Како да ги поддржите вработените родители на почетокот на училишната година

од 24HR

Повторно е тој дел од годината, каде што се збогуваме со летниот распуст и летните одмори и ги започнуваме подготовките за стартот на новата учебна година. Голем број родители кои што се во работен однос се наоѓаат во ситуација каде што ќе треба да ги усогласат професионалните обврски и да ги подготват децата за новатата училишна година. За голем број родители ова е прилично стресен период, кој може да има негативно влијание и во приватниот и во професионалниот живот. Иако кај нас многу малку станува збор за оваа тема, може слободно да кажеме дека компаниите можат да имаат големо влијание во овој период од годината и да се погрижат нивните вработени да добијат поголема поддршка и да го намалат стресот. Во продолжение, неколку совети за компаниите и менаџерите со кои може да им помогнат на родителите полесно да го пребродат овој период:

Флексибилни работни часови:

Почетокот на училишната година значи и враќање на трката со времето и гужвите во сообраќајот. Сите брзаат да стигнат да ги однесат своите деца на училиште или во градинка и да бидат на време на своето работно место, што и не е баш лесно изводливо. Затоа еден од најефективните начини е компаниите да им овозможат на родителите флексибилно работно време, барем во оној период на адаптација, додека да се фати ритам во завршувањето на родителските и работни обврски. Дали тоа ќе биде поместување на почетокот и крајот на работното време или ќе им се овозможи на родителите работа од дома или некое трето решение и не е толку важно. Флексибилноста во ваквите ситуации може да го намали притисокот врз родителите во извршување на родителските задолженија како носење или земање од училиште (градинка) и некои други слични активности, а истовремено да им овозможи да ги завршат тековните работни обврски.

Отворена комуникација:

Поттикнување отворена комуникација помеѓу менаџерскиот тим и вработените е од големо значење во обидот да се разбират предизвиците со кои се соочуваат родителите во оваа сезона и покажувањето емпатија може многу да помогне. Доколку забележите дека некој од вработените има проблем во менаџирањето на времето или во завршувањето на работните задачи, повикајте го на разговор и обидете се заедно да пронајдете решение кое ќе биде добро и за обете страни. Нудењето дополнително слободно време или оправдано родителско отсуство во текот на првите недели од училишната година може да направи голема разлика.

Училишни набавки спонзорирани од компанијата:

Организирањето на училишна акција во рамките на компанијата не само што може да обезбеди основни работи за децата на вработените, туку и да поттикне чувство на заедница и поддршка меѓу колегите. Имајте предвид дека различни родители се соочуваат со различни проблеми при усогласувањето на работните и родителските обврски, а никако не треба да се занемарат и финансиските предизвици и секоја помош е добредојдена.

Наместо заклучок:

Поддршката на вработените родители на стартот на учебната година не е само нудење бенефиции – тоа е пред се создавање работна средина која ги цени и разбира уникатните предизвици на родителството. Со обезбедување на потребната поддршка, компаниите можат да им помогнат на своите вработени да одржат здрава рамнотежа помеѓу работата и родителските обврски, што на крајот може да доведе до поголемо задоволство во работата, помалку стрес и подобрување на продуктивноста.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...