Спремен ли си за утре?

од 24HR

Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Се сеќаваш на утре? Е па, денес е. Се сеќаваш кој беше вчера? А утрово? Кој си сега? Кој ќе бидеш утре?

Одговорот е секогаш, Јас. Вчера бев јас, сега сум јас, утре повторно ќе бидам јас. А светот околу мене се променил милионпати со секоја измината секунда.. Се менувам ли и јас? Или, сево ова е само проекција на тоа што сум, на изборите што еднаш одамна сум ги направила и одлуките што сум ги донела?  Какви одлуки носам денес? Какви се моите мисли сега, во овој миг? Каква ли иднина креирам сега? Свесна ли сум за сопствената моќ, или, можеби, по година, две, пет, ќе се вадам на “ама такви се околностите, не е до мене”?

Велат, најголемиот трик на ѓаволот е што не убедил дека имаме време. Не е. Најголем негов успех е тоа што не убедил дека сме немоќни. Е, со ова, завршил добра работа за себе. Не убедил дека сме мали, ситни, немоќни, дека сме вејки на ветрот, дека обичен дожд може да не истопи (па очајно бараме чадор, или, во паника, од дома не излегуваме), две-три снегулки да не смрзнат или сонцето (она на сред небо, се сеќавате? Она што ја дава енергијата на планетава, она без кое живиот свет на планетава не би преживеал) да не спржи, па сме се стуткале, сме се смалиле, сме се вовлекле во сопствените школки и не мрдаме. Што чекаме?  Некој, некаде, да ни ја скоцка иднината убаво, по наша мерка, со розова панделка да ја завитка и да ни ја поклони? (Познавајќи не, и тоа нема да ни се допадне, само ќе одмрчиме дека не е така како што сме си замислувале и пак ќе се вратиме назад, во сопствената дупка).

Се плашиме ли од сопствената моќ, па бираме да сме несвесни, да ги игнорираме случувањата околу себе кои ни говорат јасно, секој ден – Ова е иднината што ти, лично ти, си ја создал пред 20, 10, 5 години, вчера! Ова се твоите избори и одлуки! Ти се допаѓа ли резултатот?

Еднаш, една Ана ми рече “Свесноста носи одговорност. Во моментот кога ќе станеш свесен, не можеш веќе да си инертен, мора да преземеш нешто”. Колку многу беше во право! Ако не си задоволен од ова сега и тука, од животот што го живееш, од работното место, колегите, шефот, ако не те прават среќен релациите во приватниот живот – односите во семејството, пријателите, партнерот… што преземаш во врска со тоа? Каде е твојата улога? До кога ќе дозволиш да бидеш статист на сцената на сопствениот живот?

Или, да се оддалечиме малку повеќе, па да го доведеме нашиот макро космос на сцена – каде се наоѓа во моментов вашата компанија? Знаете ли каде треба да бидете следната година? Кои се вашите планови за тоа? Каде ќе бидете за 5 години? А за 10? Што ќе биде поинакво тогаш? Кои ресурси ќе ви бидат потребни? Со кои вработени ќе успеете да го достигнете планот? Кои знаења мора да имаат тие? Каква опрема ќе ви биде потребна? Колку пари? Од кои извори ќе ги обезбедите? За колку време ќе ја вратите инвестицијата? Каква е вашата улога во целата таа приказна? И, најважно,  што правите сега, во овој миг, за сето ова да стане реалност? Затоа што, утре не е утре, утре е сега. Секогаш е сега.

Знам дека многу луѓе се плашат да погледнат на нештата на овој начин. Не знаат од каде да почнат. Се плашат дека одлуките што ќе ги донесат ќе бидат погрешни. Не погрешни, фатални! Сакате да ви кажам нешто? Не постојат погрешни одлуки. Се додека сте тука, свесни, присутни, се додека рацете ви се во процесот, не можете да донесете погрешна одлука. Можеби резултатот од неа нема да ви се допадне, но еј! тоа е ваша одлука, сте ја донеле најдобро што сте умееле, со средствата, информациите и знаењата што сте ги имале во тој момент. Што не значи дека сега, во овој миг, не знаете подобро. Знаете ли? Па, што чекате? Донесете нова, подобра!

Постои една стара формула која вели: максимално ангажирање, максимална вложеност на себе во процесот, со минимум очекувања на резутатот. Формулата гарантира едно – нема разочарувања. Ако си се вложил целосно во проектот (работната задача, обврската, односите со колегите или и приватно – релациите со партнерот, децата, пријателите и тн.), ако си сторил се она што си умеел, можел и знаел во тој миг, нема разочарувања, само сознание – следниот пат ќе можам да го променам ова и ова, да направам вака и вака, да постапам поинаку.

Разбирате ли? Сите оние футуристи кои се занимаваат со иднината се согласуваат со едно – во секој миг, можни се не едно, туку еден куп различни сценарија. Секое од нив е различно, поинакво, подобро или полошо. Во едно принцезата и принцот се заедно до крајот на животот и среќно си живеат, во друго Трнорушка, во моментот кога принцот ќе ја бакне, будејќи ја од стогодишниот сон, ќе му каже: Не, нема да се омажам за тебе, планирам прво да дипломирам на ПМФ, да магистрирам на Органска хемија, да изработам докторат на тема: Како да го спасиме светот од микропластиката, па дури потоа да родам дете во таков, безбеден свет. На пример. И, сите тие сценарија се еднакво можни.

Она што е важно, е нашата улога во сите тие приказни. Каде сме ние? На сцената или во публиката? Свесни ли сме колку нашите мисли, желби, нашиот поглед на светот, нашите одлуки, нашите Можам! и Знам! влијаат на приказната?

Велат дека и неносењето на одлука е одлука. Не е. Помирување со нечија туѓа одлука е.  Носете одлуки. Не сакам да ви зборувам за процесот на донесување на една одлука, фазите низ кои мисловниот процес проаѓа, верувам дека сите, свесно или несвесно ги знаеме и применуваме, но, сакам да ви кажам – носете одлуки! Не дозволувајте некој друг да ги носи за вас!

Знаете што, за мене, е најдобар показател дека сум донела добра одлука? Дека сум на патот на кој треба да сум? Возбудата која ја чувствувам додека ја носам. Она што ме поткрева од столица, ми ги загрева дамарите и ги усвитува ганглиите. Секогаш, ама секогаш, ја бирам опцијата што носи повеќе возбуда, бидејќи таа ме прави жива, присутна, бара повеќе, не повеќе- бара се од мене! На крај, кога одлуката е донесена, исправноста ја проценувам врз основа на мирот што ми го носи. Ќе ви речат дека некои одлуки се исправни и покрај тежината на душата што ќе ја чувствувате откако ќе ги донесете. Ништо не е подалеку од вистината. Ако треба да бирате меѓу две зла – не гледате добро. Можеби решението не е лево или десно, можеби е горе!?

И, уште нешто. Преиспитувајте ги одлуките што сте ги донеле вчера, пред една недела, пред една година, пред една деценија. Дали денес, сега, во овие чевли што моментално ви се на нозе, со ова знаење што го имате, овие информации што ви се на располагање, би ја донеле истата одлука?

Да? Честитам.

Не? Тогаш, зошто би вложувале во тоа и еден ден од своето време повеќе? Зошто би инвестирале во проект кој можел да се направи стопати подобро, кој не носи пари, ви одзема време, а се држите за него само затоа што ви е познат, затоа што еднаш одамна, бил добра идеја? Или во работно место, партнерска врска, другарство, сеедно.

Сакам да кажам,  се околу вас се менува, врз основа на тоа кои сте вие. Светот, едноставно, се прилагодува на вас, на вашата енергија. Создадете ја својата иднина, останатите ја градат нивната, а вам, можеби, нема да ви се допадне тоа што го замислиле.

Еден ден, по 5, 10, 20 години, кога некој ќе ви го постави прашањето од пред некој ред – дали и денес, знаејќи го ова, би ја донеле истата одлука? ќе можете да се насмевнете и мирно, со полна душа да одговорите – Да. Убава одлука беше тоа.

За авторот:

Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија

0 коментар
2

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...