Интервју со Лорета Тодоровска – млад ентузијаст за човечки ресурси кој во моментов работи во компанијата Networker.
По вокација Економист но на професионално поле е млад ентузијаст за човечки ресурси со 4 годинишно професионално искуство. Вечен оптимист, поддржувач на промени и напредог во секој конекст, долгогодишен волонтер кој се залага за општото добро на околината и луѓето генерално. Но и покрај своето искуство кое започнува во 2014-та, Лорета себеси се смета за прилично нова во оваа област. Таа има работено на неколку различни HR позиици, а во моментов е ангажирана како финансиски аналитичар во компанијата Networker. Денес на 24HR ќе се обиде да ја претстави својата HR приказна.
Што ве натера да се вљубите во човечките ресурси како професија?
Кога започнав да работам во ЧР, јас искрено не знаев во што се впуштам, имав базични познавања и минимално искуство од областа, по самото запознавање со динамиката на самата работа, секојдневните непредвидливи ситуации и „стравот од непознатото“ за релативно кратко време буквално ме предизвикаа да се пронајдам целосно себеси во оваа професија. Уште на самиот старт добив впечаток дека во оваа професија воопшто не постои монотонија, секојдневно сум во позиција да запознавам нови луѓе од различни дејности со интересни профили и несекојдневни искуства и фактот што живееме во свет на дигитализација придонесува и во оваа професија постојано да има промени кои мора да се следат, па кога сето тоа ќе се собере на едно место заедно со природата на мојот карактер кој ме прави постојано да барам предизвици, претставува полн погодок.
Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?
Иако сум по вокација дипломиран економист од насоката Сметководство и ревизија, уште во првата година на студиите имав навистина одлична можност како волонтер во нaјголемата и најстарата студентската организација во светот – АИЕСЕК, да се спознаам себе си, своите желби, преференции, кариерна насока и сето тоа да го применам преку волонтирање, студентски размени, организирање на проекти, пракси и слично. Во четирите години при моето волонтирање, истовремено бев редовен студент на Економскиот факултет и веќе ми беше јасно дека мојата определба во однос на кариерата ќе биде тесно поврзана со луѓето. Професијата човечки ресурси иако до тогаш делумно непозната, имав веќе стекнато одредено искуство за периодот кога волонтирав, претставуваше дополнителен предизвик за мене од аспект на усовршување на истата. Прва шанса за мене претставуваше огласот за практикант на позиција Асистент за Човечки ресурси во претставништвото на Орбико Групација во Македонија, за што знаев дека за мене би била одлична можност да го стекнам моето базично искуство. По само еден месец поминат во Орбико со оваа позиција веќе бев сигурна дека јас го имам пронајдено најсоодветниот кариерен пат за себе. Сите вештини и знаење кои ги стекнав додека волонтирав имав можност да ги употребам во праксата која за многу кратко време прерасна во мое прво официјално вработување. Можноста да бидам дел од толку успешна приказна на самиот почеток во карирата, навистина за мене претставуваше едно скалило која ми помогна да го трасирам мојот кариен пат кон постигнување на замислената цел. Во тоа семејство добив прилика да си го “испечам занаетот” и да почнам да ги совладувам потребните вештини и знаења во полето на менаџментот на човечки ресурси.
Иако моето теоретско знаење беше насочено кон финансии и економија, мојата желба да бидам дел од ЧР како професија беше навистина голема – збогатувањето на моето искуство со посетување на курсеви, семинари и различни предавања во оваа област, ми помогнаа да го “надоместам” сето она што од мене веќе се очекуваше да го поседувам, применувам и владеам.
Изминатите 4 години искуство иако не се многу на број, за мене претставуваат години исполнети со секојдневно соочување со најразлични предизвици, несекојдневни ситуации кои ми помогнаа де се изградам пред се јас како личност а потоа и да стекнам вештини кои се неопходни за секојдневно функционирање. Додека пак измнатата пола година со гордост кажувам дека сум дел од Fashion Group, компанија која успешно работи повеќе од 25 години на нашиот пазар и важи за најголема малопродажна модна групација во земјава, а во нејзиното портфолио ќе најдете некои од најголемите светски реномирани брендови како Hugo Boss, Diesel, Guess, Bitsiani, Mango, Springfield, Okaidi, Superdry, Timberland и други.
Досегашното искуство, слободно да кажам, не би го менувала со ништо на светот и сум им неизмерно благодарна на сите кои во текот на овие години, ме научиле, ме посоветувале, ме критикувале или ми биле пример за тоа успешно да се надоградувам и усовршувам како професионалец.
Кое е вашето најголемо достигнување во областа на човечките ресурси??
Надминувањето на секој предизвик претставува одредено достигнување и причина за чувство на гордост. Најголемо достигнување во оваа област, го сметам имплементирањето на новитети во нашиот сектор, односно во 2019та година од моја страна секако со помош на IТ тимот направивме целосно дигитализирање на скоро сите HR процеси и сето тоа го работевме скоро две години. Откако официјално ја постигнавме целта, проектот беше позитивно прифатен од страна на сите вработени во компанијата.
Иако целиот процес беше исцрпувачки и значеше целосно посветување и фокус само на овој сегмент од работата, најголемо достигнување претставуваа првите позитивни резултати и придобивки од дигитализацијата на HR процесите.
Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?
На оние кои што сеуште се во потрага по својата кариера или пак сакаат да направат промена и истата да биде во полето на ЧР би сакала да им порачам да ја одберат оваа професија доколку: сте личност која е насочена кон луѓе и e “outgoing”, личност која има многу трпение, рационална, мудра, кретивна и спонтана но и разумна во исто време.
Личност која е почитувана од луѓето, каде што идеите и промените се вашето секојдневие. Доколку одлично се снаоѓате во имплементација на законите за работни односи, економијата на трудот и ако навистина добро ги разбирате надоместоците и придобивките (сепак финансии и бројки се мал дел од нашата професија).
Доколку навистина сте бизнис ориентирани и сте подготвени не само да ја превземете, туку и подготвени да научите да се истакнете во секоја функција на организацијата.
Доколку имате интегритет, сте високо етички поставени и искрени, бидејќи оваа функција е душата на компанијата – не само што координира и поврзува секој вработен, туку и секој оддел, а сепак тоа вклучува многу ракување со доверливи податоци и донесување одлуки.
Доколку сте роден лидер – луѓето со човечки ресурси треба да ги водат вредностите и етиката – од нив се очекува да размислуваат за другите пред себе, треба да ја постават културата и активно да ги предвидат и подготват промените.
Доколку можете да извршите повеќе задачи и сте одлични во координирање – планирање настани и обуки, додека истовремено работите на критични барања за работа и сè уште не очекувате некој да ви се заблагодари 😉
Што мислите за порталот 24HR?
Професија која што е од круцијално значење за секоја компанија и организација како што е HR, во најмала рака заслужува да има еден сериозен портал кој ќе се посвети на оваа тематика. Навистина е прекрасно чувството и да се биде дел од овој портал но истовремено е многу корисно што на едно место, секој поединец што се занимава со оваа професија, да може да најде совети, препораки и искуства од своите колеги. Дефинитивно порталот 24HR претставува македонски медиум по светски стандарди. .
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.