ИНТЕРВЈУ СО АДВОКАТ МАЈА РИСТОВА: ЗА МОБИНГОТ СЕ МОЛЧИ ОД СТРАВ ДА НЕ СЕ ОСТАНЕ БЕЗ РАБОТА

од 24HR

Адвокат Маја Ристова е магистер по право, специјализирана во предметите од областа на работните односи и мобингот.  Таа е меѓу првите која во 2009 година во јавноста го покренува прашањето за мобингот, за препознавање на истиот и за заштита од него. Во тој момент за мобингот речиси и не се знае, истиот е регулиран во Законот за работните односи во една одредба, а судска практика речиси и да нема. 

По направените истражувања од нејзина страна и учеството во неколку меѓународни проекти и обуки на оваа тема, адвокат Ристова во 2010 година почнува да работи како надворешен советник-експерт во Канцеларијата за помош и едукација на жртвите на мобинг при Сојузот на синдикати на РСМ. Таму ги сослушува жртвите на мобинг и им помага правно да се заштитат. Во канцеларијата е ангажирана до 2014 година.

Паралелно на ова, во периодот 2012/2013 година индиректно е вклучена и во изработка на посебниот Закон за зашита од вознемирување на работното место, кој за прв пат се донесува во мај 2013 година. 

Во периодот од 2013 година до сега одржала бројни обуки и работилници на оваа тема, со цел едуцирање на оваа тема и целокупна заштита, како на работници, така и на работодавачи. 

Во истиот период се стекнала и со препораки, благодарници и пофалби од невладини организации, синдикати и други институции за поддршката и помошта дадена од нејзина страна во оваа област. 

Во 2022 година на јавен оглас, од страна на Министерството за труд и социјална политика на РСМ е избрана за Експерт за заштита од вознемирување на работното место, која директно ќе биде вклучена во изработка на новиот Закон за заштита од вознемирување на работното место. Нејзината задача била драфтирање на одредбите на законот, како и поддршка на работната група која работи на истиот.

До денес, освен што едуцира на оваа тема и сослушува жртви на мобинг, ги застапува и правата и интересите на засегнатите лица во судски постапки. Како адвокат има успеано и во судски спор со донесување на пресуда со која е утврдено вршење на мобинг.

-Што е мобинг?

Мобингот претставува специфична форма на однесување на работното место, кога едно или повеќе лица континуирано и систематски психички и/или полово вознемируваат друго лице или група, со загрозување на угледот, честа, достоинството и интегритетот, а предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место. Однесувањето опишано претходно се смета за психичко, односно полово вознемирување на работното место, доколку не престанало и по писменото предупредување од страна на вознемируваното лице дека му пречи однесувањето на вршителот на вознемирувањето и дека ќе го смета за вознемирување на работно место.

-Кои се најчести однесувања на моберите, а на кои се жалат жртвите на мобинг?

Обично мобингот е манифестиран преку необезбедување на основни и вообичаени услови за работа, одземање или недавање на основни средства за работа, навредување, исмејување и/или повишување на тонот на глас, често прераспоредување од едно работно место на друго или од една работна просторија во друга, одземање или недоделување на работни задачи или претрупување со работни задачи со задавање кратки рокови за извршување, давање на бесмислени и апсурдни работни задачи, неоправдано оценување со пониски оцени, тенденциозни дисциплински постапки, прекумерна контрола на работата, често критикување, неосновано обвинување, игнорирање, изолирање итн.

-Кој може да биде вршител на мобинг?

Вршител на вознемирување на работно место може да биде едно или повеќе лица со негативно однесување без оглед на нивното својство – работодавач во својство на физичко лице, одговорно лице кај работодавач – правно лице, вработен или група вработени кај работодавач или трето лице со кое вработениот или работодавачот доаѓа во контакт при извршувањето на работите на работното место.

-Какви видови на вознемирувања постојат?

Постојат два вида на мобинг и тоа: хоризонтален и вертикален.

Хоризонталниот мобинг се врши према работник кој е на иста работна позиција со оној кој вознемирува. Чувство на загрозеност и завист се најчести причини за овој тип на мобинг, поради што жртвите најчесто се вработените кои особено се истакнуваат по квалитетот на својата работа.

Вертикалниот мобинг е насочен кон подредениот (bossing) или надредениот работник (staffing), во хиерархиската организација во работната средина. Во Македонија најмногу е застапен “босингот” како облик на вертикален мобинг, односно, се вознемирува од повисока работна позиција кон пониска.

-Која е постапката за заштита од вознемирување?

Законот за заштита од вознемирување на работното место предвидува да секој што мисли дека е вознемируван на работното место писмено да се обрати до оној што го вознемирува со писмено предупредување со кое ќе му укаже дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано, со цел да се реши спорната состојба, односно случајот, без поведување постапка за заштита од вознемирување на работно место, како и да го предупреди вршителот дека ќе побара законска заштита ако не престане веднаш таквото однесување. Освен тоа, жртвата пред поднесување на тужба пред надлежен суд може да поднесе до работодавачот и барање за заштита од вознемирување на работното место, во кое ќе ги наведе своите податоци и податоците за оној кој вознемирувал, како и нивните работни позиции, краток опис на однесувањето за кое оправдано се смета дека претставува вознемирување на работно место,  траење и зачестеност на однесувањата кои се сметаат за вознемирување на работно место, како и датумот кога последен пат е извршено тоа однесување, со наведување на факти и докази. Оваа постапка е позната како постапка на посредување, која, е интерна, незадолжителна и има за цел брзо, мирно и вонсудско решавање на спорот.

-Дали жртвите се охрабруваат да иницираат судски постапки? Ако не, зошто?

Се повеќе се иницираат тужбени барања со кои се бара утврдување на вознемирување на работното место. Они кои сепак не се одлучуваат за тоа, мислам дека е поради страв да не го изгубат работното место, поради недоверба во правосудниот систем, како и поради недостиг на финансии за отпочнување на судска постапка.

-Дали во нашата држава има позитивни судски пресуди за мобинг? Што добиваат жртвите со пресудите?

Да. Имаме две правосилни судски пресуди со кои е утврдено вознемирување на работното место. Жртвите, обично во друга, посебна постапка, добиваат паричен надомест на штета, која ја претрпеле како резултат на вршеното вознемирување.

-Како мислите дека може да се намали бројот на вознемирувани работници?

Мое мислење е дека во работните организации треба да се работи најпрвин на информирање на работниците за тоа што е мобинг. Во овој дел Секторот за човечки ресурси ја има, или би требало да ја има, најголемата улога во превенирање и заштита од вознемирување на работното место. За таа цел вработените во овој сектор треба максимално да се запознаени со тоа што значи мобинг, како да се препознае, какви постапки се предвидени согласно закон и на кој начин да пружат помош на колега кој е изложен на мобинг и кој се обратил до нив. На тој начин, самите тие ќе спречат понатамошно ширење на мобингот, но и ќе овозможат интерно решавање на случајот. Исто така, потребна е и подобра законска рамка во однос на третирањето на мобингот, како би можело да се овозможи поголема заштита на жртвите.

На крајот, што ќе им порачате на нашите читатели по однос на ова?

Добро да се информираат за оваа појава, за да можат првично да препознаат што е мобинг, за да потоа и да умеат, согласно своите можности, да се заштитат самите или некој друг. Понатаму, да консултираат, а по потреба и ангажираат, стручни лица како би можеле тие дополнително да им помогнат во заштитата.

За авторот:

Маја Ристова е дипломиран правник и магистер по право. Од 2014 година се стекнува во адвокатска лиценца.Има богато работно искуство: Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ), од 2011 година работи како правен советник во Невладина организација за заштита на жени, Скопје, работела во повеќе адвокатски фирми, за во 2015 да основа своја адвокатска канцеларија со која радоводи сè уште, во својство на самостоен адвокат.Од 2017 година е претседател на Асоцијацијата на менаџери на Македонија (АММ).Ристова предавала на многу значајни конференции и посетила без број обуки, со цел да го збогати своето знаење.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...