Колумна на Ангела Петрушевска – Специјалист за регрутација во ITtude
Фидбек на работното место е процес на давање конструктивни информации или совети на вработените и/или раководството врз основа на перформансите, однесувањето или вештините на работното место.
Повратните информации можат да бидат позитивни или негативни, а двата вида повратни информации се неопходни за растот на вработените и менаџерот. Без разлика дали повратните информации се позитивни или негативни, тие секогаш треба да бидат ефективни и конструктивни.
Како може да влијае фидбекот?
Обезбедувањето на повратни информации (фидбек) е многу важен дел од работната култура во организацијата. На тој начин се создава атмосфера што негува поддршка и раст. Соодветниот фидбек има ефект врз лојалноста, работната етика, перформансите и растот на поединците и тимовите.
Сите може да имаат корист од повратните информации.
Повратните информации и можностите за користење на истите ни помагаат да се подобруваме и напредуваме, без разлика дали станува збор за поединец, група, бизнис, деловна единица, компанија или организација и тие информации може да се користат за да се донесат подобри одлуки. Исто така, ни овозможува да градиме и одржуваме комуникација со другите.
Потребата на фидбекот може да се види и во тоа ако ни е зададена некаква работна задача од страна на претпоствениот и по завршување на таа задача не добиеме информација од негова страна дали е тоа сторено добро и каде може да се подобриме, наредниот пат најверојатно е дека ќе го сториме на истиот начин. Претпоставените треба да имаат комуникација во која ќе информираат за тоа дали таа активност е добро завршена, дали и каде би можело да има простор за подобрување или доколку сè е добрo истото да се извести за да може да се задржи ентузијазмот на вработениот.
Кога се дава фидбек може да има моменти тој да биде толкуван како критика. Затоа треба да биде конструктивен, во спротивно, примачот нема да го гледа како алатка за раст. Давањето коструктивна повратна информација во однос на нивните перформанси може да помогне да ги подобрат своите вештини и да развијат добро однесување.
Насоки за давање конструктивен фидбек
● Пренесените информации потребно е да се дадат со доволно детали за да бидат добро разбрани од другата страна.
● Треба да се биде конкретен.
Кога даваме конструктивни повратни информации, од суштинско значење е да бидеме специфични за областите во кои треба подобрување. Ова му помага на примателот да знае каде да ги фокусира своите напори за подобрување.
● Одберете соодветно место.
Фидбекот треба да се даде лично, на средба 1 на 1. Ова го намалува ризикот од погрешна комуникација што може да се случи кога го правите тоа преку е-пошта или порака и да се избегне непријатното чувство на вработениот особено за давање негативен конструктивен фидбек пред останатите членови на тимот.
● Настојувајте да дадете повратни информации веднаш откако лицето ќе ја заврши работната задача. Ова им олеснува да ги разберат вашите посочени корекции.
● Потрудете се да добиете потврда дали другата страна точно ги примила информациите како што сме имале намера да ги пренесете за да има вистински ефект од фидбекот.
На крајот, исто така не смее да се занемари дека ефективна фидбек комуникација е двонасочна улица затоа треба да ја прашаме личноста што мисли за повратните информации кои ги добила. Активно слушање кога зборуваат и нудење помош во планирањето за како тие можат да се подобрат може многу да придонесе да бидат попродуктивни на работното место.
Доколку организацијата нема изградено култура на давање фидбек вработениот се охрабрува да го побара самиот од својот претпоставен или колегите со цел да има професионален и личен напредок. Давањето и примањето фидбек на работното место може да биде тешко особено каде што не е воспоставено како алатка во организацијата, но вреди и неговите придобивки се навистина значајни.
За авторот:
Ангела Петрушевска – Специјалист за регрутација во ITtude. Водена од мотивот за поврзување на поединци со вистинските можности каде што може да напредуваат и да имаат професионално исполнување.
Дипломиран психолог при Филозофскиот факултет во Скопје, насочена кон важноста на личниот и професионален раст и развој.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.