Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?
На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.
Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:
„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“
Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.
Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.
Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!
Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Викторија Дамчевска, HR менаџер со долгогодишно искуство, предавач и дел од тимот за организација на DisruptHR Скопје.
„Ако бев Дедо Мраз, во мојата торба немаше да носам празни мотивациски слогани, ниту зборови, ниту бенефиции и „пица забави“, начини за замачкување очи кога недостигаат суштински, неопипливи, а толку присутни нешта.
На компаниите ќе им донесев храброст. Храброст да се откажат од микроменаџирањето и постојаната контрола. Од стравот дека сè е итно и за вчера. Од притисокот и бескрајните рокови. И да ја заменат таа храброст со водење преку доверба и вистинска одговорност.
Би им дарила јасност, конечно да сфатат дека ни најдобрата стратегија без луѓе не функционира. Дека организациската култура не е тоа што пишува на веб-страницата, со убаво спакувани вредности, мисија и визија, туку тоа што се случува на состаноците, во
односите меѓу колегите, во начинот на кој се дава фидбек и како менаџерите ги третираат вработените во моменти на зголемен обем на работа.
На менаџерите би им ја дала способноста да кажат: „ние згрешивме“, и навистина да го мислат тоа. Затоа што ништо не гради доверба полесно од преземањето одговорност, а ништо не ја руши како глумењето дека сè е во ред, кога сите чувствуваме дека не е.
Би им ја дала и способноста да сфатат дека прегорувањето на луѓето носи краткорочни резултати, но долгорочни штети, на перформансот, на репутацијата, на флуктуацијата.
На вработените би им го дала дарот на „доволноста“. Да се чувствуваат дека се доволни, барем еднаш, барем за миг. Затоа што постојано слушаат дека се ок, ама може подобро, или дека добро перформирале, ама… Па им посакувам барем еднаш да почувствуваат дека се доволни такви какви што се и дека се ценети за тоа што го прават и како придонесуваат.
Би им дала и достоинствен пристап. Чувство дека дури и во тешки денови и во мачни разговори со нив се постапува со почит.
Би им обезбедила организациски средини без политизација, со фер и транспарентни стандарди. Компании без „блиски до газдата“ и скриени привилегии, со јасни очекувања за сите.
Би им го подарила времето, да учат без брзање, да одмараат без вина, да имаат рамнотежа помеѓу работата и бидувањето пријател, партнер, родител и човек. Не само заменлив ресурс.
Би им дала работна позиција во компанија што нема да им создава јазол во стомакот во недела навечер, како повторно да се ученици што ја заборавиле домашната.
А ако имав само еден подарок, на сите би им донесла еден потсетник, на нешта што сите ги знаеме, но често ги забораваме. Дека работата е огромен дел од животот, но не е целиот живот. Дека перформансот магично се подобрува кога им веруваме на луѓето и кога тие се чувствуваат безбедни и видени. И дека најдобрите компании не се тие во кои луѓето немаат проблеми, туку тие во кои луѓето имаат простор да признаат дека имаат проблеми и отворено да зборуваат за нив, за да се решат.
Оти на крајот на краиштата, најдобрите работни места не ги прави Дедо Мраз, туку ние, луѓето, со емпатија, ранливост, храброст и одговорност, секој ден.“
