Како одложувањето на обврските може да нѐ направи помотивирани?

од 24HR

Колумна на Ивана Кајеска – дипломиран психолог при Филозофскиот факултетот во Скопје, HR ентузијаст и вљубеник во современата психологија

Сите во еден момент сме биле “жртви” на прокрастинација, па разбирајќи го поимот, верувам дека и самиот наслов звучи парадоксално. Без разлика дали се работи за избегнување на важен проект, одлука која би имала важна улога во нашиот живот или можеби едноставно одложување на секојдневните обврски, прокрастинацијата има тенденција лесно да завладее со нашите секојдневни рутини. Според бихејвиоралната психологија, прокрастинација е свесно одложување на неодложните обврски, која своите корени ги чува во следниве причини: страв од неуспех, недостаток на мотивација, различни дистракции и искушенија, неумешноста за менаџирање со времето и сл.

Тука ќе се осврнеме кон тоа како да ја направиме прокрастинацијата “добра” и да ја искористиме како мотивационен бустер.

Прокрастинацијата може да обезбеди краткотрајно чувство на олеснување, но последиците можат да бидат тешки и долготрајни. Некои од вообичаените негативни ефекти вклучуваат: намалена продуктивност, зголемено ниво на стрес, намалена самодоверба и пропуштени можности. Сега кога веќе ги знаеме причините и последиците од прокрастинацијата, ајде да видиме кои стратегии се потребни за нејзино надминување.

Најпрво, поставете јасни цели: поделете ги задачите на помали, со јасни рокови. Ова го прави обемот на работата да изгледа помалку застрашувачки и помага да се задржи фокусот.

Потоа, идентификувајте и фокусирајте се на задачите со висок приоритет. Раното справување со поважните задачи може да создаде импулс и да изгради мотивација, наспрема тоа да почнете со помалку важните задачи, кои можеби ќе ви го намалат нивото на енергија и ќе ве уморат. Следно е да направите распоред, така што ќе креирате дневен или неделен распоред кој ќе формира одредени временски блокови за секоја задача и секако, ќе треба да се држите до распоредот за да изградите дисциплина!

Воедно, потребно е и да ги минимизирате дистракциите, така што ќе создадете средина погодна за продуктивност, како што се исклучување на социјалните мрежи и наоѓање тивок, пријатен работен простор. И за крај, можеби најважното – наградете сѐ себе си! Прославувањето на мали победи дефинитивно може да го зајакне позитивниот став.

Како би го искористиле сето ова за поголема мотивација?

Иако изгледа контраинтуитивно, овој феномен на себесаботажа е познат и како „мотивација на 5 до 12“ и може да биде движечка сила за некои луѓе.

Кога поединците одолговлекуваат и се приближуваат до крајниот рок на задачата, притисокот и итноста да се заврши се интензивираат. Оваа зголемена состојба на притисок може да предизвика наплив на адреналин и кортизол, создавајќи чувство на зголемен фокус и енергија. Како што часовникот се приближува до крајниот рок, стравот од потенцијални негативни последици, како што се пропуштени можности или разочарувачки исходи, може да ги поттикне поединците да работат со поголем интензитет и посветеност.

За некои, ова чувство на итност служи како катализатор за зголемена креативност и вештини за решавање проблеми. Ограниченото време ги принудува брзо да размислуваат и да донесуваат одлуки без претерано анализирање, што доведува до неочекувани и иновативни решенија.

Таа поврзаност создава нов продукт, а тоа е менталитетот на „сега или никогаш“. Овој начин на размислување ги турка поединците да преземаат акција и да го прекинат циклусот на паузирање (Зејгарник ефект). Кога конечно ја започнуваат задачата, тие доживуваат чувство на олеснување и остварување, што дополнително ја поттикнува нивната мотивација да продолжат да работат продуктивно.  За да стекнете навика за редовно извршување на задачите, најпрво визуелизирајте се себе си како ја правите таа задача, така на мозокот ќе му дадете јасна слика дека задачата воопшто не е тешка и дека нема потреба да ве “тера” да не го направите тоа сега.

Сепак, потребно е да се напомене дека оваа „мотивација на 5 до 12“ може да биде меч со две острици. Иако може да доведе до голема продуктивност и ефикасност во завршување на непосредната задача, хроничното одложување сепак може негативно да влијае на севкупните перформанси, благосостојбата и долгорочните цели. Затоа, искористувањето на оваа краткорочна мотивација треба да се комбинира со проактивен пристап кон управувањето со времето и приоритизацијата на задачите за да се постигне одржлив успех и да се минимизира стресот поврзан со одложувањето.

За авторот:

Ивана Кајеска е дипломиран психолог при Филозофскиот факултетот во Скопје, HR ентузијаст и вљубеник во современата психологија, со 5 годишно искуство како полициски службеник и аналитичар за статистичко истражување и документирање,во Министерството за внатрешни работи.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...