Популарната швајцарска гарда важи за една од најмалите војски во светот, а сепак ја има најважната улога – да го заштити животот на Папата. Како се станува дел од оваа елитна служба и кои услови треба да ги исполнат кандидатите?
Швајцарската гарда веќе 500 години се грижи за безбедноста на Папата, а нејзините членови се препознатливи по карактеристичната шарена униформа со сини, жолти и црвени линии кои ги забележал секој што го посетил Ватикан.
Денес, оваа елитна милитиа брои само 110 припадници, меѓутоа она што останало со текот на годините е високиот углед и големата меѓусебна лојалност, како и лојалноста на оној на којшто му служат.
Токму затоа и станувањето на „гардист“ не е воопшто лесна и едноставна работа. Имено, Светата Столица има одредени услови и правила за регрутирање на кандидати кои ќе го заштитат Папата.
На пример, освен физичките и интелектуалните способности на кандидатите, во предвид се земаат и некои други критериуми кои во светот на модерниот HR се сметаат за дискриминаторни.
Може да се пријават само мажи помеѓу 19 и 31 година кои не се во брак
Во конкурсот кој неодамна го објави гардата стои дека можат да се пријават само мажи меѓу 19 и 31 година кои не се во брак. Дополнително, тие мора да бидат католици со швајцарско потекло и притоа да имаат добро здравје и беспрекорна репутација.
Обуката во швајцарската армија е исто така еден од основните предуслови.
Гардата исто така ја зема во предвид и висината на кандидатите. Секој кандидат мора да биде висок најмалку 1.74 метри за да биде потенцијален член на швајцарската гарда.
Кандидатите кои ќе бидат примени во швајцарската гарда ќе можат да стапат во брак после пет години од нивната служба.
Поголема улога на жените
Оваа воена единица, чија главна мисија е заштита на папата, се состоела исклучиво од мажи уште од своето настанување во 1506 година. Но, тоа наскоро би можело да се промени.
Имено, нивната најнова касарна во Ватикан, која ќе започне со изградба во 2026 година, ќе биде наменета за сместување на првите гардистки, доколку папата Фрањо им дозволи да станат дел од швајцарската гарда.
Гардата постои од 1506 година односно од времето на Папата Јулиј Втори. Тој ги замолил швајцарските власти да му испратат војска од 200 припадници заради заштита на Ватикан. Швајцарија го прифатила повикот и на 22 јануари со марширање пристигнале првите 150 војници.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.