Макпетрол освои 11 медали на државниот плејоф карате-турнир за сениори

од 24HR

Последната недела од март во Гвадалахара, Шпанија, ќе се одржи европското сениорско карате-првенство, а на државниот плејоф-турнир за влез во репрезентацијата најуспешни беа членовите на „Макпетрол“. Скопскиот клуб освои 11 признанија, односно четири златни, пет сребрени и две бронзени медали. Право на учество на ова натпреварување имаа единствно освојувачите на признанија на националниот шампионат што се одржа минатата недела.
 
Натпреварувањето се одвиваше по бергер-систем, односно сите спортисти освојувачи на медали во тежинските категории имаа меѓусебни борби, секој со секого.

– Државното првенство и плејоф-турнирот се најстресните два натпревари за сите спортисти, тренери и клубови. За нас е најважно што ги потврдивме и задржавме првите места што ги освоивме на државното сениорско првенство претходната недела. Задоволни сме бидејќи на татамите покажавме и докажавме дека имаме спортски ресурси и за поголем резултат затоа што сите наши спортисти се максимално и сериозно подготвени за влез во репрезентацијата. Не е тајна дека имавме неколку судиски неправди, кои доколку не се случеа секако дека ќе имавме и поголем резултат, но тоа е составен дел на нашиот спорт – изјави тренерот на „Макпетрол“.

Освојувачи на првите позиции се Петар Заборски (-75 кг.), Петар Спасеновски (-84 кг.), Стефан Стојановиќ (+84 кг.) и Ангела Мојсовска (-68 кг.), односно тие обезбедија место во репрезентацијата што ќе ја претставува Македонија во март во Шпанија. Второпласирани на турнирот се Марија Петровска (-55 кг.), Симона Заборска (-61 кг.), Давид Петков (-67 кг.), Глигор Петков (+84 кг.), Витомир Трајковски (-84 кг.). Со бронзени медали се закитија Јована Мицовска (-61 кг.) и Викторија Јовановска (-61 кг.).

Тренерот на „Макпетрол“ истакна дека за членовите на клубот е забележително што доминираа во машкиот дел во тежинските категории. Во полутешка (-84 кг.) и во тешка категорија (+84 кг.) каратистите на скопскиот тим имаа финални мечеви и на државното првенство и сега на плејоф-турнирот. Натпреварувачка зрелост и голема подготвеност прикажа Петар Заборски (-75 кг.) кој и на националниот шампионат и на плејоф-турнирот забележа максимален број победи и како непоразен обезбеди репрезентативно место во оваа тежинска категорија. Кај жените исклучително квалитетен настап имаше Ангела Мојсовска која, исто така, не остави простор за грешки и со максимална борбеност оствари највисок резултат во својата категорија (-68 кг.).

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...