Претседателот на Управниот одбор на Макпетрол АД Скопје, г. Андреја Јосифовски, ја доби престижната Голема награда со златна лента и признание за животно дело „Креатори на векови” за исклучителни постигнувања и развој на претприемништвото на подрачјето на Средна и Југоисточна Европа.
Наградата беше доделена на Регионалниот самит на претприемачи од Средна и Југоисточна Европа „300 најдобри” што годинава по осми пат се одржа во градот Дубровник, Хрватска. Признанието за животно дело доаѓа во годината кога „Макпетрол” одбележува 75 години од основањето на компанијата, период во кој г. Јосифовски има исклучително значајна улога во издигнувањето на нафтената компанија од локална приказна до еден од најуспешните и најпрепознатливите брендови во регионот и пошироко.
За изборот на добитникот на наградата за животно дело одлучуваат признаени професионалци од областа на економијата, финансискиот сектор и маркетингот од 10 земји. Тие одлуката ја носат врз основа на идентификување на големите визионери, лидери и креатори на иднината, чиј труд, храброст, знаење, креативност и врвни резултати се темел и главен двигател на напредокот на заедницата и на развојните предизвици на новото време.
– Исклучително сум почестен и горд што еминентни имиња од претприемништвото одлучија да ми го доделат ова многу значајно признание. „Макпетрол” е компанија која има оставено траен белег во мојот професионален живот, но истовремено има силно влијание врз развојот на целокупната економија во Македонија и во поширокиот регион. За мене оваа награда е признание дека регионот ги препознава и вреднува нашите заложби да изградиме и одржиме компанија со јасна визија и цел, посветена на развојот и технолошките иновации со особено внимание на заштитата на животната средина и пружање континуирана поддршка на локалната заедница. Така создаваме поголеми можности за развој на целото општество – истакна Андреја Јосифовски, претседател на Управниот одбор на Макпетрол АД Скопје.
Наградата „Креатори на векови” има долгорочна цел да креира поволен амбиент за нови постигнувања и да израсне нови генерации носители на развојот во регионот.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.