Вештачката интелигенција во секторот на човечките ресурси: моќен алат или закана

од 24HR

Колумна на Сара Стаменковиќ, HR регрутер со страст за иновативен пристап кон регрутацијата и развојот на талент.

Не е потребно да сте експерт за да забележите колку брзо напредува вештачката интелигенција. Особено во последната година, ВИ навлезе во речиси секој сектор, од финансии и маркетинг, до производство, како и човечки ресурси. Она што порано бараше часови или денови, сега се завршува за неколку минути.

Во човечките ресурси, ова значи автоматизирано сортирање на биографии, анализи за вработени и водење евиденција, па и сега по ново, ВИ асистенти кои интервјуираат кандидати (иако моментално е дискутабилно колку се корисни, во наредните години најверојатно нема да се препознава човекот од вештачката интелигенција). Со тоа, се поставува прашањето, дали овој напредок е закана да ја замени човечката проценка и дали ќе исчезнат некои работни места?

За време на Индустриската револуција, работниците започнале протести поради воведувањето на машините во фабриките. Машините значително ја зголемиле продуктивноста, но воедно ги замениле рачните вештини на занаетчии и работници. Тие ги гледале машините како закана за својот опстанок и иднината на нивните професии. Меѓутоа, понатаму, излегле нови нови индустрии и нови работни места (оператори на машина, техничари, инженери). Истата паралела може да се повлече и за денешниот напредок на вештачката интелигенција, не се работи за тоа дали технологијата ќе дојде, туку како ќе се адаптираме на истата. Наместо да се бориме против тоа, треба да насочиме фокус на она што ВИ не може да замени (барем не сега), а тоа е емпатијата, креативноста и човечка проценка и интуиција.

Наместо да ја гледаме технологијата како закана, потребно е да ја третираме како алатка. ВИ може да ни ги „ослободи рацете“ од рутински задачи и да ни овозможи да се фокусираме на тоа што вистински е важно, како стратегија, комуникација, култура и личен развој.

На крајот од денот, како што кажал еден познат човек, „не преживува најсилниот, ниту најпаметниот, туку оној што најбрзо се прилагодува на промените“, а промените веќе се тука, прашањето е: како ќе ги искористиме?

П.С. Нема да лажам, 3% од овој текст беше напишан со помош на вештачка интелигенција. Останатите 97% беа инспирирани од стравот дека таа ќе ми го земе работното место.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...