Интервју со Лена Никиќ – Менаџер на сектор за човечки ресурси и Офицер за заштита на лични податоци во млекара Бучен Козјак.
За себе вели дека е пред сè мајка и сопруга – две работи од каде ја црпи силата за својот професионален и личен развој, додека пак на професионално поле е Менаџер на сектор за човечки ресурси и Офицер за заштита на лични податоци во млекарата Бучен Козјак. По вокација Дипломиран економист, а во моментов е на магистерски студии од областа на Стратегиски менаџмент за човечки ресурси на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, а паралелно има посетувано многубројни професионални обуки од областа на човечките ресурси кои заедно со формалното образование и работното искуство и помогнале да се изгради во вистински HR професионалец како што е денес.
Со Лена Никиќ имавме можност да разговараме во топлите канцеларии на Бучен Козјак каде што таа работи повеќе од осум години. На својата тековна позиција, таа е одговорна за регрутирање и селекција на вработени, водејќи ги сите процеси во однос на правата на вработените, исплаќање на работниците и систем за наградување, мотивација и благосостојба на вработените. Тоа го прави со помош на долгогодишното искуство во менаџирање со луѓе и тимови, а главна цел ѝ е мотивирање и овозможување на професионален развој на самите вработени. По природа е флексибилна личност, со силна желба за докажување и давање на позитивен личен пример. Повеќе за Лена Никиќ и нејзината приказна во светот на човечките ресурси дознајте во нејзиното интервју во рубриката Љубов кон HR на 24HR.
Како се случи да се вљубите во човечките ресурси како професија?
Динамичноста на професијата е тоа што мене лично ме натера да се препуштам во науката на човечките ресурси. Психологијата на човекот отсекогаш ми била атрактивна област, која често ја истражувам во слободно време. Балансирањето помеѓу различните карактери во работната атмосфера дава посебно чувство, искуството кое се стекнува во секојдневните ситуации е непроценливо. Во човечките ресурси не постои монотонија. Денот секогаш се заснова на чувства, интуиција, искуство. Додека пак вложувањето во развој на нови таленти и градењето на професионален план на своите вработени е дејствие кое нема цена.
Дополнително, постојано се креираат нови стратегии и техники за менаџирање со тимови. Неверојатно е колку е турбулентна оваа професијата, што за мене претставува предизвик, особено кога треба да избалансирам помеѓу законските промени, задоволство на вработените и топ менаџментот.
Каде беа вашите почетоци и како изгледа кариерната патека на Лена?
Најпрвин почнав како сметководител во компанијата, откако ги завшрив економските студии. Меѓутоа, во тие рани почетоци сфатив дека работните обврски во тој сектор за мене се монотони. Јас не сум тип кој сака бројки. Во секторот за човечките ресурси е апсолутна спротивност. Во тој момент Генералниот Директор ми посочи за мојот страст кон односот со луѓето, по што одлучивме заеднички да вложуваме на градење на мојата професионална кариера во човечките ресурси. Почнав со посета на обуки од аспект на клучни менаџмент алатки за унапредување на работниот потенцијал, за мотивација на вработените, за управување со конфликти во организацијата, по што заклучив дека ова е професијата во која јас се пронаоѓам, која ме исполнува. Одлучив да запишам Мастер студии од област на Стратегиски менаџмент на човечки ресурси при Економски факултет- Св. Кирил и Методиј. Од таму, се трудам секојдневно да се усовршувам со разни едукативни програми компетенти за мојата кариера и моето работно место. Тежнеам да оставам позитивен импакт во организацијата, со тоа што задоволството на вработените ќе биде високо, воедно со нивен ефективен исполнителен перформанс.
Дали постои некое HR достигнување на кое сте особено горди?
Тешко е да се издвои едно достигнување. За мене секој еден нов ден, задоволно, насмеано лице, претставува достигнување. Радоста и сјајот во очите кој се јавува кај вработените кога ќе им соопштам за нова обука, за некоја позитивна реализација, за секоја една нова алатка имплементирана во работниот процес, за нив претставува олеснување, а за нас мотивација уште повеќе да стемиме во подобрувањето на нивната благосостојбата. Со самото сослушување на нивните желби и потреби, тие се чувствуваат вреднувано, а воедно за нас претставува големо достигнување.
Ако некој во моментов размислува за кариера во човечки ресурси, која би била вашата порака за него?
Кариера во областа на HR се заснова на личности кои поседуваат силни комуникациски вештини, како и флексибилност, трпение, тимска работа, поверливост, лидерство, настореност кон решавање на проблеми и слично. Оваа професионална област се повеќе е застапена во скоро сите компании, бидејќи неспорен е ефектот кој HR професионалците го даваат. Затоа сметам дека секој кој ги поседува овие вештини, со желба за успех на полето на човечките ресурси би можел да успее во изградувањето на кариерната патека.
Лена Никиќ за 24HR:
Задоволство е да се чита секоја нова статија. Токму ваков портал како 24HR недостигаше како место каде секојдневно можат да се сретнат нови искуства и знаење.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.