HR е професија со која се чувствувам природно

од 24HR

Интервју со Викторија Дамчевска, Head of People Operations во ИТ компанијата GrabIT.

Викторија Дамчевска е професионалец со неколкугодишно искуство во ЧР, воглавно во ИТ индустријата. Прилично срдечна и приземјена личност, која има доста развиена емпатија и смисла за хумор. Во слободно време сака да чита, да гледа серии и документарни филмови, да слуша музика. Голем љубител е на историја на уметност и странски јазици. Кон учењето и напредокот гледа како кон постојан процес. Добар слушач со желба за разбирање на секој човек индивидуално. Љубител на животни. Fluent in memes.

На професионално поле таа е Head of People Operations во ИТ компанијата GrabIT, а нејзината HR приказна започнува сосема случајно кога на своето прво работно место се запознава со убавините кои ги нуди самата професија. Што се случува понатаму дознајте од нашиот разговор со Викторија Дамчевска во рубриката Љубов кон HR на 24HR.

Што ве натера да се вљубите во HR како професија?

Шансата да имаш позитивен ефект врз професионалниот живот на луѓето, нивниот напредок и себеостварување, како и огромно влијание врз сите аспекти на компанијата. Вредностите на професијата се големи, но и одговорностите. Постојаниот контакт и комуникација со луѓе, сослушување и грижа, поттикнување на потенцијалот.

Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?

Откако дипломирав, почнав да работам како агент во корисничка служба. Бидејќи станав еден од поискусните агенти со текот на времето, бев и вклучувана во процесот на интервјуирање, селекција и onboarding на новите колеги. Со тоа, открив страст за работна позиција која претходно ја немав, но знаев дека ми треба основа, која мислев дека ќе ми ја даде формалното образование. Запишав магистерски студии на Филозофски факултет на отсек МЧР и по извесно време, за да си ја пробам среќата, аплицирав за стипендијата „Борис Трајковски“. Ја добив и се запишав на Универзитетот Шефилд – Сити Колеџ.

Откако веќе сметав дека имам солидна основа, ја насочив и својата кариера кон ЧР, па за среќа добив шанса, иако без претходно искуство, да работам во холандската агенција FrontwiseGroup како Talent Acquisition Specialist. Беше извонредно и корисно искуство, на кое се навраќам со позитивни спомени. Кариерата ја продолжив во Symphony Solutions како In-house recruiter, па се здобив со исклучителна можност да научам доста околу технологиите општо и да го проучам пазарот во нашата земја и регионот.

Мојата сегашна позиција е Head of People Operations во GrabIT и сум одговорна за сите активности поврзани со регрутација, селекција, employer branding, проценки на ефикасноста во работењето и сл. Можеби е до навистина извонредната средина во која работам, но можам да кажам дека ЧР за мене се мојата вистинска вокација, професија што ми е целосно пријатна и во која се осеќам природно. Доколку не чувствуваш мала меланхолија штом се ближи понеделник, тогаш знаеш дека си избрал правилна професија и средина за себе. Имам среќа да сум во компанија што вистински ја согледува стратешката улога на ЧР.

Кое е вашето најголемо HR достигнување?

Ги има многу, но можеби најголемо е помагањето со справување со ковид-кризата и грижата спрема луѓето. Работата од дома на сите, помалку или повеќе, влијаеше негативно. GrabIT порасна многу во текот на изминатата година, изградивме одлични тимови, иако беше вистински предизвик да се регрутираат луѓе и да се направи селекција која е целосно виртуелна. Се разбира, промената во работата и неможноста за дружба помеѓу колегите си имаше свои негативни последици, па воведовме неформален „состанок“ во петок, време кое го посветуваме на board games, квизови, ice breakers, најразлични игри. Насмевките од колегите и нивните позитивни коментари ми се веројатно најголемото достигнување.

Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?

Да влезат во оваа професија само доколку имаат навистина љубов и трпение, впрочем како и за секоја кариера, но и со подготвеност да бидат достапни за сите колеги и да преземат одговорност. HR значи и постојана трка да фатиш чекор со нови пракси и технологии, што би значело дека треба да бидат спремни за постојано надоградување. HR значи флексибилност, транспарентна комуникација и бестрашност пред предизвиците.

Што мислите за порталот 24HR?

24HR е наша шанса за зајакнување на заедницата, каде ќе споделуваме мислења и искуства. Сметам дека знаењето кога се споделува со колеги професионалци добива на вредност. Супер е да се прочитаат ставовите и приказните на секој што ги смета ЧР како дел од сопствениот идентитет.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...