Колумна на Мирослав Трајковски
Понеделник. Наутро започнува една повторувачка емисија – се вика работна рутина. Добредојдовте!
Започнуваме за кратко после утринските вести. А вестите секојдневно исти. Нема ништо ново што да ви соопштиме, тук-таму по некоја пикантерија, трач или досаден разговор. Вака отприлика изгледа секојдневието во нашето општество.
Во канцелариските простории владее затапеност, одвреме навреме ќе се читнат информации околку најновите случувања во светот. Војни. Нафтена криза, неразрешени прашања околку јавниот превоз, корупција. Дали еврото ќе биде стабилна валута? Дали златото ќе продолжи да расте до плафоните? Дали е време да се тргува на берзите? Прашањата се редат, одговорите се помалку ги наоѓаме во нас но и околку нас.
Секој се фокусира на работата.
Во меѓувреме претходниот ден после работа на кафе-муабет разговараме со една добра пријателка за односите меѓу луѓето. “Знаеш дека низ компанииве постојат луѓе кои не се поздравуваат меѓу себе”, ми вели.
Да. Постојат, тивко одвраќам.
Те гледаат низ ходниците и воопшто не регистрираат дека си во непосредна близина. Не кажуваат едно учтиво добар ден или здраво.
Знам, знам ја уверувам.
Но зошто? Каде е тука нелогичноста ја прашав.
Не знам, немам одговор, ми рече.
Можеби имаат нарушени односи.
После едно деноноќие се обидов да направам мала интроспектива околку односите на луѓето во одредни кругови.
Дали непоздравувањето на човек во непосредна близина претставува грешка? Апсолутно не.
Дали претставува избор? Апсолутно да.
Но дали претставува демонстрација на културолошка развиеност? Хм.
Дали претставува манифестација на одредено етичко достигнување?
Дали претставува дел од манири кои се високо ценети од одредни норми на живеењето?
Категорично одговарам да!
Тогаш каде е проблемот кај луѓето кои не сакаат да кажат едно кратко добар ден, здраво или добра вечер ?
Дали можеби недостига некоја од погоре споменатите нешта? Само прашувам. Дали секогаш причината е нарушен однос? Би рекол не. Постои нешто што се вика ароганција и претенциозност, ми поминува низ глава.
Матурацијата или созревањето не е исто што и пресметаните години од Извод од матична книга на родените па се до сегашниот момент, ниту образовниот профил на една индивидуа. Матурацијата е збир од инкорпорирани знаења, норми, вредности, правила, кодекси на однесување, искуства и различни обележја на една индивидуа во нејзиниот карактер и севкупната личност низ животот.
Избирањето да се поздрави некој познат, или непознат присутен човек во непосредност е приказ на една богато надградена личност но и личност која е показател за континуиран социјален, етички и културолошки развој.
Учтивоста е одлика на скромното и пријатно однесување на еден човек.
Честопати одредени индивидуи многу скапо си ја проценуваат својата учтивост а многу погрешно ја толкуваат својата љубезност.
Учтивоста ниту е скапа доблест, ниту имаме право да се тргуваме со неа. Едноставно ја имаме како дар кој треба да служи за постигнување на умерени, достоинствени и нормални меѓучовечки односи. Љубезноста пак не е слабост. Претставува една добра воља која се демонстрира пред соговорникот во било која позиција или моментум.
Недостигот на љубезност при комуникацијата се нарекува крутост,а во крајни граници преидува и во примитивност.
Едно поздравување во ходник, на скали, во лифт, во кујна или некаде на излез чини малку учтивост и малку љубезност, соодносот помеѓу нив двете е 1:1.
Тој конечно резултира со пријатни интерперсонални односи, поголема мотивација во работењето, кохезија во тимот, покажување на зрелост и човечка природа во крајна линија.
Човек сум и човек си, толку.
Избирањето на молк, намрштена фацијална експресија, не дај Боже и презир, резултира со нарушени односи, крутост во комуникацијата, неразбирање на темите и дискусиите и се разбира неповолни резултати.
Да размислуваме за ова.
Сите имаме право на избор нели?!