Маркетинг и HR: моќно партнерство за привлекување таленти

од 24HR

Привлекувањето на вистинските кандидати за вработување е исто како да привлекуваш и купувачи. Исто како и секоја врска, силата на врската помеѓу двете страни е поврзана со усогласување на вредностите и мисијата кои треба да ги живеат. Колку повеќе им се изедначуваат тие ставови, толку е и посилна таа врска.

Прв чекор кон ова започнува со дефинирање на она што ја прави една компанија или институција уникатна, дали луѓето веруваат во таа дефиниција, а потоа и во споделувањето на позицијата на брендот за привлекување на таленти – истомисленици. Тоа е сличен пристап на оној што продажниот тим го користи за да ги привлече своите потенцијални купувачи.  

Сепак, креирањето на една бренд маркетинг стратегија за регрутирање и задржување на вработени не е лесно. Тука се појавуваат неколку прашања – Кој е одговорен? Маркетинг или човечки ресурси? Менаџмент? Секако, најидеално е кога во оваа стратегија учествуваат сите страни. А верувајте, навистина може да испадне една „бум“ содржина со заедничка соработка! Како, на кој начин и каде да го постигнете тоа?

  • Не го одвојувајте брендот на работодавачот (employer brand) од корпоративниот бренд (corporate brand)

Често се смета дека брендирањето на работодавачот е само одговорност на одделот за човечки ресурси, а маркетинг одделот се грижи за корпоративниот бренд. Меѓутоа, ова не е точно. Работа и одговорност на секој вработен во компанијата е да се грижи за имиџот на брендот – од врвот на корпоративната скала, па сè до најдоле. Додека, најважни во креирање на тој имиџ се секако Маркетинг и Човечки ресурси.

Ако брендот на работодавачот е лош, ќе страда и целокупниот имиџ на брендот. Спротивно на тоа, ако корпоративниот бренд се гледа во негативно светло, ниту брендот на работодавачот нема да биде силен.

  • Однесувајте се со кандидатите како со купувачи

Во продажбата доколку се однесувате со купувачите несоодветно, ќе престанат да ги купуваат вашите производи или услуги, ќе пренесат на блиските за лошата услуга, па дури и ќе споделат на социјалните мрежи. И ете ти хаос, кој треба да го средиш после – особено ние маркетерите! Истото е и кај вработувањата. Лошиот глас многу лесно се шири и затоа, навистина е важно Маркетинг и Човечки ресурси да соработуваат. И не само тоа – да имаат и конзистентна порака која што сакаат да ја споделат.

  • Комуницирајте меѓусебно

Кои работни обрвски ни се потребни за новата работна позиција? Колку време ќе трае огласот? Каде да биде објавен? Какви бенефиции нудиме за новите вработени?

Ова сè се прашања кои се дел од таа HR Маркетинг стратегија. За да се одговори соодветно треба добра комуникација помеѓу сите оддели. Многу е важно на потенцијалните кандидати да им покажете една унифицирана слика за компанијата, за да не добиваат различни пораки од сите страни.

  • Креирање на успешна содржина

Сè може да биде содржина – слики, видеа, текстови, инфографици и сл. Како маркетер за да креирам било да е оглас за вработување или текст за на веб страна и социјални мрежи, ми се потребни извори од кај тоа можам да го црпам. Инспирација ми се самите вработени.

Нешто што ми се докажало како најуспешна практика е истакнување на „суперхерои“ вработени, т.е. нивните успешни приказни. Чувствувам дека уживаат во овој процес на земање на нивни изјави, сликање, склопување на текст и објава. Дури и сами ме прашуваат кога ќе дојдат на ред да бидат објавени. Ваквата практика не само што ги привлекува потенцијалните кандидати, туку и ги охрабрува постоечките вработени. Верувам дека сите ние оставаме наша трага на работното место и нè мотивира секое признание.

  • Пронајдете ги вистинските канали за да ја пласирате содржината

На крај ни останува каде да ги привлечеме талентите. Тоа може да биде секаде – од веб страна, социјални мрежи, настани, саеми за вработување, факултети, предавања и сл. Ефектот е многу поголем од тоа само еден оглас да се направи достапен за аплицирање. Добрата и паметно пласирана содржина на регрутерите им дава основа за ловење и докажување на имиџот и брендот.

За крај, кандидатите ја сакаат најдобрата работа со најдобрите можности, компензација, флексибилност на компанијата и да го разберат местото каде што  ќе работат. Да се испорача тоа разбирање на привлечен начин ќе биде успешно само со заедничка соработка на маркетинг и ЧР одделите. Затоа, комуницирајте и верувајте во вредностите кои ги живеете на работното место, за да може да ги „купите“ вистинските кандидати.

За Авторот:

Стефани Неделкова е Специјалист за маркетинг и односи со јавност во Микросам. Во текот на својата 7 годишна кариера има и искуство во повеќе области на работење како Маркетинг и PR, HR специјалист и Data Protection Officer. И покрај тоа што е дипломиран правник, одбира кариера каде што може да ја изразува својата креативност.
0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...