Кристијан Василевски е наш колега и раководител на Експозитурата Ѓорче Петров, со девет години работно искуство во НЛБ Банка АД Скопје. Неговата посветеност, професионалност и лидерски способности секојдневно се одразуваат во резултатите што ги постигнува со својот тим.
Освен во банкарството, Кристијан е истакнат и на спортската сцена. Toj од најмали години активно се занимава со ракомет. Својата кариера ја гради преку клубовите Бутел Скопје, Вардар, Тинекс Пролет, Работнички и Преспа. Како дел од РК Бутел Скопје, Кристијан настапи и на европската ракометна сцена, и тоа во EHF Cup во сезоната 2019/20 и во EHF European League во сезоните 2020/21 и 2022/23.
Како пивот и централен дел од одбраната, тој ја потврдува својата дисциплина, посветеност и висок квалитет во играта.
Меѓу неговите најзначајни спортски успеси се шампионската титула во младинска категорија со РК Вардар и седумте настапи за младинската репрезентација на Македонија. Во 2021 година, Кристијан беше избран за најдобар ракометар на четвртото коло во Супер машката лига. Со ова, тој се позиционираше пред големи имиња од светската ракометна сцена и се вброи меѓу најистакнатите ракометари во таа сезона.
Кристијан е лиценциран ракометен тренер со трета категорија, со искуство како тренер на пионерската екипа и помошник тренер во првиот тим на РК Бутел. Неговиот план е да се стекне со реномираната европска лиценца Master Coach. Го истакнуваме како пример за професионалец кој успешно ги спојува дисциплината и тимската работа, како во спортот, така и во професионалниот живот.
