Тимот на Алит би сакал да сподели со сите вас како ние се справуваме со целата КОВИД ситуација, и како се трудиме да го задржиме чувството на тимски дух и колегијалност.
Изминатата година ни наметна многу нови предизвици – и нам вработените, но секако и на компаниите. Нашата компанија, Алит Интернешнал (Alite International) – како и речиси сите останати од ИТ индустријата – уште на почетокот на пандемијата донесе одлука сите вработени да работат од дома.
Па така, за неколку дена сите се префрливме во нашите домови со целата потребна опрема. Но, за кратко време сфативме дека станува збор за нешто што ќе трае многу подолго, па фокусот веднаш премина на културата на вработените и нивно прилагодување на новата реалност.
Една од најомилените активности пред пандемијата КОВИД ни беше оној дел од денот кога на пауза од работа сме сите заедно, споделуваме секојдневни моменти и се смееме заедно со колегите.
Затоа, откако почнавме со работа од дома, многу ни беше важно да го зачуваме тој тимски дух и барем неколку пати во неделата да правиме заеднички состаноци на кои ќе се зборува за СÈ друго освен работни обврски.
Иако беше невообичаено, сите почнавме постепено да се привикнуваме на ова темпо. Беше можеби интересен предизвик првите месеци, но вистината е дека на сите почна да ни фали оној човечки фактор, промена на средина, работа во група и најважно, првото утринско кафе со колегите за почеток на работниот ден.
Дел од активностите во 2021
Така некако дојдовме до оваа пролет, кога мерките почнаа постепено да се намалуваат и да пристигнуваат вакцините. Па, откако официјално беа дозволени собири на отворено, ја искористивме терасата на покривот од нашата зграда за да се собереме и да испиеме по едно пиво придружено со муабет во живо – на наше големо задоволство.
Оваа средба – како прва по многу долг период – беше од големо значење за сите нас – за тие што сме подолго во компанијата, но уште повеќе за сите нови луѓе кои неодамна се придружија кон семејството Алит. Уживавме во убава музика, супер атмосфера и чувство дека можеби ќе се вратиме барем блиску до начинот на живот кој ни недостига.
Во текот на летото, условите дозволија да направиме уште неколку кратки тим билдинзи. Најпрво бевме на кајакарење на Матка. Откако добивме инструкции, се подготвивме и кајакаревме во парови. Околу час и половина се натпреварувавме, се смеевме и се сликавме во кањонот. На крај, останавме на вечера во ресторанот за да ги споделиме впечатоците.
При крај на летото, решивме да направиме уште еден тим билдинг во новиот Адреналински Парк во Скопје. Е, тоа беше вистинско искуство за паметење. Посета на такви места ги тера луѓето да се запознаат на сосема ново ниво, надвор од комфор зоната и – во нашиот случај – подалеку од компјутерите.
Во овој парк има три нивоа на висина и многу несекојдневни активности. Вистината е дека изгледа пострашно отколку што навистина е. Препреките се многу забавни, забораваш на висината и едноставно те носи адреналинот. Ќе ви покажеме слики да видите како тоа изгледаше.
На овој начин успеавме некако да најдеме ред во целиот овој КОВИД хаос и да функционираме со наше темпо. Следен предизвик ни е Визер (WizzAir) маратонот. Во некоја следна прилика ќе ви раскажеме како сме поминале и таму.
За крај...
Иако кратки, ваквите дружби се начин за стекнување доверба и чувство на припадност. Сепак, работното место и колегите се една сосема поинаква фамилија и од огромна важност се заедничките поминати моменти и спомени. Во суштина, тоа е темелот на секоја компанија.
За крај би сакале да споделиме уште една позитивна работа. Моменталната ситуација ни покажа дека и работа од дома е исто толку успешна колку и работа од канцеларија. Така што, воопшто не би било неочекувано во иднина моделот на работа да биде хибриден – од дома и од канцеларија.
И покрај тоа, ние вистински се надеваме дека пандемијата наскоро ќе заврши, па ќе можеме сите да се вратиме на оние активности, средби и патувања кои ни го прават животот поисполнет и поубав.
Освен канцеларијата во Скопје, Алит Интернешнал има свои канцеларии уште на 4 локации во други земји и тоа: Малме, Лондон, Цирих и Белград. Целта на оваа компанија е да ги води компаниите низ процесот на нивната дигитална трансформација, правејќи паралела меѓу бизнис контекстот и технологиите.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.