Станувањето родител:Кариерно унапредување или уназадување?

од 24HR

Колумна на Данче Азманова Мирчевска, Основач на платформата workingmom.mk и Ко-основач на креативната иницијатива TrixieBox

Моментот кога ќе станеш родител, особено за прв пат, животот ти се претвора во еден сладок хаос. 

Никнуваат безброј прашања: 

Како максимално да му се посветам на детето? 

Како да не си ја запоставам кариерата што долги години сум ја градел/а? 

А каде е грижата за себе, социјалниот живот, моето хоби?

Кој/а сум сега всушност јас? 

Дали ќе можам да си продолжам кариерно онаму каде што сум застанал/а? Или треба да се вратам неколку чекори назад?

„Mommy track” и митот дека децата те уназадуваат кариерно

Се враќаш на работното место за да сфатиш дека иако твоите колеги се среќни што си тука, дел од нив те гледаат низ една подруга призма.

Ти си сега „Mommy track”.

„Mommy track”е феномен според кој мајките се доживуваат како помалку посветени или способни на работното место, најчесто откако ќе се вратат од породилното отсуство.

Би сакала да кажам дека овој наратив е далеку зад нас, но, за жал, свесно или не, се уште можеме да го почувствуваме на своја кожа.

Иако статистиката не се согласува со тоа:

„42% oд вработените мајки изјавиле дека станувањето родител позитивно се одразило врз нивната кариера, посветеност и фокус за да успеат”. 

Но, и со бројките на наша страна, овој феномен предизвикува многу млади луѓе со огромни потенцијали да го користат детето како изговор да не преземат никакви кариерни потфати, туку да си останат во својот статус кво. 

Тие се плашат дека штом се вратат на работа, колегите никогаш нема да ги гледаат со истите очи како порано.

И не се далеку од вистината.

Твоето дете – мотивација плус за да успееш

Иако теоретски сум свесна дека децата не ти влијаат негативно врз кариерата, во пракса и јас имав некои ирационални стравови дека сите мои кариерни заложби и успеси преку ноќ ќе ми пропаднат во вода.

Искрено, мојот најголем страв кога станав мајка, беше дека толку многу ќе се посветам на детето, што целосно ќе ги занемарам моите работни обврски како претприемач и контент креатор.

Дури бев подготвена и да си дадам една подолга пауза од работење во случај да не можам сè да постигнам.

На мое големо изненадување, се случи токму спротивното. Мајчинството ми помогна да го извадам на површина потенцијалот што долго време тлеел во мене. Да ја научам важноста на паметното менаџирање со време и мултитаскингот. 

Унапредување или уназадување? Ти сам/ата одлучуваш!

Сè се сведува на еден личен избор: Дали сакаш да си продолжиш со кариерната патека или да го насочиш целиот твој фокус на детето?

Нема погрешен избор. 

Времето што мајките го поминуваат во обврски поврзани со детето е еднакво на 98 часовна работна недела. Ова значи дека мајчинството е еквивалент на 2,5 работи со полно работно време!

Додека бев бремена оваа истражување ми беше фасцинантно, но, сепак сфатив дека реалноста не е баш така. Мајчинството не е 98 часа работна недела – туку 24/7!

Како компаниите можат да ги поддржат своите колеги родители?

Потенцијалот на една личност не гасне, нивните амбиции не пропаѓаат во земја, само затоа што таа личност станала мајка или татко. 

Напротив, се враќаме на работа посилни од претходно, со мотивација плус да успееме, да бидеме пример за тоа мало суштество што нè чека дома што значи да бидеш посветен, реализиран и успешен родител. 

Но, некогаш ни е потребна и мала поддршка, подадена од страна на компаниите за да го постигнеме нашиот максимум.

Екипирана со стотици споделени искуства на храбри мајки и тактовци за кариерните предизвици со кои што се соочуваат како родители, креиравме еден поразличен сет од интерактивни работилници што ќе им помогнат да бидат успешни и на 2та фронта – дома и на работното место.

Како родители, ние од длабочината на срцето се трудиме да постигнеме сè, да бидеме секаде, да бидеме корисни. 

Но, понекогаш во овој хаотичен процес се губиме себе, нашата индивидуалност избледува. На сметка на тоа го губиме фокусот, продуктивноста, стануваме раздразливи, лесно се иритираме, а сето тоа има негативен импакт на работа и дома.

Токму затоа на овие работилници се фокусираме на лесни и ефективни начини како вистински да се грижиме за себе за да бидеме најдобриот родител на своето дете, како да воспоставиме здрав баланс помеѓу работата и семејството, паметно да си го менаџираме времето за да постигнеме сè, ефективно да поставиме кариерни цели и активности како да стигнеме до истите и многу друго.

Ако ова делува како нешто што ќе донесе вредност за Вашите колеги и колешки родители, Ве охрабрувам да ми пишете мејл на workingmommk@gmail.com за да ги добиете сите детали.

За крај, ниту една плата или финансиска стимулација не може да се рамни со наградата што ја добиваш од своето дете – гушкање, насмевки, бакнежи и чувството дека ти си му најважната личност на светот!

За авторот:

Данче Азманова Мирчевска-Основач на платформата workingmom.mk и Ко-основач на креативната иницијатива TrixieBox

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...