Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија
Кога бев дете (каков почеток бе, кога БЕВ. А кога пораснав??) имав милион прашања. Милион и уште едно. За денес. Утре, пак од почеток. Како, Кој го создал Светот? Кој ја нарекол Земјата – Земја? Зошто небото е сино? Зошто морето е солено? Постојат ли леви чорапи или сите се десни? За што сонуваат куклите? Му недостигам ли на мечето додека сум во градинка? Зошто татко и Лиле ја пушта да останува надвор до 22 часот, а татко ми бара да сум дома во 21? Зошто мајка ми ми вели дека не можам да чувам гулаб во кафез? Зошто Том Соер смеел да оди во пештери, да плива во река, да шета бос, а јас треба да седам дома и да вежбам Математика? Зошто постојат војни? Зошто децата во Африка се гладни? Зошто морам прво да ја изедам салатата, па супата, па ручекот, а јас сакам само сладолед? Дали ако копаш доволно длабоко ќе стигнеш во Кина? Ја гледаат ли луѓето од Месечината Земјата, кога небото е ведро? Се прашуваат ли дали има жив свет таму некаде? Ја боли ли тревата кога трчам по неа? Не е ли греота кокичето што никогаш не видело лето? И така секој ден. Кој може да каже дека не биле важни? Дека не ме формирале, некако, на својот суптилен, нежен начин? Биле ли сите еднакво битни? И, кое е најважното прашање на светот?
Постои само едно единствено прашање на светот кое успева да допре до причините и прапричините, кое ги бара мотивите, нурка во желбите, стравот, се соочува со отпорот, ѝ гледа во очи на одбивноста, се бори да дознае, да поправи, да спаси. Прашање кое успева да стигне до дното на проблемот, да го види, да го извади на светлоста на денот, да се соочи со него, да побара решение. Треба храброст за да го поставиш. Чиста душа да го одговориш.
Веќе знаете, нели? “Зошто” е најдоброто прашање што постои. Она што никогаш не треба да престанеме да го прашуваме.
Зошто?
Вака. Имате проблем. Или, ајде, не е проблем, предизвик е.Се случило нешто непредвидено. Некаов пропуст, грешка. Настанала (или можеби не) некаква штета. Кај голем дел од менаџерите, прво прашање е – Кој е виновен? Кој го направил тоа? Следно – предлог за казна до одделот за човечки ресурси, секако. И, претпоставката е дека, благодарение на казната, грешката нема да се повтори. Погрешно, нели?
Или, втор случај. Работата не оди. Продажбата се намалила, повратот на роба се зголемил, приливот на жиро-сметка е се помал, имате проблем со неликвидност… И? Пак, кој е виновен? Да ги казниме овие од Продажба затоа што не продаваат, оние од Производство затоа што производот не е доволно добар, овие од Финансии што не ги наплатиле побарувањата.. или?
Ме следите, нели? Сето ова е само пливање на површината на морето во еден облачен, есенски ден. Ги гледате брановите, но не знаете ништо за ветрот што ги предизвикал, за карпите кои ги издржале, за рибите што се повлекле во длабокото, за да не бидат исфрлени на брегот. Не ни претпоставувате во каква фаза е Месечината, колку влијае плимата и осеката на нивото на водата, врска немате за временската прогноза и што таа ќе донесе следните денови. Секако, вие сте во вода, но не знаете ќе го преживеете ли следниот бран или не. А, бранот, ќе дојде. Секогаш доаѓаат.
Прво што треба да направите е да го амортизирате ударот на бранот. Да ја исправите грешката. Да не овозможите нејзино повторно случување. Како? Со прашување “Зошто”.
Зошто настанал проблемот? Зошто имаме кусок во магацинот, на пример. Затоа што Петар издал погрешна роба. Зошто Петар издал погрешна роба? Затоа што на местото означено за тој производ, во магацинот имало друг производ. Зошто имало несоодветен производ на тоа место? Затоа што Марко, кога го правел приемот, немал простор каде да ја смести таа палета, па ја ставил на првото слободно место. Зошто немало место во магацинот? Затоа што колегите од Планирање пратиле поголема нарачка до Производство. Зошто нарачката била голема? Затоа што колегата од Продажба побарал 100 пакети производ, наместо вообичаените 10. Зошто побарал 100 пакети? Ејјјјјјјј, не побарав јас 100, ви реков 10, вие сте запишале погрешно! Аха. А зошто Сашо од Продажба, наместо да ја внесе нарачката во систем, се јавувал да диктира нарачка? Затоа што полесно му било така, возел, не можел да застанува и да куца, морал да се врати дома навреме, ќерка му имала роденден. Та-дааааммммм. Значи, проблемот настанал поради непочитување на процедури. Имате проблем со процедурите. Значи, се враќаме 3 чекори назад и повторно зборуваме за принципи, за почитување на процедури, за важноста на истите и тн., со само една цел – проблемот да не се повтори. Ако го казниме Петар, без да прашаме седумпати “Зошто”, проблемот ќе се појави пак, во друг оддел и друга форма, но пак ќе биде тука.
И, не само во решавањето на проблеми. “Зошто” оди многу подлабоко од тоа. Не за џабе е крал на сите прашања.Од него почнува се.
Германскиот филозоф, Фридрих Ниче рекол: „ He who has a why can endure any how“. Ако знаете зошто, ќе најдете начин како. Знаењето зошто е прв чекор во постигнувањето на целите. Зошто го сакате тоа? Што постигнувањето на целта ќе значи за вас? Зошто е тоа значајно? Што ќе промени тоа? Што ќе значи ако целта не е постигната? Зошто? Како тоа ќе влијае врз вашиот бизнис/живот? Зошто таа активност мора да биде спроведена? Како таа влијае врз остварувањето на целта? Кого треба да вклучите? Зошто? Можете ли да си дозволите неуспех? Зошто?
Знаењето зошто е важен прв чекор во откривањето како да ги постигнете целите што ви се важни. Само кога ќе го знаете вашето „зошто“ ќе најдете храброст да ги преземете ризиците потребни за да напредувате, да останете мотивирани кога работите не се движат баш најдобро и да започнете да живеете, наместо да преживувате.
Прашувајте “Зошто”, на работа, но и во приватниот живот. Себеси и другите. Ако сакате да разберете, секако.
Многумина го мразат прашањето. Ќе ви кажат дека се занимава со минатото, наместо да гледа кон иднината. Дека навлегува во интимата. Дека копа по нештата за кои луѓето нерадо зборуваат. Често, ќе се обидат да го избегнат одговорот. Или, да дадат некаков површен. Луѓето често лажат кога ги прашувате “Зошто”. Сепак, прашувајте. Не престанувајте да прашувате. Ако доволно долго прашувате “Зошто”, ќе стигнете до центарот на Земјата, чичко Верн и јас ви ветуваме.
За авторот:
Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.