На Светскиот Универзитетски куп на боречки спортови што деновиве се одржува во Самсун, Турција, македонските каратисти обезбедија пласман во две борби за бронзен медал. Ангела Мојсовска, во категоријата под 68 килограми и Викторија Јовановска (-61 кг.) утре ќе се соочат со своите противници во битката за освојување трето место.
На ова глобално натпреварување, кое што од годинава е именувано како „Светски куп на боречки спортови”, пријавени се 1.100 учесници од 300 универзитети од 50 држави. Тие се соочуваат во шест боречки спортови: самбо, борење, бокс, кик-бокс, вушу и карате. Македонската универзитетска карате репрезентација е предводена од селекторот Бошко Заборски, кој исто така е и тренер на скопски „Макпетрол”.
Ангела Мојсовска беше близу до финалето, но не успеа предноста да ја претвори во победа. По два триумфа со натпреварувачки од Австрија (2-1) и Босна и Херцеговина (4-3), таа во третото коло на десет секунди до крајот на мечот не успеа да ја задржи предноста и загуби од репрезентативката на Украина, Елина Сиелменева. Мојсовска својата шанса за бронза ќе ја бара во борба со Садеа Бечировиќ од Хрватска.
Викторија Јовановска преку решавачка борба во репасаж, со убедлива победа од 5-1 против репрезентативката од Австралија, Џуди Марие Бат, обезбеди борба за бронзен медал. Во овој меч таа ќе се соочи со репрезентативката на Турција, Ајсима Каракаја.
Забележителен настап првиот ден имаше и Петар Заборски (-75 кг.). Тој оствари две извонредни победи, но во борбата во третото коло загуби од репрезентативецот на Франција, Ензо Бертон, со резултат од 1-2, поради што не влезе во полуфиналето. Наши репрезентативци кои се натпреваруваа во Турција, но загубија во првото коло се Глигор Петков, Петар Спасеновски и Димитар Илиевски.
Давид Петков (-67 кг.), Моника Пендаровска (-55 кг.) и Марија Петровска (-50 кг.) настапуваат денес (28.09) во своите категории. На 29 септември на програма се екипните настапи за мажи и жени, додека на 30.09 се борбите за медали.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.