Јасност – што ли беше тоа?

од 24HR

Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Во свет во кој со секој нов ден се бара начин како што повеќе да се заштитат тајните, јас сакам јасност. Мислам, почитувам приватност, да не се разбереме погрешно. Тоа што е лично, си го чувате за себе и никој не смее да стапне на таа света земја без одобрение, но..

Смачено ми е од двосмислености, од недокажаности, од метафори, од нешта што треба сам да ги разбереш бидејќи, нели, се подразбираат… е па не! Не сакам сама да сфатам, сакам да ми кажеш!

Животот е многу едноставен, ние комплицираме. Па имало различни вкусови, па имало поинакви гледишта, па сѐ било индивидуално… како да не! Постои ли човек на светот кој на јоргованот може да му каже: Не мирисаш убаво!, м? Или на морето: Не си доволно сино!? Има ли некој кој на молњата ќе и рече: Не сфатив што беше тоа, не си очигледна!

Во англискиот јазик има еден збор што многу го сакам – clarity. По наше, јасност. Можеби бистрина, чистина, провидност. Можеби дури и свежина, ако јасноста ја донесеш во бара со застоена вода, па одеднаш се исчисти тињата, се разбистри водата, станат добро видливи тревките, камчињата на дното, рибите…

Зошто не си подаруваме јасност?

Како деца, родителите нѐ штитат од светот, премолчувајќи ги нештата што можат да нѐ повредат (како возрасни, ние им ја враќаме услугата, премолчувајќи им ги нештата што можат да ги загрижат, да ги разочараат, да ги исплашат…). Потоа, брзо сфаќаме дека премолчувањето на некои нешта може да нѐ спаси од исмевање од децата на улица, од зафрканции во школо, па, одлучуваме да молчиме. Незнаејќи каква ќе биде реакцијата, му/ѝ премолчуваме на момчето/девојчето од петто А дека ни е симпатија. На омилениот наставник дека предметот го учиме ради него/неа, дека неговото/нејзиното мислење толку многу ни значи, па ќе сториме сѐ, да не се засрамиме. На симпатичната продавачка во пекарата, дека нејзиното Добро утро! ни го прави денот поубав. Сме се навлекле на молчење, како тоа да умее да ни го огради светот со ѕидини, па да нѐ спаси од налетот на варварите. На пример.

Го копираме тоа во секое делче на животот – некогаш молчиме за да заштитиме, некогаш молчиме за да се заштитиме. Како вистината да е најстрашното чудовиште на светот. А кога молчењето не е возможно, создаваме говоранции кои ја имаат истата цел – да кажат, а да не кажат. Да нѐ сфатат, ама да не нѐ сфатат.

Е аман веќе.

Кога децата ми беа многу мали, бев затекната со колкава леснотија, ја прифаќаа веста за нечија смрт. Не бев од оние родители кои измислуваат сѐ и сешто, сметајќи дека секоја лага е подобра од вистината, напротив. Им ја кажував вистината, едноставно, со прости зборови кои тие можат да ги разберат и дозволував да ми ја видат тагата. И, еј! тие малечки суштества умееја да го разберат сето тоа, без притоа да имаат некаква апстрактна замисла во главата. Моите деца беа едни од ретките кои не вриштеа кога одевме на инјекција, не затоа што ги лажев дека нема да ја добијат, туку напротив – дека ќе ги боли кратко, но дека е тоа за нивно добро, да немаат температура, да можеме да шетаме во паркот, дека после тоа ќе одиме кај дедо и баба, дека ќе ја купиме играчката од излогот и тн.

Ако можат децата, можеме и ние. Веројатно ќе биде страшно отпочеток, веројатно ќе има многу драма, веројатно ќе има и лутење и плачки и сѐ што следи, но штом еднаш ни легне, ќе бидеме добро.

Замислете го утрото после денот во кој јасно и гласно сте кажале сѐ што ви лежело на душа. На фин, убав, едноставен начин, со одбрани зборови, со реченици без рабови и остри агли кои можат да поовредат, сте кажале кои се нештата што сметате дека треба да се променат за да бидете среќни. И, сте биле сослушани. Разбрани. Па сте слушале и вие. Сте сфатиле кои нешта треба да ги коригирате. На кои нешта не сте обратиле доволно внимание, а требало. На крај, сте се разбрале како разумни, возрасни луѓе, без оглед што бил исходот и дали сте одлучиле патиштата да ви продолжат понатаму заедно, или одделно. Во истата или различна компанија, сеедно.

Сакам да кажам, сакам разговор. Јасен, чист, убав, ко изворска вода жуборлив. Да си кажеме што мислиме, што чувствуваме, што сакаме, на што се надеваме. Да си кажеме кои сме, што сме. Да си кажеме што беше добро досега, а што треба да биде поинакво, за да бидеме задоволни. Да си кажеме што, во овој сегашен миг е возможно, а што, под поинакви околности, би било можно во некој следен. Или можеби не.

Јасноста, во ова време на матни води, светски заговори, тајни агенди, е подарок. Не штедете се, на вистинските луѓе ќе им значи.

Сакам да кажам, јас го направив мојот избор. Никогаш веќе нема да дозволам симпатијата од петто А да живее во сомнеж дали ми се допаѓа или не. Омилениот професор јасно и гласно ќе дознае дека неговите предавања се онаа дополнителна вредност која утрото, пред да одам на училиште, го прават лесно и радосно. Продавачката во пекарата ќе знае дека нејзината насмевка го прави ѓеврекот повкусен. Моите деца ќе знаат дека не можат да направат ништо толку лошо, што мојата љубов за нив ќе се промени. Ниеден искрен, убав збор нема да зачувам за себе, ако постоењето на другиот го предизвикал неговото раѓање. Ако зборот може, некако, со своите магични својства, некому да даде самодоверба, храброст, малку поубав ден, која сум јас да го премолчам?

Разбирате ли? Доста живееме во сенки, зад ѕидови, ние сме деца на сонцето, ни треба небо!

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...