Целта ни е да им помогнеме на бизнисите да ги подобрат своите перформанси, а истовремено и да водат грижа за менталното здравје на вработените-Интервју со Дафина Кирби

од Marija Mladenovska

Интервју со Дафина Кирби трансформативен тренер и основач на Dafina Kirby Coaching

Дафина Кирби е по потекло од Македонија, а денес живее и работи во Лондон. Таа е трансформативен тренер и како основач на Dafina Kirby Coaching заедно со својот тим обезбедува услуги за личен и професионален развој во многу земји во светот.

Дафина Кирби е лиценциран тренер за здравје на мозокот, специјалист за невроенкодирање и сертифициран тренер за ментална сила на Универзитетот Харвард.

Нејзинот краток престој во Македонија беше одлична прилика да ја запознаеме, како и да ѝ ја претставиме на македонската јавност, пред сѐ на читателската публика на порталот 24HR ценејќи дека нејзините искуства и експертиза можат да послужат како поттик за соработка или инспирација.

Дафина, драго ни е што имаме можност да Ве претставиме на македонската публика. Како би ни го претставиле својот бизнис?

Мојот бизнис се одвива преку компанијата Dafina Kirby Coaching и заедно со мојот тим кој во овој момент го сочинуваат исклучително квалификувани 13 професионалци, им обезбедуваме професионален и личен тренинг и коучинг на малите и средни бизниси во Велика Британија и во многу други земји во светот.

Целта ни е да им помогнеме на бизнисите да ги подобрат своите перформанси, а истовремено и да водат грижа за менталното здравје на вработените. Живееме во ера на брзи промени, динамични секојдневија и истенчена линија на баланс помеѓу професионалниот и личниот живот. Токму поради тоа како компанија имаме богато порфтолио на услуги кои помагаат на индивидуално и компаниско ниво да се воспостави подобар баланс меѓу работното и личното. Од друга страна, ги имаме и специјализираните програми кои се наменети за професионална едукација.

Портфолиото на компанијата опфаќа менторство и тренинг програми, вклучувајќи работилници за компании, групно менторство, 1:1 услуги за менторство и мотивациски говори, специјализирани програми од разновидни области: маркетинг, лично брендирање, лидерство, психологија, невролингвистичко програмирање (НЛП), вештачка интелигенција за ефикасност во бизнис операциите, Pyton за податоци, вештачка интелигенција и развој, продажба и вмрежување, индустрија за медиуми и забава, моден дизајн, продажба на недвижности, oперации за летање, одржување и поправка на дронови, заштита на животна средина, итн.

Споменавте дека потребата од воспоставување на подобар баланс меѓу работното и личното е она што во суштина ги продава Вашите услуги, но дали тоа беше главниот мотив да ја основате компанијата или имавте и друг мотив или инспирација?

Мојата желба да направам нешто самостojно започна пред 4 години, додека работев во корпоративниот свет. Се случија некои промени во мојот живот кои длабоко влијаеа на моето здравје. Таа промена ме натера да размислам за секој аспект од мојот живот – што правам и како живеам? Тогашната професија не ме исполнуваше и го нарушуваше она што претходно го споменав – балансот меѓу работното и личното, поради што одлучив да ја променам мојата кариера, затоа што осознав дека она што го работев во корпоративниот свет не е мојата пасија.

Коучинг е нешто што го правам целиот мој живот со луѓето што ги познавам или со некој на кој му е потребна мојата помош, но никогаш не сум го сметала тоа за кариера. Решив да му верувам на мојот инстинкт и да ја следам мојата желба. Се квалификував како коуч со Академијата за коучинг, најголемата  академија за коучинг во Европа, исто така сум лиценциран тренер за здравје на мозокот, специјалист за невроенкодирање и сертифициран тренер за ментална сила на Универзитетот Харвард.

Денес, со гордост можам да кажам дека го правам тоа што го сакам, поддржувајќи ги компаниите да ги подобрат перформансите на тимот и да поттикнат промени во нивната организација. Оттука, краткиот одговор на Вашето прашање би гласел: главниот мотив ми беше да го пренесам сопственото искуство од важноста на менталното здравје, и на воспоставениот баланс меѓу работното и личното, и на други индивидуи, како и компании.

Од портфолиото на Вашата компанија Dafina Kirby Coaching видливо е дека работите во Велика Британија, но и меѓународно. Како успеавте да го развиете бизнисот, но и тимот на меѓународно ниво?

Имајќи во предвид дека природата на мојата професија и бизнис операциите се такви што допринесуваат да запознавам многу луѓе од корпоративниот свет, како и експерти од различни области и индустрии кои се професионални и навистина брилијантни во она што го работат. Тој спој на природно вмрежување преку бизнисот овозможи истовремено да го развијам бизнисот, но и тимот. Денес можам да истакнам дека членовите на мојот тим се професионалци со богато искуство и корисно знаење кое е барано на пазарите каде што Dafina Kirby Coaching работи. Создаваме партнерства со други експерти, се вмрежуваме и на тој начин пристапуваме до различни пазари споделувајќи ги нашите услуги не само во Велика Британија, туку и на меѓународно ниво.  

Вие лично обезбедувате услуги за личен и професионален развој, но споменавте дека имате тим од меѓународни експерти во други области. Каков тип на услуги обезбедува тимот на меѓународни ескперти?

Токму како што споменавте, иако јас лично заедно со уште неколку членови на тимот ги обезбедуваме услугите од област на личен развој и ментално здравје, останатите членови од тимот од меѓународни експерти обезбедува услуги во полето на бизнис, човечки ресурси, вештачка интелигенција, маркетинг, продажба, технологија и други области. Ги поканувам Вашите читатели да го посетат нашиот сајт https://www.dafinakirby.com/ и да се запознаат подетално со услугите кои ги нудиме.

Во неформалниот разговор пред ова интервју ми споменавте дека немате работено со клиенти од Македонија, но отсега ќе нудите услугите и во Македонија. Што ве поттикна да се обидете да работите и со клиенти од Македонија?

Причините за тоа се помалку лични, помалку професионални. Јас како Македонка живеам во Лондон речиси 20 години, но само една земја на светот е моја родна земја и во моето срце. Од друга страна, сопственик сум на компанија која нуди најсовремени услуги за професионален и личен развој, поради што верувам дека можам да допринесам да бидам еден мал дел од мостот кој македонските бизниси и индивидуи ќе ги поврзе со светот. Лично сакам да придонесам и помогнам луѓето во мојата земја да напредуваат и да се развиваат.

Што е она што би им го порачале на македонските компании во однос на потребите од континуирана едукација за бизнисите и вработените?

Живееме во многу динамичен свет кој брзо се развива и менува, а бизнисите мора да се прилагодат за да останат конкурентни. Доколку сакаме да растеме и развиваме и бидеме во тек со трендивите на светско ниво, во секоја област, треба да имаме пристап до експерти и информации кои ќе ни го овозможат тоа побрзо и поефикасно.

Исто така развојот на вработените е од клучно значење за бизнисите да останат конкурентни во денешниот свет со брзо темпо.

0 коментар
2

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...