СЕРИЈАЛ ЗА ПРАЗНИЧНА РЕФЛЕКСИЈА НА 24HR.MK:ВИКТОРИЈА ДАМЧЕВСКА, VP OF OPERATIONS ВО EPEOPLE HUB

од 24HR

Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?

На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.

Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на професионалците кои на директен или индиректен начин се дел од светот на човечките ресурси. Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.

Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.

Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од нашиот празничен серијал!

Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Викторија Дамчевска, VP of Operations во ePeople HUB.

 Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?

Баш е убаво кога човек може да сонува, без да се ограничува со тоа што е реалистично или исполнливо, па затоа кога јас би била Дедо Мраз, би донела и реалистични и магични подароци 🙂

Колку би било убаво кога секоја компанија би имала здрава организациска култура, без политизација, во која директноста, транспарентноста и јасноста не би се сметале за нешто што е недостижно. Компанија во која не постојат лоши менаџери, кои не се под влијание на его-трипови, чија примарна цел е благосостојбата на компанијата и на вработените.

Би било прекрасно доколку компаниите би имале доволно буџет и време за секој вработен да добие персонализиран кариерен пат и развој што го посакува и работно место кое ќе биде создадено токму за да одговара на потенцијалот и амбициите на секој вработен. Секој би ја работел работата што ја сонува, соодветно платен и истата би носела профит на компанијата за која работи.

Зарем не би било чудесно нашата работа да е целосно дигитализирана и со еден клик да се потпише, пристапи, симне тоа што ни треба, наместо дел од нас да се заглавени во купишта хартија?

Би било магично да имаме како HR-и кристална топка, на која ќе можеме да ѕирнеме во иднината како би перформирал кандидатот којшто сакаме да го избереме, за да не треба да поминат месеци пред да дознаеме дали сме го направиле правиот избор.

Колку таа кристална топка понекогаш би ни спасила главоболки и нервози, но и пари на нашите компании.

Би било исполнување на сонот на секого од нас кој работи во овој сектор кога би имале како HR-и целосно одврзани раце да правиме одлуки за нашите луѓе и за работите што се во описот на нашето работно место. Да креираме, да создаваме, да исполниме со значење.

Би било повеќе од нормално да посакаме дека секој вработен би добил онолку колку што заслужува, дека би добил објективна оценка од надредениот и компензација за истата, но и би бил објективен спрема себе и своите постигнувања. Компании базирани на правичност, објективност и отсуство на дискриминација.

Кога јас би била Дедо Мраз, табу темите за кои се плашиме да зборуваме би се отвориле. Мобингот би бил заборавен во минатото, заедно со непотизмот и „барањетоврски“. Менталното здравје би било еден од приоритетите при покажувањето нагрижата кон вработените.

Прекрасно би било во новата година секој вработен да го добие признанието од компаниите за својот придонес и напорна работа, барем да биде виден, а потоа и награден. Да го подариме дарот на значењето на вработените, затоа што без нив компаниите се ништо.

Кога јас би бирала, на компаниите би им подарила љубезност и емпатија, свест дека соработката е двосмерна и дека наметнувањето авторитет и страв е нешто што треба да остане во минатото.

Но, ако мора да замислам само една желба, би ја донела психолошката безбедност за вработените во секоја компанија. Ако се плашиме за нашето работно место, ако работиме во токсична работна средина, со многу озборувања и политизација, под постојан страв дека ако погрешиме ќе „летаме“ од работа, или ако кажеме нешто некој ќе ни се одмаздува, не можеме да бидеме автентични. Не можеме да сме креативни,да веруваме, да се ослободиме од анксиозноста, да го подобриме перформансот, да го достигнеме нашиот потенцијал.

Најважно од сѐ е дека иако не сме Дедо Мраз, секој од нас носи некаква способност и моќ, но и одговорност да направи промена и навистина посакувам во 2025 заедно да се бориме за подобра иднина. Ајде сите заедно да направиме чекор напред и да не заборавиме да сме човечни попатно!

А вие, што вие би направиле за вашата компанија ако сте Дедо Мраз?

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...