Колумна на Сашо Мержаноски – Раководител на одделението за човечки ресурси во Општина Кисела Вода.
Во една сатирична изрека, Роберт Орбен познат американски писател на комедии, кој во 1973 година станал и пишувач на говори на тогашниот потпретседател на САД Џералд Форд, рекол “Секој ден кога ја гледам листата на најбогатите во Форбс, и гледам дека не сум на неа, станувам и одам на работа”. Исто така, интересна изјава во врска со работата и работните места дал и и поранешниот Претседател на САД, Хари Труман, кој вели дека рецесија е кога твојот сосед ќе ја загуби работата, депресија е кога ќе ја изгубиш твојата.
Секако овие изјави се повеќе саркастични, но преку нивната суштина ќе се разбере моментот на целиот работен однос, конкретно она што го прави човекот – работата. Работата е нормален процес за целото човештво, и преку работното место и плаќањето за истата, луѓето функционираат и како поединци и како колектив, низ целиот свој живот.
Во текстот што следи, сакам да го потенцирам значењето на платата и нејзиното влијание од психолошки аспект, почнувајќи од објавувањето на еден оглас, па до добивањето на истата. Најмалку што сакам во случајов е да бидам психолог, сепак сум правник, и од тој аспект сакам да направам една мала анализа за тоа како плаќањето влијае на потенцијалниот иден вработен.
Законот за работни односи, ја конкретизира платената работа во голем дел од својата содржина, од самиот почеток на огласувањето на некое слободно работно место во приватниот сектор (ЗРО е наменет за приватниот сектор) каде вели дека кога работодавачот вработува работници по пат на јавен оглас, должен е и да го наведе паричниот износ на основната нето плата или паричен износ од највисок износ на нето платата за работното емсто за кое се бара работник. Исто така, и при склучувањето на договорот за вработување, потребно е да биде наведена висината на основната плата која се изразува во паричен износ, како и другите надоместоци кои му припаѓаат на работникот за вршење на работата (основна плата + дел од платата за работна успешност + додатоци). За потсетување, глоба од 3000 евра во денарска противредност ќе се изрече на работодаач-правно лице доколку објави јавен оглас и слободно работно место спротивно на чл.22, 23 и 24 од ЗРО.
Скоро и ретко да се види објавен оглас каде е реално објавена платата за објавеното работно место. Делува и смешно дури и кога во еден оглас потенцирано е дека платата е редовна?! Како да, редовноста на платата ќе привлече некој човек да најде спас за својата егизистенција или пак за развој на својата идна кариера.
Во последно време, спротивно на нашите правни прописи во секој случај, е објавување на “компетитивна плата”. Каква е таа плата, колку изнесува, каде е пропишано во нашето законодавство таков поим за плаќање на работата? Според една дефиниција, компетитивна плата е термин кој реферира на тоа дека плаќањето за конкретното работно место е еднакво или слично на платата во конкретната индустија (област) за местото кое се објавува. Чиста небулоза, и пресликување на некој архетип од американските ТВ серии или филмовите каде навидум сите се борат за платата, кариерата и милионски суми, автомобили и елитни апартмани.
Сметам дека, работодавачите треба веднаш да се вратат во реалноста и најважно, да го почитуваат законот и да се држат до него, наместо по сценаријата на режисерите на филмови. Секако, трудовата инспекција треба да биде ажурна во спроведување на законските одредби и да ги санкционира сите неправилности во работниот однос, бидејќи вака, на мала врата ќе се протнуваат и други незаконити практики кои лошо ќе влијаат на работниците на долг рок.
За авторот:
Сашо Мержаноски е Раководител на одделението за човечки ресурси во Општина Кисела Вода. Магистер по право – правосудна насока со 10 годишно работно искуство на правни работи, во адвокатурата, судството и приватниот сектор. Има положено правосуден испит, како и приемен испит на Академијата за судии и јавни обвинители во 2019 и 2020 година.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.