Луѓето се најголемата конкурентска предност на Infinity International Group

од 24HR

Интервју со Сашка Ивановска, HR бизнис партнер во Infinity International Group и Ивана Живковиќ, Менаџер за човечки ресурси во Infinity International Group.

Оваа година Infinity Energy ITSS одбележува 1 година од своето присуство на македонскиот пазар. Кажете ни како изгледаа вашите почетоци и каде сте сега?

Ивана Живковиќ:

Како дел од Infinity International Group со седиште во Бања Лука, чиишто компании-членки зад себе имаат илјадници успешни проекти во областа на информатички технологии и енергетика во БиХ и регионот, Infinity Energy ITSS со седиште во Скопје со својот квалитет и знаење успешно се позиционираше на македонскиот пазар.

Знаењето, квалитетот и стручниот тим кон коишто тежнеевме од самиот почеток резултираа со препознавање од страна на клиентите, но и од многу странски партнери од светски признаените ИТ компании. Токму затоа, при основањето на компанијата нашиот најголем предизвик беше да привлечеме стручен тим и да воспоставиме процеси на работење на начин којшто ќе помогне компанијата адекватно да се поврзе со групацијата имајќи ги во предвид локалните трендови на македонскиот пазар.

Сега, после една и пол година, горди сме на македонскиот тим и на развојот на компанијата во сегментот на квалитет во работењето. 

Како вашиот ХР и рекрутмент тим се снаоѓа на македонскиот пазар во процесот на регрутација?

Сашка Ивановска:

Со големо внимание направивме одличен избор на стручен и високо компетентен тим којшто професионално одговори на сите предизвици досега.

За сектор кој моментално е најатрактивен за вработување, навидум звучи едноставно справувањето со сите потреби во една ИТ компанија. Но, во реалноста тоа е навистина голем и предизвикувачки процес особено на нашиот пазар.

Процесот на регрутирање во голема мера се промени благодарение токму на технологијата и продолжува да се развива како одговор на популарноста на различни практики и методи кои се покажаа како огромна предност за нас.

Следењето на интересите на потенцијалните кандидати и нашето присуство на социјалните медиуми се само дел од нашата моментална комуникациска стратегија која не само што е тесно поврзана со процесот на регрутирање туку и воопшто е клучна во обликување на нашиот идентитет на локално ниво.

Сашка Ивановска, HR Бизнис Партнер во Infinity International Group

Што е тоа што вие во Инфинити го правите поразлично во однос на другите компании во вашата бранша, а ги привлекува кадидатите?

Сашка Ивановска:

Сѐ почнува од спојување на вистинските луѓе кои навистина ја прават разликата во секоја компанија. Тие ги спроведуваат нашите стратегии, тие ја користат вистинската тактика за извлекување на максимумот од секоја деловна ситуација, тие комуницираат во организацијата и надвор од неа.

Тие ја движат компанијата напред и се навистина нашите најважни бренд амбасадори.

Ќе земам едно прашање како пример, колку софтверски компании има? Колкава конкуренција во последниве неколку години се појави токму на македонскиот пазар во ИТ индустријата? Во тој натпревар за таленти, за секоја од нив можеме да кажеме дека напредува на свој начин.

Креирање на индивидуално позитивно искуство уште од првиот контакт со потенцијалните вработени е тоа што нѐ прави автентични.

Покрај сите бенефити и employees wellbeing програми моментално актуелни како во повеќето компании така и кај нас, токму луѓето се нашата најголема конкурентска предност дури и во процесот на привлекување нови кандидати.

Благодарни сме на нивната искреност во ширењето на перцепцијата за нашата работна култура што сметам дека беше клучно за нашата компанија да успее да се носи со сите предизвици во процесот на регрутација од самиот почеток.

Имате ли посебна бенефит програма и дали тоа влијае на кандидатот да работи во Инфинити Енерџи ИТСС?

Сашка Ивановска:

Неизбежно е во процесот на привлекување и задржување на вистински таленти да се создаде бенефит програма. Секако дека ги следиме популарните трендови, но многу внимателно филтрираме и правиме избор на тоа што ние ќе го понудиме на нашите вработени.

Популарните трендови во изминатиов период во технолошките компании во голема мера се сведоа на фаворизирање на флексибилноста и промовирање на Remote Working со сите предности и недостатоци. Некои поволности едноставно треба да бидат дел од стратегијата за брендирање на секоја компанија што во ова модерно време и не би можела да ги издвојам како посебни бенефити што влијаат за работа во една или друга компанија.

Во секој случај одлуката за работа во нашата компанија зависи и од интересите на самите кандидати, така што ние се трудиме да направиме соодветна евалуација на актуелните бенефити или можните поволности кои би ги понудиле сѐ со цел да генерираме повисоки резултати на работното место.

Структурата, евалуацијата и целта зад поволностите за вработени се од суштинско значење така што моето мислење е дека токму стратешкиот пристап и прилагодување на програмата за бенефиции за нашите вработени на културата на компанијата и нивните специфични потреби е тоа што влијае на кандидатите сериозно да пристапат со работа во нашата компанија.

Дали го почитувате правилото „ИНТЕРВЈУ 15 минути“?

Сашка Ивановска:

Како и секое друго правило, и ова има добра и лоша страна. Сѐ поаѓа од тоа колку сме агилни во креирање на позитивно искуство кај потенцијалните вработени.

Тие 15 минути се клучни за оставање на прв впечаток од неколку аспекти и да бидам реална во многу ситуации се докажало како успешна пракса. Но, во никој случај не може да се застане тука и да се донесе одлука врз база на субјективно мислење создадено од еден разговор од 15 минути.

Секоја позиција бара трпение и градење однос со кандидатите. Ние коишто стапуваме во прв контакт со потенцијалните кандидати многу сме свесни дека треба да се задржи границата на регрутер – кандидат но во исто време да се покаже искреност и сериозност во намерата. Сепак зборуваме за двајца субјекти кои треба да се поврзат за да се продолжи процесот, а ние сме одговорни за создавање на таа цврста врска. Одговорни сме да ги искористиме тие 15 минути да ја „продадеме“ нашата компанија, да го насликаме тоа работно место во вистинско светло а во исто време да добиеме перцепција за човекот којшто стои пред нас, за неговите интереси и сериозност.

Кои се вашите совети за подготовка на кандидатот за интервју и што треба/не треба да се каже на интервјуто?

Ивана Живковиќ:

На разговорите за вработување важно е да оствариме добра комуникација со кандидатот во којашто ќе го разгледаме взаемниот интерес од заедничката соработка. Кандидатите треба да бидат автентични, онакви какви што се. На разговорот за работа зборуваме за квалификациите и компетенциите на кандидатот за одредена позиција, заради проценка на можноста за вклопување со нашите потреби.

Кандидатите обично истражуваат прашања на интернет кои би можеле да бидат поставени за време на разговорот, но во процесот на интервју, ние кои правиме квалитетно оценување на кандидатите, најчесто подготвуваме целни прашања преку полуструктурирано интервју и се надоврзуваме со прашања кои се соодветни за интервјуто, а заради објективизација често користиме различни тестови.

Затоа, кандидатот може да се подготви со биографија којашто ќе биде уредна, концизна и со релевантни информации, како и да се запознае со компанијата преку нејзината веб страна, дополнителна подготовка не е потребна. Наша задача е да му помогнеме на кандидатот да ни даде адекватни одговори преку нашите адекватни прашања.

Ивана Живковиќ, Менаџер за човечки ресурси во Infinity International Group

Како резултат на пандемијата светот се префрли на онлајн интервјуа, дали и вие го прифативте овој концепт?

Сашка Ивановска:

Онлајн интервјуата за работа навистина заштедуваат време и за работодавачот и за кандидатот и овозможуваат брз и ефективен процес на регрутирање особено од аспект на добивање на прв впечаток и проценка на интересот на кандидатот. Секако дека придобивките од ефикасноста на виртуелните интервјуа ги прифативме и ќе ги практикуваме во иднина особено во рана фаза на процесот на оценување на кандидатите, сфатено сериозно со целосна подготовка во однос на компатибилност на софтвер, брзина на интернет, подготвеност за користење на тие технологии како и во чекор со нови методи и техники за спроведување на истите.

Но, во секој случај првиот избор за мене сеуште е физичкото интервју. 

Дали се водите по правилото на Ричард Бренсон – ангажирајте вработени со интелигенција и став а не факултетски дипломи?

Сашка Ивановска:

Водејќи се по неговиот пристап кон лидерство којшто ги крши правилата и го охрабрува секој вработен да стане иновативен мислител, потполно се согласувам со тој став.

Среќата е во тоа што во голем дел тие две работи одат заедно а наша е улогата во изборот на луѓе коишто ќе бидат лице на компанијата и ќе додадат вредност на свој, уникатен начин.

Какви се плановите на Инфинити Енерџи ИТСС за во иднина?

Ивана Живковиќ:

Плановите за иднината на нашата компанија се прилично амбициозни. Во согласност со стратегијата на групацијата, компанијата ја очекува развој од различни аспекти, од решенијата коишто ги нудиме, до развој на кадарот. За нас е особено значајно што веќе се позициониравме како посакуван вработувач, а на тоа ќе работиме и понатаму. Нашата визија подразбира дека без квалитетен кадар нема ниту планови ниту проекти и токму затоа луѓето отсекогаш биле најважниот ресурс на ниво на целата групација. Свесни сме дека само со најквалитетниот кадар можеме да ја оствариме целта – преку иновативни технолошки решенија да бидеме лидери во изградбата на дигитална иднина на пазарите на коишто работиме, но и пошироко.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...