Колумна на Проф. д-р Даниела Карадаков – професор на БАС Високата школа во наставната област Менаџмент на човечки ресурси.
Инспирирана од една дискусија на социјалната мрежа LinkedIn, сакам да ја поврзам и истакнам важноста на личниот менаџмент за оние кои што својата работа ја извршуваат од дома.
Во денешно време, работењето од дома стана „ново“ нормално за голем број на организации кои под влијание на глобалните промени, технологијата, пандемијата и сл. ги почувствуваа бенефитите и го прифатија ваквиот начин на работа. Работењето од дома претставува предизвик како за организацијата, така и за вработените. Секој што ја извршува работата од дома свесно или несвесно ги развива вештините на себе-менаџирање. Тоа значи дека личниот менаџмент, односно организирањето и менаџирањето на сопственото време и активности, поставувањето на јасни цели и приоритети, фокусирањето на задачите и сл., за овие вработени станаа многу важни вештини, особено кога од нив се очекува да ги постигнат бараните резултати и цели и да покажат продуктивност во работата. Работењето од дома бара повисок степен на самодисциплина и самоконтрола. Голем е предизвикот да се организира сопственото време и активности во едни поинакви просторни околности, а притоа да не се подлегне на здодевноста и стресот што може да го предизвика таквиот начин на работа. Сепак, мора да признаеме дека понекогаш тоа не е ни најмалку лесно.
Затоа, сакам да споделам кои вештини на личниот менаџмент се клучни за ефективно и ефикасно извршување на работата од дома.
- Познавајте се себеси и своите навики. За да бидете успешни во вршење на работата од дома, прво треба добро да се познавате себеси и своите навики. Тоа ќе ви ја даде смислата на она што го правите. Познавањето себеси значи да си ги познавате своите силни и слаби страни, својата визија за иднината, своите добри и лоши навики, да се познавате кога сте најфункционални и најпродуктивни, а кога најмалку остварувате, да бидете искрени кога сте најдобри, а кога не сте, да бидете свесни кога телото и мозокот најфункционално ви работат и да имате голема самодоверба. Ова ќе ви овозможи да ја развиете вашата самодисциплина и да имате поголема самоконтрола на своите мисли, чувства и постапки.
- Поставете јасни цели. Доколку се познавате себеси ќе можете самостојно да поставувате цели и да преземате иницијатива за нивно исполнување. Сами ќе ја одредувате траекторијата на движење, искористувајќи ги сите можности за исполнување на поставените цели. Поставете јасни SMART цели (специфични, мерливи, остварливи, реални и временски определни), затоа што нејасните цели создаваат и нејасни резултати.
- Планирајте го вашето време и активности. Планирањето не значи дека треба да ги планирате само деловните активности, туку треба да направите планирање на сите активности што сакате да ги постигнете на дневно/ неделно/ месечно ниво. Немањето план ќе ви ја одземе силата да се спротиставите на барањата на другите или ќе ви ја намали психолошката одбрана од сопствените тенденции да ја одложите работата. Планот, заедно со јасниот распоред на извршување на активностите, ќе ви даде фокус и ќе се посветите на извршување на приоритетите, на она што ви е важно. Препорачливо е да се работи во временски периоди/блокови и да се даде соодветна пауза меѓу нив.
- Практикувајте здрави навики. Запоставувањето на личните енергетски потреби е прикриен потрошувач на продуктивноста и на времето. Доколку правилно не ја распределите енергијата, тогаш можно е да се соочите со одредени последици во здравјето, продуктивноста, да имате проблеми со концентрацијата, фокусираноста, да бидете демотивирани и сл. Практикувањето на здрави навики значи да поставите јасна граница меѓу работа и живот, да направите баланс меѓу истите, да имате јасни граници меѓу работното време и времето наменето за вашиот приватен живот. Исто така, многу е важно постојано да ја обновувате вашата енергија, а за тоа може да ви помогнат физичките активности, паузите, фокус на нешто што ве исполнува и сл.
- Самомотивација и проактивност. Работењето од дома бара да имаме голем степен на самомотивација и проактивност. Тоа значи дека треба да ја барате силата во вас која ќе може да ве води низ предизвиците, која ќе ве води напред. Изборот на вашите акции и реакции треба да го правите врз основа на вашите вредности и одлуки, а не врз основа на расположенијата и условите во кои се наоѓате. Проактивноста ви создава одговорност кон однесувањето, резултатите и вашиот развој.
- Емоционална интелигенција. Вештините кои ја сочинуваат емоционалната интелигенција (спознавање на сопствените емоции, управување со емоциите, самомотивација, емпатија, одржување на односите) ви се важни за да може да се справите со животниот „хаос“, особено кога работата ја извршувате од дома. Да се биде емоционално писмен значи да се биде способен да се управува со емоциите на начин што се зголемува личната моќ и се подобрува квалитетот на животот како за себе, така и со другите. Развојот на емоционалната интелигенција ќе ви овозможи подобро да се запознаете себеси, да развиете лична одговорност за своите постапки, да се справите со сопствените емоции и да ги контролирате.
Може да заклучиме дека личниот менаџмент може многу да помогне во добивањето на конкурентска предност во однос на оние вработени кои се потпираат на надворешното менаџирање за да ја завршат работата. Исто така, може да се заклучи дека личниот менаџмент ги опфаќа најважните вештини што треба да се поседуваат во денешното опкружување при извршување на работата од дома, а работата од дома бара да се развие нов сет на вештини за да се постигне успех во работата и животот. Затоа… Посвети се на себе!
За авторот:
Проф. д-р Даниела Карадаков е професор на БАС Високата школа во наставната област Менаџмент на човечки ресурси. Таа бележи богато наставно, обучувачко, и менаџерско искуство. Активна е како професор, обучувач, консултант и истражувач во полето на менаџментот на човечки ресурси, личниот менаџмент, организациското однесување и комуницирање, интерперсоналните односи, организирањето на настани и сл. Од 2012 до 2021 година ја вршеше функцијата директор на БАС Високата школа, каде за нејзината успешна работа сведочат две посебни признанија: Признание за оживотворување на мисијата на БАС, добиено во 2015 година од страна на основачите на БАС и Признание за жена менаџер во 2018 година, добиено од страна на Агенцијата Марили. Прв автор е на две изданија: Личен менаџмент и Практикум по личен менаџмент во издание на БАС. Во текот на својата кариера има објавено бројни стручни и научни трудови, научни трудови со импакт фактор, а исто така активно учествува и на домашни и меѓународни стручни и научни собири.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.