Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?
На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.
Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на професионалците кои на директен или индиректен начин се дел од светот на човечките ресурси. Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.
Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.
Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од нашиот празничен серијал!
Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Катaрина Тасевски, оперативен директор во DEKRA Arbeit Macedonia која ја прашавме:
Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?
Кога би била Дедо Мраз за мојата компанија и HR професијата, мојот подарок оваа година би бил – време и доверба.
Време за сите HR професионалци да се фокусираат на вистински важните работи – градење култура на почит, развој и иновација. Време за темелна анализа на процесите, учење од грешките и создавање поефикасни и транспарентни стратегии.
Доверба – за компаниите да ги препознаат HR тимовите како стратешки партнери, а не само како административна поддршка. Но најмногу – доверба во луѓето, нивните вештини и потенцијал, и инвестиција во нивниот развој.
Со овој подарок, би отвориле врата кон подобра иднина – со ангажирани тимови, задоволни вработени и компании подготвени за предизвиците на утрешниот ден.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.