КОРПОРАТИВНИ ДЕТСКИ ГРАДИНКИ

од 24HR

Колумна на Билјана Чкламовска –Одговорна за правни работи, човечки ресурси,  усогласеност и етичко однесување во ХТЛ Македонија (Новоматик Групација)

Канцелариските паркови, рестораните, кафулињата, просториите за рекреација и спорт и држачите за велосипеди почнуваат да стануваат природен дел од деловната инфраструктура на подобрите компании веќе и кај нас. Тие се вклопуваат во филозофијата на модерниот деловен простор, кој е полн со живот 24/7. Во денешно време, непаричната мотивација на вработените како што се: билет за теретана или базен, приватно здравствено осигурување е се повообичаена, така што ова тие повеќе не го сметаат за некоја особена придобивка. Тоа полека станува вообичаен стандард, нешто природно и очигледно, она што скоро секој вработен едноставно го има.

Пристап до градинка со добра образовна програма во непосредна близина на работното место со повластени финансиски услови е вистинска и опиплива придобивка, особено кај работодавачите кај кои просечната возраст на вработените е во опсег од 25-40 години, а кои сакаат да градат имиџ на family friendly компанија.

Од една страна, ова се должи на потребата компаниите да се натпреваруваат за стекнување на што поголем углед на пазарот како општествено одговорни правни лица. Од друга страна, сè повеќе работодавачи се соочуваат со проблемот да привлечат нови вработени и да ги задржат вработените, па оттука расте и свеста кај нив за тоа, колку е важно вработените да бидат мотивирани. Во овој тренд одлично се вклопува и идејата за отворање градинки за децата на вработените.

Една моја пријателка, која беше на студиски престој во Јапонија пред седум години ми раскажа дека Јапонците имаат детски градинки во кругот на фирмата или на фабриката каде што работат. Мудрите и вредни Јапонци од поодамна ја имаат сфатено, па и пресметано придобивката од корпоративните градинки за децата на своите вработени.

Отворање градинка во самата деловна зграда, е навистина привлечен бенифит за младите работници што основаат семејство. Неопходноста од оставање на децата, особено оние на многу мала возраст, под грижа на странци, за родителите е секогаш стресен момент. Во нашата држава навистина стана проблем да се смести дете во малиот број градинки.

Јасли или градинка во нивна близина им дава чувство на сигурност, бидејќи во секој момент можат да претрчаат ако е потребно, да останат со своите деца и да се погрижат да бидат добро згрижени. Исто така, за родителите ова ќе значи и заштеда на време, бидејќи ваквите градинки имаат работно време прилагодено со работното време на компанијата и им се овозможува да ги донесат и земаат децата без стрес во за нив најзгодно време, наместо да трчаат наутро да го оставаат детето негде на чување, па да се брза низ сообраќајниот метеж за да се стигне навреме на работа. Исто така, ако родителот мора да остане подолго на работа заради некоја важна обврска или состанок, тој не ќе мора да се грижи околу обврската да го земе детето до определено време. Отворањето на корпоративни детски градинки нуди уникатна можност за воспоставување на баланс помеѓу работните и семејните обврски. Родителите дефинитивно високо ќе го вреднуваат таквото решение.

Секако, ова не ни најмалку ефтина инвестиција, влогот е навистина голем, а бенифитите не се веднаш видливи, така што можат да си го дозволат само големи и профитабилни компании и тоа доколку сите вработени работат на иста локација. Сепак компанијата може да најде и други начини и да покаже дека има family friendly пристап, како на пример организирање на Flying Nanny Day еден ден во неделата или во месецот, на кој вработените ќе можат да ги донесат своите деца во компанијата и додека тие работат, децата да им се дружат меѓусебно во посебна просторија каде што квалификувана личност ќе ги занимава со разни, едукативни интерактивни игри.

Компанијата што ќе го препознае овој бенифит за вработените исто така ќе бидат во извонредна конкурентска предност бидејќи ќе стекне репутација како модерен, семејно ориентиран и грижлив работодавач, што значи: многу атрактивен работодавачи. Корпоративна градинка освен што е суштински аргумент за време на процесот на регрутирање, станува вистинска алатка за управување со човечкиот капитал за задржување на најдобрите вработени и стекнување таленти.

За авторот:

Билјана Чкламовска e oдговорна за правни работи, човечки ресурси,  усогласеност и етичко однесување во ХТЛ Македонија (Новоматик Групација)

0 коментар
4

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...