четврток, февруари 12, 2026
Почетна КолумниПреквалификуван – Најголемиот комплимент

Преквалификуван – Најголемиот комплимент

by 24HR

Колумна на Коста Глигориевски-правен и HR консултант во Глигориевски ДОО

„Преквалификуван” – Најголемиот комплимент што може да ти го дадат (дури и кога не го мислат тоа) или пак наједноставниот начин да те откачат и (времено) да си го зачуваат сопствениот мир?
Сите сме го слушнале тоа на интервју: „Вие сте супер, ама мислиме дека сте преквалификувани за оваа позиција.” И тука разговорот обично завршува.

Менаџерите се плашат, регрутерите се сомневаат, а ти си заминуваш со чувство дека си „премногу добар” за да добиеш работа.
Навидум „добитна” комбинација? Секако дека не е – ниту за кандидатот, ниту за компанијата.
Ајде да зборуваме суштински, без целофани и розови очила кои гледаат шарени слончиња. Да дојдеме до вистинската причина зошто терминот „преквалификуван” се користи толку лесно и премногу често.
Прво: Не постои преквалификуван кадар. Постои само стручен и едуциран кадар, кој со своето долгогодишно искуство е чиста додадена вредност за компанијата. Зошто?
Продуктивност од првата минута: Кај ваков човек нема „период на адаптација” – или ако го има, трае колку првото кафе.
Искуство наместо обука: Додека на некој друг би му требале месеци да ги сфати процесите, овој вработен знае сè уште од првиот ден (фигуративно кажано).
Лесно одлучување: Одлуките ги носи брзо и прецизно, затоа што веќе поминал низ милион слични сценарија. Наместо да губите време на базични обуки, добивате некој што веднаш носи резултат и може да го едуцира постојниот кадар.
Второ: Потрага по мир, а не по титула. Ова е најбитниот момент што многу менаџери го пропуштаат. Честопати, „преквалификуваниот” човек не бара следно скалило во кариерата – тој бара баланс. Можеби му е доста од хаосот и одговорноста на високите позиции. Можеби сака работа што ја знае совршено, за да може да ја заврши квалитетно и на време, а воедно да остане релаксиран и да има време за себе и за семејството. Тоа не е досада; тоа е неговиот свесен избор за мир.
Трето: Грдата вистина за која сите молчат… Честопати, одбивањето не е поради страв дека кандидатот ќе си замине „штом најде нешто подобро”. Вистинската причина е несигурноста на менаџерот. Многумина се плашат да вработат некој што знае повеќе од нив. Се плашат за својата функција и позиција. Мислат дека преквалификуваниот кандидат ќе ги „прегази” или ќе им го заземе местото.
Но, вистинскиот лидер е оној кој не се плаши да се опкружи со попаметни од себе. Тоа е единствениот начин една фирма навистина да напредува. Со мајндсет на страв, не се гради успех.
Порака до менаџерите: Следниот пат кога ќе интервјуирате некој „преквалификуван”, престанете да барате изговори зошто тој би си заминал. Наместо тоа, прашајте го: „Што ти е потребно за да останеш?”

Одговорот може да ве изненади. Можеби му треба само мирна средина каде неговото знаење конечно ќе биде ценето, а не искористено до точка на согорување.
Спремен сум, го ставив шлемот, игрите може да почнат 🙂

Related Posts

Leave a Comment