Сите ние барем еднаш во животот сме кажале “Имам некое чудно чувство”, што дополнително е проследено со збир на повеќе мисли кои предизвикуваат сложени емоции. Но, не секој од нас обратил повеќе внимание на тоа чувство. Што всушност е интуицијата?
Интуиција е способност да се согледаат или знаат нештата без свесно расудување. Toa е начин како ги превземате информациите од реалниот свет. Меѓутоа, мора да се прави дистинкција помеѓу поимите интуитивен и чувствителен. Чувствителните претпочитаат да зборуваат за она што се случува или се случило, додека интуитивните се фокусирани на она што допрва доаѓа.
Дали некогаш сте знаеле нешто со сигурност, но не сте во можност да објасните како го знаете тоа?
Дефинициите за тоа како точно да ја препознаете интуицијата се настанати субјективно. Често се опишува како чудно чувство во стомакот, немир, притисок во градите. Но, интуитивните луѓе не се видовити и немаат интуиција за секое поле во
животот. Како најистражувана и најдокажана е мајчинската интуиција, спиритуално искуство која мајката го има во дадени моменти од животот на своето дете. Потоа, интуицијата кон својот партнер, работата и важните одлуки кои треба да се донесат.
Сѐ она на кое ставаме фокус во одреден дел од животот, а кое би било од огромно значење за наше понатамошно егзистирање, неретко е проследено со интуиција.
Кога свесно осознаваме дека нешто ќе се случи или го детектираме како потенцијална опасност, нашиот несвесен дел започнува да чита меѓу редови, да распознава и препознава симболи кои несвесно се пратени од другата страна (дразба) и тоа трае… и трае… а, свесното и несвесното, како основи на психоанализата, се во постојана соработка, така што се зголемува влијанието на несвесното во нашето свесно.
Откако свесното веќе ќе се потхрани со информации кои ги испратило несвесното, филтрирани, јасни и без метафора, доаѓа чудното чувство во стомакот. Во моментот кога прв пат ќе го почувствуваме тоа, свесниот дел е тој што одлучува дали ќе продолжиме да веруваме на интуицијата или ќе ја занемариме и ќе се потпреме на рационалното. Доколку се одлучиме да ѝ веруваме, тогаш оставаме уште простор свесното да се храни и будно ги следиме нашите реакции. Ако нѐ води кон вистинското нешто, чувството ќе станува посилно, а дразбата сѐ појасна. Тогаш го достигнуваме суперсвесното. Тоа е границата која ги дели сонот и јавето. Суперсвесниот ум сите работи ги согледува како дел од целина и иако е латентен процес, сепак ќе не доведе до вистината. Запрашајте се дали сте восхитени или вознемирени.
Но, од круцијално значење е да се има емоционална интелегенција, чувство на смиреност и рамнодушност. Се дополнително што ќе се почувствува, може само да ни даде лажно толкување на интуицијата, кое всушност е резултат на минати искуства или силни желби.
За жал, воопшто не е едноставно да се развие интуицијата. Тоа е долг процес во кој треба да се вложува, да се работи и посветува.
Една добра техника е водење дневник, 20 минути кон крајот на денот.
Забележете што е можно повеќе случувања, дури и да ви делуваат неважни, ќе се изненадите колку истите имаат голема важност. Потоа, на секои три недели, препрочитајте што сте пишале и на тој начин ќе направите синтеза меѓу минатото и сегашноста за да ја доближите иднината.
Јога, медитација, поминување повеќе време сами со себе, анализа на своите мисли, сонови, опсервација на вашето опкружување, ќе го вклучат и изострат вашето шесто сетило.
Секако, постојат повеќе прирачници кои ќе ви помогнат уште повеќе да ја развиете интуицијата.
Вежба за сите оние кои се почетници во препознавање на својата интуција:
Работете со индиректна (симболичка) интуиција
• Земете парче хартија и пенкало или молив.
• Запрашајте се: „Што му треба на мојот живот во моментов?“ три пати по ред, паузирајќи помеѓу секое прашање. Замислете дека се стекнувате со позначаен одговор секој пат кога ќе прашате.
• Кога ќе завршите со третото прашање, земете го пенкалото и нацртајте еден симбол на вашата хартија.
• Толкувајте го овој симбол. Што сугерира според вас? Дa додавате, одземате или да уживате во тековната состојба од вашиот живот?
Како што рекол Дин Кунц: „Интуицијата е гледање со душата“, затоа не ја потценувајте
моќта на вашиот внатрешен глас.
За Авторот:
Ивана Кајеска е дипломиран психолог при Филозофскиот факултетот во Скопје, HR ентузијаст и вљубеник во современата психологија, со 5 годишно искуство како полициски службеник и аналитичар за статистичко истражување и документирање,во Министерството за внатрешни работи.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.