

Изјавата за мисија е концизно објаснување за причината за постоење на организацијата. Таа ја опишува целта на организацијата и нејзината севкупна намера. Изјавата за мисијата ја поддржува визијата и служи за комуникација на целите и насоките кон вработените, клиентите, продавачите и другите засегнати страни. Која е целта на нашата организација? Зошто постоиме? Кого му служиме? Мисијата е таа која ќе ни даде одговор на овие прашања. Мисијата треба да биде кратка и јасна. Добро поставена мисија го мотивира тимот да напредува кон заедничка цел.

Изјавата за визија пак, гледа напред и создава ментална слика за идеалната состојба што организацијата сака да ја постигне, тоа е она што сакате да станете. Таа е инспиративна и треба да ги предизвикува вработените. Кои се нашите надежи и соништа? Што сакаме да постигнеме? Кој проблем го решаваме за поголемо добро? Одговор на овие прашања ќе ни даде нашата визија. Силната визија им помага на тимовите да се фокусираат на она што е најважно за нивната компанија. Спротивно на тоа, недостатокот на визија е патот до неуспех во еден  бизнис. Замислете: стагнација, застарени процеси, движење без цел, неинспирација… Може ли една компанија да преживее без јасна визија? Кон што оди, што сака да постигне?

И за крај, компаниските вредностите во кои веруваме се водечки принципи и фундаментални верувања кои ѝ помагаат на компанијата и луѓето во неа да функционираат како тим кон остварување на заедничките цели. Вредностите го поддржуваат начинот на кој компанијата работи, донесува одлуки и вработува луѓе со правилен став. Тие им помагаат на компаниите да утврдат дали се на вистинскиот пат и дали ги исполнуваат своите цели. Често може да се забележи дека вредностите што ги имаат компаниите се слични на оние кои би можеле да ги избереме и ние како наши водечки принципи во нашето живеење и работење.

 

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...